Со насмевки, прегратки и заслужени сертификати завршија детските креативни работилници, организирани во рамките на 56. издание на фестивалот „Илинденски денови“, оставајќи зад себе незаборавни спомени, нови пријателства и многу детска креативност.
Во изминатите денови, фестивалските простори беа исполнети со љубопитност, игра, истражување и творечка енергија. Под водство на посветени уметници и педагози, најмладите учесници имаа можност да цртаат, да експериментираат со светлина и сенка, да го оживуваат глуварчето и да ткаат – симболот на овогодишното фестивалско издание. Преку овие активности, децата покажаа дека традицијата најсилно живее тогаш кога ќе стане дел од нивната имагинација.


На свеченото затворање, сите учесници добија сертификати како признание за нивната креативност, љубопитност и посветеност. Но, најголемата вредност што ја понесоа со себе не е сертификатот, туку искуството стекнато низ заедничкото дружење, првите уметнички чекори и чувството дека се дел од големото семејство на „Илинденски денови“.
Организаторите упатија искрена благодарност до уметниците, педагозите, родителите, волонтерите и сите соработници кои придонесоа работилниците да бидат успешни и исполнети со детски насмевки.




До најмладите фестивалци беше испратена и порака да продолжат да сонуваат, да создаваат и да ја негуваат својата љубопитност, затоа што токму од неа растат идните уметници, творци и чувари на културното наследство.
Со завршувањето на овие работилници уште еднаш се потврди дека „Илинденски денови“ не е само фестивал што ја слави традицијата, туку и место каде што таа се пренесува на новите генерации – со љубов, игра и креативност.
Традицијата продолжува.
фотограф | Сашо Ставрев







