familija

Ова не е само статија, ова е огледало кое сурово и немилосрдно ги покажува брчките, но не на вашето лице туку на вашата душа.

Нема да зборуваме за педагогија, ќе зборуваме за правда и за онаа старата народна- што ќе посееш тоа ќе ожнееш. Доколку цел живот сте сееле кај вашите деца страв, вина и обезвреднување, немојте да се чудите што жетвата на залезот на вашиот живот ќе биде студена самотија.

Доста е со илузии. Доволно е од кукање од неблагодарни деца. Подгответе се бидејки ќе зборуваме за тоа како вие од најсвети побуди со свои раце си го копате гробот наречен осамена старост!

А во суштина сите се плашиме од тоа.

Во длабочината на нашата душа, во најмрачните, најсрамни мисли се плашиме да не умреме сами. Се плашиме дека во староста кога ќе сме немоќни, болни и беспомошни покрај нас нема да има никој и дека ќе нема кој да ни подаде чаша со вода.

Сите ние искрено веруваме дека нашите деца се нашата осигурителна полиса. Наша инвестиција и депозит во банка под името мирен живот во староста. Па ние сме ги родиле, хранеле, облекувале, носеле во училиште и што уште не и тие нас ни се должни.

Вашите деца ништо не ви должат.

Ни најмалку. Ни капка. Односите со децата не се банкарски сметки во кои само додаваме пари и чекаме камата. Тие се градина којашто треба да ја полеваме. И тоа секој божји ден. И наместо со вода треба да ја полеваме со љубов, почит, прифаќање. Доколку цел живот таа градина ја ѓубрите со вашите  критики и манипулации, зошто воопшто се чудите што никнале трња и бршлени?

Денес ќе говориме за четирите најпопуларни типови на родители кои ја уништуваат нивната жетва во иднина. Доколку се препознаете – освестете се, можеби не е доцна нешто да промените.

  1. Тиранин – така реков јас и така ке биде

Вие сте генерал, вашиот дом е касарна, а вашите деца глупави, мрзливи регрути кои треба секогаш да бидат постројувани, казнувани и контролирани. Вашето главно оружје – стравот, викањето, каишот, понижувањето… Искрено верувате дека одгледувате дисциплина и почит, но всушност одгледувате омраза и беспомошност. Вашите деца не ве почитуваат – ви се плашат! А тоа се две различни работи. Додека се мали и зависат од вас ќе бидат покорни. Ќе одат како по конец и ке прават тоа што ќе им речете, но во нив ке расти туморна маса полна со омраза. И доаѓаме до денот кога регрутот ќе порасне. Сега е физички и финансиски независен. Во тој момент туморната маса ќе пукне со сета сила акумулирана со децении. Таа сила или ќе го турне на спротивната страна на светот и никогаш повеќе нема да го видите, или уште полошо ќе ви врати за сè! И тоа со камата! Сета суровост, сето понижување – ќе започне да се однесува спрема вас како вие што се однесувавте спрема него. Зошто? Затоа што вие го научивте на тој јазик – на јазикот на силата.

Што ке биде со вас во староста? Во најдобар случај – потполно смрзната рамнодушност. Формални повици за празници. Пари уплатени на картичка како откуп. Ќе ви помага, не од љубов туку од мешавина од вина и страв од општествена осуда дека не е лош син или ќерка. Но нема да биде со вас. Затоа што вашето присуство и понатаму во него предизвикува животински рефлексен ужас. Вие сте нивни прекинувач и ноќна мора. Сакате да бидете генерал? Честитки! Ќе умрете како пензиониран генерал – во самотија, во празен штаб опкружен со духовите на победите од минатото.

  • Родител жртва – јас на тебе го потрошив целиот живот

Е ова е мајсторство! Главно оружје – вината. Вие сте вечниот маченик или маченик кој се жртвувал за своите неблагодарни деца. Не викате туку патите. Воздивнувате и гледате со прекор. Секое ваше барање не е молба туку сметка за уништување на детството.

Ти излегуваш да се забавуваш, а јас овде сам… потполно сам…

Толку ми е лошо и притисокот ми е висок, најверојатно затоа што вчера не ми одговори со почитување.

Го имате претворено односот на вечен пазар за долгови. Тргувате со својата љубов и грижа, а од детето барате да ви плати за тоа. Вашето дете расте со железно уверување  -„Јас сум причина за патењето на мама/тато.  Не смеам да имам желби – тоа е егоизам. Морам да ги усреќам.“

Ова не е љубов. Ова е емоционален инцест и доживотно ропство. Што ке биде со вас во староста? Можеби ќе биде вашето дете со вас. Физички ќе биде, но нема да биде човек. Тоа ќе биде неговата изгорена испразнета лушпа и заложник кој ќе се грижи за вас, но не од љубов туку од вина. Затоа што толку вешто сте го врадиле тој програм во него да поинаку не може. Ќе ве мрази во тишина, затоа што сте му го украле животот. А вашата старост ќе помине во загушлива атмосфера од меѓусебна тивка омраза. Ќе бидете заедно, но тоа ке биде затвор, а не фамилија.

  • Родител – проценител. А синот на пријателот…

Вие сте вечната испитна комисија, а животот на вашето дете – бесконечен испит кој никогаш не може да го положи со одличен успех. Секое негово постигнување вие го дочекувате не со радост туку со споредување. Доби петка? Браво. А можеше и на олимпијада да победиш. Пронајде добра работа? Колку те плаќаат? Знам некој што го плаќаат повеќе.

Никогаш не сте задоволни. Мислите дека така го мотивирате на поголеми достигнувања. А всушност му ја уништувате самодовербата. Му испраќате едноставна порака – ти си таков каков што си, и тоа не е доволно. За да бидеш сакан мораш секогаш да докажуваш дека си подобар од другите.

Вашата љубов е условна. Тоа всушност не е љубов туку обично пазарење. Вашето дете цел живот ќе трча во тој идиотски маратон за да добие ваша пофалба. За тоа колаче со кое му мафтате пред носот, но никогаш не му го давате. Да, ќе достигне кариерни висини и ќе заработува огромни пари, но внатрешно ќе има бездна затоа што се што прави не прави за себе туку за вас.

Што ќе биде со вас во староста? Луксузна старост! Најдобри доктори, скапи одмори, негуватели, но ќе го немате она главното. Својата топлина. Своето време што никогаш нема да ви го даде. Зошто? Затоа што го научивте дека односите се достигнувања. Достигнувањето е платена сметка. Сакавте и добивте успешно дете. Успешно и целосно застрането од вас. Затоа што никогаш не ве интересирало кое е тоа туку само неговите медали.

  • Родител – најдобар пријател

Оваа е најподла замка. Изгледа како сон и нема граници. Ги делите со детето возрасните проблеми – се жалите од партнерот, финансиските потешкотии, одите заедно на забави… едноставно сте на иста бранова должина и мислите дека градите доверлив однос. А всушност правите злосторство со тоа што го одземате детството од детето. Врз него префрлате родителски функции. А тој се претвора во вашето рамо за плачење. Ваш психотерапевт, ваш партнер. Тоа се вика парентификација. Не може да ви рече не затоа што ве „сака“. Приморано е да носи тежина неприлагодена за неговата возраст или статус. Не може да се потпре врз вас затоа што вие се потпирате врз него.

Му го одземате правото да биде дете. Правото на свои тајни, свои грешки и свој простор. Го гушите со „пријателска“ љубов.

Што ќе биде со вас во староста? Тука е крајот најнепредвидлив. Или ке остане ваш вечен инфантилен „пријател“ неспособен да изграде лична фамилија затоа што местото на неговиот партнер е веќе заземено од вас, или доколку има среќа и оди на терапија во одреден момент ќе крене бунт и тоа суров и немилосрден бунт кој за вас ќе изгледа како предавство. Нагло и грубо ќе ја пресече папочната врвца затоа што тоа ќе му биде единствен начин да се спаси од гушењето. А вас ќе ве остави потполно збунет. Како се случи тоа? Па ние сме најдобри пријатели. Не, не сте му биле пријател – сте му биле најголемата тежина.

Знам како ви звучи ова. Сурово и грубо, но ова е видено илјадници пати. Животот е праведна гадотија. И секогаш доставува сметка. Вашата старост – тоа не е нешто што ви припаѓа од раѓање. Тоа е жетвата што ја имате посеано. Огледалото во коешто се одразуваат вашите дела. Престанете да се жалите на огледалото ако лицето ви е искривено.

Што да направите ако се препознавте себеси во една од категориите? Да паднете пред нозете на детето и да молите за прошка?

Не! Тоа е повторно манипулација. Вашето дете нема да ви поверува.

Единствен начин е да го промените своето однесување. И тоа веднаш! Прекинете со контролата. Прекинете со обвинувања, споредување и да го користите детето како ваш психолог. Почнете да го почитувате. Како одвоена возрасна личност со негов избор, негов живот и негови граници.

И можеби кога ќе види наместо зборови вистински доследни постапки, во неговото срце наместо омраза и страв ќе почне да израснува нешто друго. Простување? Не! Ќе израсне тажно возрасно разбирање. И можеби желба да биде со вас. Не затоа што мора туку затоа што сака.

Ова е вашата единствена шанса и немојте да ја прокоцкате!

Врвни изведби и силни пораки: затворен 27. Фестивал на монодрама во Битола
Со доделување на фестивалските награди и изведбата на претставата „Гидионовиот јазол“, синоќа …
Пролетни алергии: првите симптоми и како да се подготвиме
Со доаѓањето на пролетта, природата се буди, дрвјата цветаат, а времето станува …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Чај од ловоров лист за кашлица и воспалено грло

Ловорот се користи во третман на дигестивни и кардиоваскуларни нарушувања, гихт и…

„Парите се отепувачка“ на Ристо Крле, актуелна реалност на Македонците, 84 години од првата изведба

Во 1938 година првпат беше изведена драмата „Парите се отепувачка“ од Ристо…

(ВИДЕО) Солза и смеа со ново комично видео – Трудна

Комичното шоу „Солза и Смеа“, на задоволство на своите фанови, ја започнува…

Свети Нектариј Егински, создателот на химната кон Пресвета Богородица „Света Дево“

,,Света Дево“ е една од најпеаните црковни Химни која ја напиша и…