dejan kolumna 26.11

Пишува: Дејан Нашоку

Сите зборуваат за физичкото здравје. Колку вода да пиеме, колку чекори да правиме, колку калории да броиме. Но ретко кој зборува за умот, за тој стар, непознат механизам што ја движи целата наша реалност. 

Депресијата не е тага. Тагата е чувство. Депресијата е состојба. Тагата доаѓа и си оди. Депресијата останува, тивка, густа, како магла што ја гуши логиката. Таа не е само меланхолија или „лош ден“. Депресијата е палета од стотици сенки: омалаксаност, страв, безвредност, стегнато срце, празен поглед, умор што не се лечи со спиење, кратка еуфорија и мотивација, итн. Тоа е чувство дека животот ти се случува надвор од сопствената кожа.

Депресијата не е црна боја, таа е безбојна. Тоа е чувство како да живееш под вода, каде звукот е пригушен, светлината е далечна, а секое движење е борба против гравитацијата на една невидлива рана. Депресијата е утро кога се будиш без цел, ден што се одвива без тебе, и ноќ што те чека како сенка. Тоа е тромиот пулс на душата што не може да се забрза со логика. Светот околу тебе продолжува, а ти стоиш во место. Заглавен во сопственото тело.

А најлошото е што тоа се мисли што никој не ги гледа. Тие бубачки во черепот што гребат и шепотат:

„Не вредиш.“
„Ти си терет.“
„Светот би бил подобар без тебе.“

Овие гласови не се фантазија. Тие се најстудената анатомија на умот што страда. И да — тие лажат. Секогаш! Но додека ги слушаш, чувствуваш како да се единствената вистина што ти останала.

И еве ја суровата реалност што многумина не сакаат да ја чујат: никој човек не е виновен ако не го разбира ова!

Ниту семејството. Ниту пријателите. Ниту партнерот. Ниту било кој што добронамерно ќе ти каже:
„Ајде, излези малку.“
„Оди прошетај.“
„Не биди тажен.“

Да, звучи сурово. Да, звучи навредливо. Но тие луѓе не се виновни. Тие луѓе не можат да ја видат темнината што не е нивна. Како што слепиот не гледа светлина, така и човек што не ја има почувствувано депресијата, не ја разбира. И тоа е во ред.

Бидејќи борбата е наша. Наша и на никој друг. Нашата темнина, нашите мисли, нашата внатрешна војна. Не смееме да ги обвинуваме другите за болката што живее во нас. Не смееме да им ја даваме вината за она што тие никогаш не го почувствувале.

Самоубиството? Тоа е последната погрешна врата што човек ја гледа како излез кога сите други исчезнале. Трајно решение за привремен проблем. Но дури и тогаш, никој не е виновен. Ниту блиските. Ниту општеството. Ниту „тие што не разбирале“. Ние сме души што носат сопствен товар. Сопствени мисли. Сопствени избори. Сопствени падови. Сопствени рани.

Суицидалните мисли не се драматични, не се гласни, не доаѓаат со драма и оркестар. Тие се тивки паразити, мали бубачки што си го прават гнездото во темните делови на умот. Тие не викаат, тие шепотат. Секогаш со истата фраза: „Не вредиш.“

И не ја кажуваат како осуда, туку како логичен заклучок. Тие не те туркаат, те убедуваат. Не те напаѓаат, те мачат, те трошат. Тоа не е желба за смрт, туку изморен ум што сака тишина, пауза од сѐ. Тоа е лажно убедување што повикува да исчезнеш само за да престане внатрешниот шум.

Човек во депресија може да седи во соба полна луѓе и сепак да чувствува дека е во дупка длабока неколку километри. Светот околу него се движи нормално, шеги, разговори, дружење, а во него се слуша само еден отсутен, здушен ехо што повторува: „Никој не би забележал ако те нема.“

Тоа не е реалност, тоа е илузија на изморениот ум. Но додека трае, изгледа како единствената вистина. Таа внатрешна изолација е една од најстрашните работи што човек може да ги почувствува.

И во оваа темнина, меѓу сите можни оправдувања, меѓу сите претпоставени виновници, постојат две нешта што можат да спасат човек: истрајност и љубопитност.

Љубопитноста е чудо. Да собериш доволно сила за да помислиш:
„А што ако има уште нешто?“
„А што ако утре е малку подобро од денес?“
„А што ако не сум дојден до крајот, туку сум на почетокот на нешто ново што не го разбирам?“

Љубопитноста не бара храброст, не бара смелост, не бара кој знае каков подвиг. Бара само да сакаш да видиш што ќе се случи понатаму. Да истраеш низ својот пекол.

И еве ја вистината што никој не сака да ја чуе. Во оваа борба не треба херој, публика, признание или да бараме виновници или индиректно да наговестуваме како сме ние виновни доколку ме забележиме дека некој има тешка внатрешна борба. Никој не е одговорен и виновен за нашата борба. Само ние сме одговорни за нас! 

А другите луѓе, можите да бидите само со подобри манири, култура и осет кога сте во комуникација со партнерот, фамилијата, пријателите, колегите, итн. Не кошта ништо.  Тоа е доволно. Тоа е огромно. Тоа е човечко. И што и да е, запамти, никогаш не си сам/а!

Интервју со Владанка Крстевски: Комедијата е најтешка за играње, но и најискрена
Публиката ја познава како водителка на емисијата „Качамак“, но Владанка Крстевски сигурно …
Бутин: Одбери ја силата што ќе те одведе до (не)нормалното – Њутнови закони
Сакаш да се движиш само по права рамна линија, и тоа по …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Телевизијата можеби и не е мртва, но ТВ рекламите сигурно се – колумна на Наташа Велковска

Пишува: Наташа Велковска, директор за ПР и продукција во Represent Communications Компаниите…

Бутин: Немојте да попуштате – го боли светот

Пишува Биљана Т. Димко Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да…

Бутин: Која е поентата да ги сакаме само оние кои и нас нѐ сакаат?

Пишува: Влатко Стојковски „А, што би било кога болката би ја чувствувал…

Стефанија Шаркоски: Македонија – земја на тивката болка и гласниот дух

Македонија. Земја мала по големина, но голема по срце. Народ кој знае…