Отворањето на нови поглавја во реализирањето на хуманата мисија е во тесна корелација со следењето на актуелните трендови на општественото опкружување, а особено делот на инклузија во адресирањето на поддршката до најранливите категории.

Токму преку слушање, гледање и поврзување на потребите на корисниците, Општинската организација на Црвен крст Битола на 3.12.2025 година го направи овој голем чекор со отворање на новите простории каде што ќе бидат сместени услугите:

-Лична асистенција на лица со попреченост која ООЦК Битола успешно ја спроведува од 2018 година.
-Новиот сервис Итно Копче кој ќе започне со имплементација од 2026 година наменет за стари лица што живеат сами, со кој преку притискање на копче на алка ќе се обезбеди помош од обучени лица.
-Како и услугата Помош и нега во домот, за кој Општинската организација, ќе започне со постапка за лиценцирање во 2026 година.

Дополнително се изврши презентација на Дневниот центар за стари лица со активно стареење кој е проект финансиран од Светска Банка и ќе биде пуштен во употреба по завршување на постапката за лиценцирање во 2026 година.

На отворањето на новите простории присуствуваше Градоначалникот на Општина Битола Д-р Тони Коњановски, Генералниот Секретар на Црвен крст на Република Северна Македонија Д-р Саит Саити, Претседателот на Општинската организација на Црвен крст Битола Д-р Лилјана Ристевска, како и Секретарот на Општинската организација на Црвен крст Битола Кристијан Крстески.













