Екипата на Битолскиот театар со претставата „Ако останеш дома“ по мотиви на Карој Сакони и екипата на Бабец театарот со „На гости кај Кате и Фреда“ по делото на Ингеборг фон Задов, двете во режија на Јован Ристовски, гостуваат во Трелеборг, Шведска, на покана на македонско-шведското друштво „Пелистер“.
Битолскиот театар ќе ја изведе претставата во сабота, 6 декември, во салата „Паркен“ во Трелеборг, со почеток од 18:00 часот. Претставата „На гости кај Кате и Фреда“ ќе биде изведена истиот ден во 11:00 часот.
„Ако останеш дома“ е драма во еден чин, во која главните улоги ги играат Јулијана Мирчевска и Васко Мавровски. Станува збор за секојдневна приказна во која лесно ќе се препознаат млади брачни парови. Инспирацијата за претставата, како што вели режисерот Ристовски, е секојдневието на обичните луѓе.
„Мој впечаток е дека народот е несреќен повеќе од три децении, без разлика која политичка партија е на власт. Сиромаштијата создава лоши состојби во духот на човекот. Во претставата мажот и жената симболично се во кафез, а во публиката гледаат птици што го изгубиле духот и својата музика“, вели Ристовски.
Организаторите додаваат: „Наместо обична саботна вечер, на 6 декември ви нудиме излез од секојдневната рутина со претставата ‘Ако останеш дома’ во изведба на актерите од Битолскиот Народен Театар. Со секој купен билет го поддржувате работењето на ‘Македонска библиотека Трелеборг’ и придонесувате за развојот на македонската заедница во Шведска.“

Сценографијата за претставата „Ако останеш дома“ е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а продукцијата е финансирана од сопствени средства на Битолскиот Народен Театар.
Драмскиот детски текст „На гости кај Кате и Фреда“ важи за едно од најдобрите современи германски драмски дела за деца на возраст 5+. Оваа исклучителна драма обработува важни теми како промени, инклузија, прифаќање и неприфаќање на различностите, како и една од најзначајните теми – емпатијата.
За претставата, организаторите нагласуваат: „Нека вашите деца ја почувствуваат убавината на театарската уметност во овие претпразнични денови.“
Во претставата играат: Јулијана Мирчевска, Катарина Аневска Дранговска и Марија Стефановска. За сцената и костимите се погрижи Јован Ристовски, а дизајнот на светло е на Игор Мицевски. Премиерата беше изведена во рамките на ИДТФ „Битолино“, по повод 14. роденден на Бабец театарот.









