Членовите на групата Brass Brothers го лансираа својот нов сингл, за кој велат дека е електро-брас енергија наменета за фестивалските и клубските подиуми.
Овој сингл претставува вистинско освежување на домашната сцена – создаден е да ги размрда телата и срцата на публиката, токму во стилот по кој се познати Brass Brothers.
Brass Brothers годинава слават 12 години од своето постоење. Зад себе имаат најголем број настапи во Република Македонија и важат за највеселиот и најенергичен бенд на домашната сцена. Нивните настапи се синоним за незаборавна забава, динамика и безрезервна позитивна енергија. Енергијата што ја носат на сцена и во песните е доказ за нивната успешна приказна.
Во бендот настапуваат:
Коста Бетоски (алт саксофон), Пере Мелов (труба), Никола Митрев (труба), Ник Де Карло (туба), Јован Мартиновски (диџеј) и Горан Мицевски – Кус (тромбон).

Песната е авторско дело на фронтменот на бендот, Горан Мицевски – Кус, кој уште еднаш докажа дека знае како да ја долови есенцијата на модерниот звук, споен со богатството на брас инструментите. Со фестивалски и заразен groove, „Move Your Body“ веќе најавува летна доминација на бините и танц-подиумите низ Македонија и пошироко.
И покрај енормниот број ангажмани и динамичниот распоред, Brass Brothers во моментов не се во можност веднаш да ги реализираат видеозаписите за новите песни, но најавуваат дека тие дополнително ќе бидат промовирани пред јавноста – со соодветна визуелна поддршка и креативна продукција што ќе ја надополни нивната музичка експлозивност.
Во моментов, бендот паралелно работи на дури два целосни албума:
„Balkan Mayhem“, инспириран од балкански фолк-етно мотиви, и
„We Are Energy“, кој навлегува во електронскиот и клубски звук.
Со овие два стилистички различни проекти, Brass Brothers уште еднаш ја потврдуваат својата креативна широчина и способност да експериментираат со жанрови, а притоа да останат верни на својот заштитен знак – моќни брас линии и експлозивна енергија.
„Move Your Body“ е достапна на сите дигитални платформи.








