Со свеченост што ќе се одржи на 23 мај 2025 година со почеток во 20 часот, на платото Монмартр пред Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ во срцето на старата битолска чаршија, ќе биде отворена 44. Светска детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“.

Колонијата ќе трае до 30 мај и ќе опфати креативно сликање на староградската битолска архитектура, како и еднодневни ликовни посети на Охрид и манастирот Свети Јован Бигорски. Секој ден ќе се доделуваат по четири награди за најдобри цртежи, а на свеченото затворање на 30 мај ќе бидат прогласени 12 талентирани учесници, најдобар ученик и најдобро школо.

Со отворањето на колонијата се отвора и 43. Светска детска ликовна изложба по конкурсот „Битола 2025“, за кој годинава пристигнаа рекордни 80.000 детски творби на слободна тема од деца и млади од 4 до 21 година, испратени од над 800 училишта и младински центри од 85 земји. На конкурсот беа доделени 15 награди за најдобри колекции, 177 Златни палети и 223 дипломи за талентирани ученици, како и 21 покана за учество на делегации на колонијата.




На годинешната колонија ќе учествуваат вкупно 150 гости – ученици, професори и родители од 18 делегации од 17 земји, меѓу кои се: Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Индија, Израел, Малезија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Русија, како и региони од Турција – Трабзон и Своето отсуство оправдано го најавија делегациите од Кина, Јапонија и Португалија.

Во рамки на Монмартр ќе бидат реализирани и неколку изложби. Ќе биде отворена главната изложба со наградени дела со Златна палета од конкурсот, на која се претставени 1.555 деца од целиот свет. Дополнително, на 26 мај во Магазата ќе бидат изложени дела на уметниците Вејсел Аџар од Турција и Мариа Дима од Романија. На 29 мај во Офицерски дом ќе се отвори изложба со дела од минатогодишното издание, посветена на истиот објект, кој веќе четврта година по ред се слика во рамки на Монмартр.








