Публиката ја познава како водителка на емисијата „Качамак“, но Владанка Крстевски сигурно и самоуверено чекори по патеката на успехот и на театарската сцена. Нејзината улога во претставата „Разбуди се Тина“, која беше распродадена во рекордно време, уште еднаш ја потврди нејзината актерска зрелост и посветеност. Во разговор за „Читај бе“ со Елеонора Блажевска, Владанка зборува за креативниот процес, за улогата што ја игра со срце, за мајчинството, балансот меѓу приватниот и професионалниот живот, како и за новите проекти кои ѝ даваат дополнителна мотивација и инспирација.

Читај бе: „Разбуди се Тина“ беше распродадена во рекордно време. Како течеа подготовките и за каква улога станува збор?
Владанка: Подготовките беа интензивни, но многу инспиративни. Секоја проба нè водеше подлабоко во приказната, а тимот беше неверојатно посветен. Улогата на Елена е интересна и предизвикувачка – жена која поминува низ навистина интересни ситуации. Беше вистински предизвик да го пронајдам нејзиниот внатрешен глас и да го преточам на сцена, за мене комедијата е најтешка за играње.



Читај бе: Какво дете бевте? Како се разликува вашето детство во Куманово од детството на вашиот син денес?
Владанка: Бев многу љубопитно и креативно дете. Растев во време кога игрите беа на улица, со многу дружење и едноставни радости. Денес, светот е побрз и поинаков, но се трудам мојот син да ја има истата топлина и слобода што ја имав и јас – само во денешни услови.
Читај бе: Како успевате да ја балансирате улогата на мајка, сопруга, водителка и актерка?
Владанка: Не секогаш е лесно, но учам да поставувам приоритети. Дома сум пред сè мајка и сопруга, а работата ја правам со многу љубов, но и со дисциплина. Балансот не е нешто што еднаш се постигнува – тоа е процес секој ден.
Читај бе: Во време кога сите брзаме, како успевате да останете смирена и полна со позитивна енергија?
Владанка: Научив да дишам, буквално и метафорично. Многу ми помага да одвојам време за себе, да бидам благодарна и да не се обидувам да контролирам сè. Женственоста ја чувам така што си дозволувам да бидам и силна и нежна во исто време.

Читај бе: Кога зборувате за вашиот син, во очите ви се гледа посебна светлина. Што ве научи тој за љубовта и животот?
Владанка: Ме научи дека љубовта е едноставна, чиста и вистинска. Децата не комплицираат. Ме научи да се враќам кон она важното, да бидам трпелива и да гледам на светот со повеќе радост.



Читај бе: „Мама, не си сама“, нов проект. За што станува збор и како се снаоѓате како водителка во овој проект?
Владанка: Ова е проект кој ми е особено драг, бидејќи зборува за поддршка, солидарност и реални приказни на жени. Како водителка се обидувам да бидам искрена, внимателна и чувствителна кон секој гостин. Секоја приказна е своја вселена.
Читај бе: Како поминуваа вашите студенски денови?
Владанка: Прекрасни! Полни со работа, но и со дружби, смеење и учење од искусни професори. Тоа беа години во кои се формирав и како личност и како актерка.

Читај бе: Што чувствувате за време на претставата, а што по завршување?
Владанка: За време на претставата сум целосно во ликот – адреналин, концентрација и длабока посветеност. По завршување, чувствувам огромно олеснување, благодарност и убаво празнење, како да сум оставила дел од себе на сцената.

Читај бе: На социјалните мрежи често споделувате моменти од вашите проби. Кој е вашиот омилен дел од процесот на правење претстава и зошто?
Владанка: Пробите! Затоа што тој процес е процес на истражување, пробување, грешење, повторно пробување… таму се раѓа магијата. Го сакам моментот кога ликот почнува „да дише“ низ мене.


Читај бе: Колку е голема поддршката од вашиот сопруг и колку таа влијае за еден уметник?
Владанка: Влијае многу – со разбирање. Иако не ја делиме истата работа, тој ја разбира мојата динамика, потребата од проби и вложување. Поддршката што ја имам од него ми дава стабилност и мир.


Читај бе: Кога го гледам син ми гледам…?
Владанка: …најискрената верзија од љубовта. И најубавиот доказ дека вреди да се бориш и да растеш секој ден.

Читај бе: За крај кажете ми ги вашите идни проекти, што ново ни подготвувате?
Владанка: Работам на нова театарска претстава Сакатиот Били од Инишман како и на телевизискиот проект КАЧАМАК. Секогаш се трудам да носам нови приказни и предизвици – тоа ме движи напред.









