Наташа Илиева е битолчанка која веќе десет години живее во Словенија, во живописниот Копер. Мајка на близначки, љубителка на планините и активен спортист, таа зад себе има бројни лични и спортски подвизи. Четири пати го има освоено највисокиот врв на Словенија – Триглав, а еден од тие подвизи го направила со своите ќерки кога имале само една и пол година! Денес, Наташа е фитнес тренер, фудбалски судија и наскоро лиценциран спасувач во вода. Со својата енергија, храброст и љубов кон животот, таа инспирира многу жени да го следат својот сон и да не се плашат од предизвици.

Читај бе: Најнапред кажете ни нешто за себе…
Наташа: Горда мајка сум на близначки кои во блиска иднина ќе станат врвни гимнастичарки и спортистки, како мајка им — можеби и подобри од мене. Не знам што би кажала за себе, бидејќи има толку многу што би можело да се напише и цела книга.




Читај бе: Наташа, веќе десет години живеете во Словенија. Како изгледаше тој ваш почеток далеку од Битола и што најмногу ве задржа таму?
Наташа: Да бидам искрена, Битола е незаменлива. Почетокот беше тежок — нова средина, нов јазик, нова култура… Но Копер ме освои со морето, чистотата и културата на живеење. Токму тоа ме задржа таму.

Читај бе: Четири пати сте се искачувале на Триглав – а највпечатливо е тоа што еден пат тоа го направивте со вашите деца, кога имаа само една и пол година! Како изгледаше тоа неверојатно искуство?
Наташа: Четири пати го имам искачено Триглав, највисокиот врв во Словенија, а повторно ќе го направам тоа уште многупати, бидејќи тој врв е посебен и полн со предизвици. Иако е оддалечен околу 200 километри од Копер, ако живеев поблиску, ќе одев секој викенд – како што порано одев на нашиот Пелистер.
Уште во текот на бременоста бев многу активна – до шестиот месец се искачував до планинарскиот дом Копанки. Пријателите ми велеа дека близначките ќе бидат големи планинарки, и така и направив. Уште од најмали нозе ги однесов на неколку врвови во Словенија – прв им беше Триглав, на само една и пол година, потоа Нанос (1313 м) и Славник (1030 м).



Читај бе: Веројатно многумина ќе се прашаат – како се решивте на таков предизвик? Што беше вашата најголема мотивација?
Наташа: Тоа беше прекрасно искуство. Секој родител најдобро си ги знае своите деца и колку ризик може да преземе. Не се сметам за аматер – повеќе од 10 години активно планинарам, но не се ни преценувам. Кога ја спомнав идејата да се искачам на Триглав со децата, повеќето ме критикуваа, освен легендата на спортот Јоце Смилевски, кој веднаш прифати да ни се придружи и за него беше голем предизвик искачувањето соддецата. Одредивме датум на искачување, се обратив до Метео Словенија да се осигурам за временските услови. Подготвките беа повеќе психички отколку физички – проверка на временските услови, опрема, лекови, прва помош и осигурување. Среќа, децата одлично ја поднесоа висината и долгото качување, 8-чаовното седење во ранци во еден правец до планинарскиот дом Планика, со кратки паузи…




Читај бе: Кој момент од сите тие искачувања на Триглав ви останал најдлабоко во сеќавање?
Наташа: Секое искачување си има своја приказна, но најубавото беше токму тоа со децата. На 2.300 метри надморска височина, во планинарскиот дом, беа разиграни, весели и полни со енергија. Планинарите беа воодушевени од најмалите планинарки и дури ги нацртаа на лист хартија – Ана и Ања на врвот Триглав – и го закачија цртежот во домот. Горда сум што тие се првите и најмладите Македонки на таков подвиг, а јас сум првата битолчанка која по 30 години повторно се искачила на Триглав.




Читај бе: Освен планинарењето, во Словенија активно се занимавате и со фитнес. Што ве привлече кон овој начин на живот и како фитнесот ве менува – физички, но и ментално?
Наташа: Поради големата зафатеност со домашни обврски, пред две години решив да се запишам на фитнес. Како спортист, свесна сум за важноста на професионален пристап, па изнајмив приватен тренер. За многу кратко време ме охрабри и ми даде силна мотивација да станам и самата фитнес тренерка. Многу сум благодарна на мојот тренер Клавдиј Гризон.
Покрај фитнесот, сум и фудбалски судија, а наскоро и лиценциран спасувач во вода. Рекреативно возам ролери, велосипед, играм тенис, одбојка, ракомет, кошарка и уживам во скијање.








Читај бе: Како успевате да го усогласите семејството, децата, работата и времето за себе?
Наташа: Многу е тешко, но ќе кажам едно – кога се сака, сè се може.

Читај бе: Што би им порачале на жените кај нас кои сонуваат за повеќе авантури, патувања и лични предизвици, но често се плашат да направат прв чекор?
Наташа: На секоја жена, мајка и кралица ѝ препорачувам да се бори за своите права и за своите соништа.

Читај бе: Како изгледа еден ваш типичен ден во Словенија – од утринските навики до моментите за одмор?
Наташа: Мојот секојдневен ритуал е енергичен. Станувам во 7 часот, пијам утринско кафе околу еден час, а потоа, кога ќе ги испратам децата на училиште, почнуваат активностите – состаноци, тренинзи, бизнис-кафиња, сè до 19 часот. Потоа следуваат два часа посветени на децата и нивните училишни обврски, а навечер повторно работа – пишување и одговарање на мејлови.
Читај бе: Кога ќе дојдете во Битола, што прво сакате да направите – има ли нешто што секогаш ви недостига од дома?
Наташа: Во Битола одам често, на секои два месеци. Прво што правам е да ги гушнам и видам моите родители, братот, снаата и внуката, а потоа и пријателите и роднините. И, секако, кафе на најубавата улица на светот – Широк Сокак.








