Разговараше: Маја Богоевска
На само 17 години, Ана Спиркоска од Битола веќе чекори по патот на еден редок и речиси заборавен занает – филигранството. Нејзината љубов кон накитот започнала уште како дете, преку обиди со бакарна жица и мониста, но денес, по завршена обука и голема посветеност, Ана создава рачни уметнички дела од сребро. Во време кога малку млади се охрабруваат да влезат во светот на традиционалните техники, таа ја обновува магијата на филигранот и го спојува старото со модерното. Ова е приказна за млад талент, за трпение, упорност и креативност која не познава возраст.

Читај бе: Од каде ти се роди желбата за изработка на накит? Има ли некој во семејството кој се занимава со правење накит?
Ана: Желбата за изработка на накит кај мене се појави сосема спонтано, неочекувано. Во семејството немам некој којшто се занимава со нешто слично, а јас како единствено дете дома, секогаш сум наоѓала интересни начини да го поминам времето. Посебно за роденденските подароци – секогаш се посветувам на нив, особено ако се за некој близок. И токму така започна мојата приказна со накитот – кога бев шесто одделение се обидував да смислам креативен подарок за мојата најдобра другарка и по некое време се сетив: да ѝ го напишам името со жица. На почетокот тоа беше обично хоби кое го правев неколку дена со ред, а потоа заборавав на него дури и по неколку месеци, поради тој мал милион други интереси со кои си го пополнувам времето.
Читај бе: Како изгледаа твоите први обиди – со какви материјали започна пред да преминеш на сребро?
Ана: Првите обиди беа баш детски, најпрво со бакарна жица, а потоа и со мониста. Пишував имиња со жица, потоа почнав да изработувам прстенчиња, обетки и по некоја белегзија. Но, имајќи предвид дека накитот беше направен од 11 годишно, самоуко дете, мислам дека парчињата беа баш слатки! Со тек на време, изнајдов разни техники, а и материјали кои би биле потрајни. Подолг период работев со алуминиумска жица и на инстаграм направив „мал бизнис“, што доведе до тоа да бидам „позната“ меѓу пријателите по невообичаеното хоби.

Читај бе: Кога и како се пројави љубовта кон филигранството? Што те привлече кон оваа техника?
Ана: Пред околу две години, разговарав со мојата мајка за техники за изработка на накит и таа ми го спомна филигранот. Како дете на петнаесеттина години, секако дека не знаев што точно е филигранот, но во наредните месеци почнав да го забележувам сѐ почесто и почесто. Филигранот за мене беше, и се уште е посебен. Ми се допаднаа деталите и нежноста – навистина е посебен и се издвојува од сите останати техники. Особено ме заинтригира фактот што сѐ е направено рачно. Очигледно е дека за изработка на едно парче е потребно големо внимание и трпение, а токму тоа и ме привлекува.

Читај бе: Минуваше обука – колку беше тешко да се научи работата со сребро и филигранскиот процес?
Ана: Мене обуката повеќе ми претставуваше задоволство, отколку работа. Искрено, не ми беше тешко, туку невообичаено и чудно. Не бев навикната на тие нови чекори во создавањето накит, но една придобивка од претходното искуство со накитот, е што веќе имав основни предзнаења кои навистина ми го олеснија процесот на учење. Најголем страв ми претставуваше дека нештото нема да ми успее и ќе морам да почнам одново, притоа трошејќи материјал. Но голема поддршка ми беше менторот, а и родителите, кои ми укажаа на фактот дека грешките се дел од процесот на учење, а не пречки поради кои треба да се откажам.

Читај бе: Што е она што најмногу те инспирира да изработуваш филигрански накит?
Ана: Корените на мојата инспирација длабоко продираат во она секојдневното и заборавеното. Она што ни е пред очи секој ден, а сепак не го забележуваме. Кога ми е досадно, сакам да погледнам околу себе со надеж дека нешто ново ќе ми падне в очи. Јас не го дизајнирам накитот – тој веќе бил дизајниран долго пред да постојам. Јас сум само таа што формите од природата ги преточува во парчиња накит.

Читај бе: Дали можеме да кажеме дека си една од најмладите, можеби и најмладата филигранистка во Битола?
Ана: Имајќи предвид дека филигранот е уметност која за жал изумира, ретки се луѓето кои се занимаваат со неговата изработка. Кога бев на обука, менторот ми имаше кажано дека никој на толку рана возраст не се заинтересирал за изработка на филигран и отпрво беше зачудена кога дозна дека ќе работи со шестнаесетгодишна девојка. Така што, да, верувам дека сум најмладата филигранистка и тоа не само во Битола, туку и пошироко.

Читај бе: Како реагира околината – твоите другарки, семејството, професорите – кога го гледаат накитот што го изработуваш?
Ана: Искрено, од различни луѓе добив различни реакции. Голем дел од другарите не знаеја што е филигран, но откако дознаа и видоа што изработувам беа пријатно изненадени. Тие имаа видено што изработував претходно, но промената од накит од алуминиум до сребрен филигран беше огромна. Ме прави среќна тоа што ме поддржуваат и се радуваат со мене и за мене. Семејството беше и сѐ уште е мојата најголема поддршка, во секоја смисла на зборот, а јас сум крајно благодарна за тоа. А за професорите, многу мал дел од нив знаат. Оние коишто се запознаени со мојата нова вештина, кога дознаа, беа зачудени, главно поради тоа што не е лесна техника, јас сум млада, а истовремено сум одлична ученичка и се интересирам за бројни полиња како што се литература, јазици и психологија.

Читај бе: Имаш ли најомилено парче накит што си го создала досега? Зошто баш тоа?
Ана: Најомилено парче накит досега ми се првите обетки кои ги направив по обуката, кога конечно почнав да работам дома. Секако, омилени ми се бидејќи се први, а сепак мислам дека се толку прекрасни. Не сум видела ништо слично на нив и тоа ме радува.

Читај бе: Кој накит ти беше најтешко или најголем предизвик да го изработиш?
Ана: Најголем предизвик ми беше еден привезок за ланче. Специфичен е поради формата, зашто на обуката научив дека е тешко да се добие и да се задржи кружната форма. Исто така, работев на поголема површина и можностите за исполнување на просторот беа бесконечни. Но, откако го изработив, сфатив дека направив нешто што ми изгледаше невозможно.

Читај бе: Кога најчесто работиш – дали имаш посебни моменти или навики кога си најкреативна?
Ана: Секој слободен момент кој ќе го добијам, го користам за изработување накит. Со оглед на тоа што сум трета година во Горната Гимназија, времето ми е ограничено, па најчесто работам за време на викендите. Но, едно нешто што сакам да го напомнам, е дека филигранот не ми претставува обврска, туку задоволство. Тоа е нешто што го правам со љубов и ме опушта после долгите часови учење.

Читај бе: Како се снаоѓаш со материјалите и алатите што ти се потребни за работа?
Ана: Можам да кажам дека снаоѓањето со материјали и алати е еден од најголемите предизвици, со оглед на тоа што не се лесно достапни во Македонија. Сепак, мојот ментор ме упати каде да се обратам и од каде да ги набавам, па успевам да си ги обезбедам сите материјали и алати.
Читај бе: Што планираш за во иднина? Дали планираш да се надоградуваш, да учиш нови техники или можеби да отвораш мал бизнис?
Ана: Во моментот изработувам накит по нарачка и имам свој профил на инстаграм, а во иднина, секако, би сакала да го официјализирам како бизнис. Многу би сакала и понатаму да се надоградувам и да учам, било во областа на филигранот или некоја друга техника. Овој занает ме привлекува и би сакала секогаш да е дел од моето секојдневие. Но, секако, на прво место ми е да се стекнам со високо образование. Како што кажав претходно, имам бројни интереси и на еден од нив би сакала професионално да се посветам, додека изработката на накит ќе ми биде паралелна дејност.









