simona naslovna

Под Пелистер, каде секоја светлина има своја тишина – уметницата и архитектка Симона Мирчевска ја создаде својата најнова изложба En Plein Air: На Отворено. Делата не се родени во ателје, туку директно во природата – таму каде што планината станува платно, а моментот – боја.
Особено значајно, Симона ги создаваше овие апстрактни пејзажи во осмиот месец од својата бременост, внесувајќи во секој потег двоен животен ритам – својот и оној на детето што го носеше. Таа искрена поврзаност со природата, телото и времето, го прави проектот En Plein Air повеќе од уметнички чин – тоа е сведоштво за живот, движење и создавање.

Во разговор за Читај бе, Мирчевска зборува за процесот на сликање на отворено, за внатрешниот пејзаж што го носи во себе, и за тоа како Пелистер ја обликува нејзината уметност и поглед кон светот.

simona 10

Читај бе: Вашата најнова изложба „En Plein Air: На Отворено“ е создадена директно во природата, на Пелистер. Што ве инспирираше токму таму да го лоцирате целиот процес на сликање?

Симона: Пелистер е жив организам во постојана промена – место каде што природата, историјата и човековото присуство се преплетуваат.

Пејзажот не е само збир од дрвја, полиња, патишта и езера, туку конструкција во времето – слоевита структура составена од искуства, знаења и вештини на културите што живееле во тоа поднебје. Во тој контекст, планината станува сведок и чувар на колективната меморија.

Преку сликарството настојувам да ја документирам токму таа динамика – историјата и времето во кое постоиме сега, сегашноста – како дел од подолг континуум на природни и човечки процеси.

simona 11

Читај бе: Плен-ер сликарството има долга традиција, но вие го толкувате на современ начин. Како ја гледате разликата меѓу класичното и вашето денешно „plein air“ искуство?

Симона: Plein-air сликарство (сликарство на отворено), во својата најстрога смисла, претставува практика на сликање пејзажни слики надвор од ѕидовите на еден објект; постигнувањето на еден интензивен впечаток на отворена (француски: plein air) пејзажна слика.

За мене, „на отворено“ не значи само физичка локација, туку отвореност кон процесот, кон случајноста и промената. Современото plein-air сликарство постојано се редефинира, исто како и поимот „пејзаж“ – веќе не е само видливиот простор пред нас, туку и внатрешниот пејзаж што го носиме.

Апстрактниот пристап ми овозможува да ја истражам таа релација меѓу надворешниот и внатрешниот свет – преку нови идеи и техники, каде експериментирањето станува суштински дел од процесот на создавање.

Читај бе: Делата на „En Plein Air“ се апстрактни пејзажи. Како одлучувате кои елементи од реалниот пејзаж ќе ги задржите, а што ќе трансформирате во апстракција?

Симона: Осврнувањето кон одредени аспекти на пејзажот кои сакаме да ги истакнеме или толкуваме е првиот чекор од процесот. Непотребните детали се поедноставуваат или се исфрлаат и на тој начин се создава алтернативна форма на уметничка документација која го доловува духот на местото – неговото „спирито орто“. Потоа со користење на просторните односи, формите, боите и текстурите се постигнува рамнотежа и визуелна хармонија, а апстракцијата додатно овозможува да се почувствува енергијата и моќта на природата во тој конкретен момент на време и простор.

simona 17

Читај бе: Во вашите текстови велите дека природата е „и надворешна глетка и внатрешно доживување“. Како изгледа моментот кога пејзажот преминува во лична емоција на платното?

Симона: Естетските квалитети на пределот, неговото разнообразие на форми и бои создаваат субјективни впечатоци кај оној кој гледа. Моментот кога пејзажот преминува во лична емоција на платното е кога вниманието се свртува кон внатрешноста – кон импресијата која ја буди емотивната енергија на природата, нејзината сила и моќ како наш исконски дом, како дел од човековото наследство и традиција.

Читај бе: Вие сте архитектка и уметница. Колку архитектонското образование и искуство влијаат врз вашиот визуелен израз и композициите во сликарството?

Симона: Архитектурата и сликарството за мене се две страни на истата просторна мисла. Архитектонското образование ме научи на дисциплина во набљудувањето на просторот – на начинот на кој светлината, структурата и материјалот создаваат однос. Таа свесност природно се прелева во сликарството, каде композицијата ја градат истите принципи на рамнотежа, мерка и ритам.

Во суштина, мојот визуелен израз е резултат на постојано балансирање помеѓу аналитичкото и поетското – помеѓу редот што го бара архитектот и слободата што ја следи уметникот. Верувам дека токму во таа тензија, во обидот да се внесе поредок во хаосот, се раѓа она што го препознавам како сопствена естетика.

simona 7

Читај бе: Дел од вашите претходни проекти се занимаваа со музеологија и дигитализација на културното наследство. Дали и како тоа искуство го пренесувате во вашата уметност?

Симона: Просторот и пејзажот носат мемории и духовни слоеви. Музеологијата, посебно новиот осврт во новата музеологија каде од музејска зграда се преминува во музејска територија и дигитализацијата на културното наследство, ги третираат асоцијативните вредности на местата и природните артефакти кои се пренесуваат генерациски. Пелистер и планината Баба се носители на природна убавина и духовно доживување во битолската традиција, а преку интердисциплинарен пристап и холистичка интерпретација се обидувам да ја доловам врската помеѓу човекот, заедницата и наследството. На тој начин, уметноста станува продолжение на самата територија и една своевидна форма на живото сведоштво.

Читај бе: Со учествувањето во меѓународни колонии и изложби, имавте можност да ја претставите Македонија пред странска публика. Како тие реагираат на вашите дела инспирирани од Пелистер?

Симона: Многумина ја препознаваат универзалноста што ја носи природата – мир, големина, духовност – дури и ако никогаш не ја посетиле лично таа територија. Тогаш станува јасно дека пејзажот не е само географска локација, туку живо доживување кое пренесува емоција и чувство, дека духот на Пелистер може да допре до далечни култури и да ја поврзе публиката со мојата љубов кон природата и нејзината естетика.

Читај бе: Вашиот творечки пат е препознатлив по врската меѓу архитектура, пејзаж и визуелна уметност. Каде се гледате во иднина – повеќе како архитект, како сликар или токму на тој пресек?

Симона: Мојот дициплинарен пресек се движи помеѓу архитектурата и сликарството, но најмногу ме привлекува токму истражувачкиот аспект – разбирањето што значи уметноста денес, како таа комуницира со просторот, како влијае врз чувствата и имагинацијата и како создава врска помеѓу човекот и светот околу него. Во овој процес, различните дисциплини се испреплетуваат; композициониот пристап ги доведува една до друга појавите кои инаку не би се сретнале, создавајќи нови смисли и асоцијации. За мене, уметноста и науката не се одвоени, туку се дел од исто битие – токму во нивната хармонија се креира мојот пристап, и тоа е она што ја дефинира мојата работа и творечкиот идентитет.

Читај бе: Изложбата „En Plein Air“ е поддржана како проект од национален интерес. Какво значење има за вас ова признание и колку е важна институционалната поддршка за современите уметници?

Симона: Признанието дека „En Plein Air“ е поддржана како проект од национален интерес има значајна вредност, бидејќи ја потврдува видливоста на вложениот труд, концептуалниот и креативниот пристап, како и посветеноста кон уметничката интерпретација на природата и културното наследство. Институционалната поддршка е особено важна за младите уметници, кои се на почетокот на својот професионален пат и се во фаза на обликување на својот експресивен идентитет. Кога институциите не функционираат адекватно ја ограничуваат можноста на уметниците да го развиваат својот талент и потенцијал, и го откриваат деценискиот системски проблем во институционалниот однос кон културата во нашата земја. Постојат јасни обврски да се обезбедат услови и поддршка за раст и развој на младите уметници, бидејќи тие го претставуваат идниот културен потенцијал на нацијата.

Читај бе: Кои се вашите идни планови – дали веќе размислувате за следна изложба или проект и дали повторно ќе продолжите да се враќате на Пелистер како ваша неисцрпна инспирација? 

Симона: Идните проекти и изложби се секогаш присутни во моето размислување и планирање; креативниот процес не познава запирање. „En Plein Air“ ја реализирав во осмиот месец од бременоста, што ја прави изложбата уште поинтензивна и значајна за мене. Пелистер останува неисцрпен извор на инспирација – неговата врска со битолската традиција, неговата естетска и духовна вредност, како и длабоката лична поврзаност што ја чувствувам, секогаш ќе ме враќа кон него како симбол и неизбежен дел од мојот креативен свет.

JK Travel
Емпатите и нивната неверојатна способност да читаат луѓе
Емпатите имаат способност интуитивно да „гледаат низ луѓето“ — но не во …
Зачнување на свети Јован Крстител
На овој ден се прославува милоста, чудото и мудроста Божја; милоста кон …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

ChatGPT: како да го користите виралниот чат-бот со вештачка интелигенција за кој сите зборуваат – анализа на Магдалена Аневска

Пишува: Магдалена Аневска,директор за маркетинг воНова Солутионс Битола Неминовно, иднината што доаѓа е…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…