Gamze Matracı е турска пејачка. Таа, освен пеењето турска музика, пее и македонска народна музика. Голем вљубеник е во Македонија и Битола, а за себе вели дека ужива кога пее и дека само тогаш е своја на своето. Таа за Читај бе откри дел од нејзиниот приватен живот, многу за нејзините нови проекти и нејзината музика, како и за љубовта кон Македонија и македонската музика.
Преводот од турски на македонски, како и целото интервју, го направи Елеонора Блажевска.
Читај Бе: Гамзе, ќе започнам со твојот најнов проект, кажи ми за твојата нова песна.
Гамзе: Точно така, имам нов проект. Станува збор за преработка на македонска народна песна. Таа е снимена уште пред долго време, се вика „Ка ми испаднала мома Катина“, за која наскоро ќе снимам и спот и ќе го споделам со сите мои обожаватели.
Читај Бе: Од каде желбата и идејата да почнеш да пееш и преработуваш македонски песни?
Гамзе: Моето семејство во 1956 година се преселило од Македонија во Турција, и можам да кажам дека јас сум личност која растела и живеела во таа култура. Татко ми беше музичар и свиреше македонска народна музика. Јас и мојот брат го продолживме неговиот пат и горди сме на тоа, а ќе напоменам дека и мојот сопруг е многу добар музичар.
Читај Бе: Која македонска песна ти е омилена и би сакала во иднина да ја снимиш?
Гамзе: Јас сум голем љубител на македонската народна музика. Во последно време меѓу омилените песни ми се „Елено ќерко Елено“ и „Јано Мори“. Постојано ги слушам, а кој знае, можеби во иднина ќе ги снимам и тие песни.
Читај Бе: Од каде потекнува твојата љубов кон Македонија?
Гамзе: Моите корени се од Македонија, конкретно од Велес. Како што напоменав, во 1956 година моето семејство се преселило во Турција. И ние во Турција, како македонски иселеници, живееме во истите региони и сè уште ја негуваме таа култура. Фактот што татко ми беше музичар ми овозможи да пораснам опкружена со македонската народна музика.
Читај Бе: Што мислиш, што Турците мислат за нашата музика? Дали се слуша?
Гамзе: Верувала или не, во Турција балканската музика е многу слушана и омилена. Постои публика од речиси 30 милиони луѓе кои се потомци на иселеници од Балканот што се вратиле во својата татковина. Тие ја слушаат, а благодарение на тоа што балканската музика е ритмична и пријатна, може да се каже дека ја слуша цела Турција.
Читај Бе: Твојот татко беше музичар. Дали од него ја наследи дарбата за оваа уметност?
Гамзе: Да, секако. Татко ми беше Ајтунч Невзат Матрачи, еден од најважните изведувачи на балканската музика во Турција. Љубовта и дарбата ги имам од него.
Читај Бе: Кој град ти е омилен во Македонија, или место на кое често се враќаш?
Гамзе: Македонија е многу убава, но мојот омилен град е Скопје, а се разбира и преубавата Битола.
Читај Бе: Кога повторно ќе доаѓаш во Македонија со нов концерт?
Гамзе: Во Македонија доаѓам во ноември. Ќе имаме голем концерт со групата „Фонтана“ и Благојче Трајковски.
Читај Бе: Дали подготвуваш нешто ново? Нова песна или можеби албум?
Гамзе: Имам проекти на кои продолжувам да работам, но планирам да ги објавувам како посебни синглови.
Читај Бе: Што е она на што си најгорда во животот?
Гамзе: Се гордеам што сум културен амбасадор и горда сум што ѝ служам на оваа култура.
Читај Бе: Опиши ми ги твоите концерти во Македонија, како изгледале?
Гамзе: Во декември 2005 година дојдов во Битола како гостин-изведувач на концертот на групата „Фонтана“. Реакциите беа многу убави и позитивни. Следниот ден, додека шетав по улицата „Широк Сокак“, сите се фотографираа и разговараа со мене,што ме направи посебно среќна. Деновиве повторно се подготвуваме за концертот на „Фонтана“. На 27 ноември ќе бидам гостин-изведувач на овој концерт во Центарот за култура во Битола и го поканувам секој љубител на македонската музика да се придружи на нашето патување низ музиката на 27-ми.
Читај Бе: Спомна дека твоето семејство има потекло од Македонија, работиш овде и пееш на македонски, но дали знаеш да го зборуваш нашиот јазик?
Гамзе: Не многу. Знам онолку колку што ми е потребно за нормална комуникација со луѓето и за моите секојдневни потреби, но не сметам дека е тоа многу и не сум сигурна додека го зборувам.