nikolina kolumna

Кога бевме деца, имаше многу убави, густи шуми. Големи и силни корени, цврсти стебла и здрави лисја. Дрвјата беа испреплетени, како да се гушкаат меѓусебно. А корените, длабоко извезени во земјата, како множество од конци, подготвени за изработка на килимче. Земјата мирисаше на скап парфем, а луксузот тогаш, речиси и да не беше во мода.

Во мода тогаш беа некои страсти што денес не можеме да ги перцепираме од скапите рамки на очилата за сонце. А сонцето лаже дека грее- само млачи или мрачи, во зависност од промајата во ќелиите на централата за прием на бесмислици. Наутро се слушаше звукот на гребењето на ножето премачкано со путер врз лепчето од бабините златни раце.

Ех, златни раце… денес тоа е синоним за прсти опсипани со злато и нокти прелиени со светликав калај во разни бои. Златните раце на баба ми, пак, немаа ниту грам злато, ниту калај разнобоен. Тие зрачеа со смелост и храброст; тие раце беа вредни, повредни и од златото што е во епицентарот на денешниот интерес. Седнати едни до други, го чекавме врелото млеко помешано со имитација од чоколаден прав, кој беше поблаг и од најскапиот колач сервиран во чинија трипати поголема од платата на дегустаторот.

Сѐ уште заспани, како низ магла, го слушавме подготвувањето на ручекот: чукањето на чиниите, звукот на чешмата и гласот на баба ми како тивко ги повторува состојките за ручекот. Тоа беа звуците кои секое утро ни го цртаа сонцето во ќошот на листот. Листовите на кои цртавме најчесто беа остатоци од пресметките на месечните трошоци на родителите. Врз тие пресметките ги собиравме нашите соништа, а ја одземавме способноста за создавање на лоши светови. Пресметките на баба ми беа навидум едноставни.

Преку целиот месец ја планираше дозата на љубов со која ќе нѐ засити, а деноноќно размислуваше за изборот на морални вредности со кои ќе нѐ послужи во дневната порција. Секојдневно во порцијата ќе ставеше добрина помешана со блага човечност, а на крајот додаваше малку почит, емпатија и скромност. Порцијата беше преполна, а нашите души презаситени. Нашиот народ често умее да каже: „Не секогаш ситот навистина е сит, но не секогаш и гладниот навистина е гладен.“ Ја слушав оваа реченица често, ама бев дете и не знаев колку тежи секој нејзин збор. Денес, сликите со полни маси и презаситени луѓе го прикажуваат вечниот глад на сиромашната душа.

Денес, ситите се најгладни! Порано, баба ми ни кажуваше за сиромаштијата, за топките направени од крпи, за црвените налани, за училишната торба од конци, за куќичките од песок.. и што ли не. Сиромаштијата на баба ми ми изгледа премногу богата за денешново време- невреме. Сите јадевме од порциите кои баба ми ги служеше. Тогаш таа беше спокојна, зошто знаеше дека сите сме сити и дека ни подготвила квалитетна порција- порција што здравје за желудникот значеше. Сега пораснавме. Кај некого порцијата остана како вечна традиција, а кај некого желудникот ја свари толку брзо што ни траг не ѝ остана.

Жално! Баба ми беше мудра жена. Немаше којзнае какво школо, ама животот ја научи на сѐ што школото не може. Често, пред спиење ни ја раскажуваше приказната за Јованче и Марика и басната за детето и говедарот.

Секоја вечер додаваше нешто повеќе во раскажувањето, но секогаш раскажувањето го завршуваше со една реченица: „Деца мои, умниот човек кој нема сила ќе совлада стотина со сила.“

Тогаш силата имаше поинакво значење, за разлика од денешната сила. Денешнава сила се претставува преку изопачени морални вредности и желбата за власт над другите луѓе. Денешницата е време на интелектуална сиромаштија, меѓу скапоцени дипломи со евтино значење. Денешницава е тажна реалност и лажна слика што глуми апстрактно дело со розов акцент на некаков си измислен „успех“.

Денешницава глуми образование:  преполни факултети за да се стигне до диплома, а знаење ‒ не мора! Прашањето е „зошто“ , а одговорот е нем, безгласен и интелектуално незрел. Дипломите станаа социјална сензација и дел од инфлуенсерскиот свет, каде главното мото е: „Ова е почеток на патот до успехот“. Почеток на успех? На чиј успех? Тоа е успех на најчесто користената европска валута, која дава што дава квантитет и психичка мотивација за измислена еманципација. Дипломата тенка и беззначајна како и материјалот со кој е „заслужена“. А, дипломираниот, во улога на Херкул со наметка од лавовска кожа.

Жална е реалноста и сликата на нашево време, преполно со набилдани умови.
Сега го разбирам секој збор на баба ми. Покрај порцијата, јас секогаш добивав и десерт‒ засладен со горчлив шеќер и неколку парчиња совет.

Благодарна сум што барем малку го почувствував нејзиното време. Нејзините порции уште се во мене, ги чувам и живеам со нив. А нејзините приказни и мудрости ќе им ги раскажувам на сите генерации, затоа што нејзините мудрости го осветлија мојот пат.

Нејзиното дело‒ вечно ќе живее во мене!

Зошто да одите на бања оваа сезона?
Ако барате место каде што ќе се опуштите, ќе го подобрите здравјето …
Светски ден на менталното здравје – момент да застанеме и да се погледнеме внатре
Во светот што постојано брза, каде што денот ни минува меѓу рокови, …
meblo trejt baner

Претплатете се за новости

You May Also Like

Телевизијата можеби и не е мртва, но ТВ рекламите сигурно се – колумна на Наташа Велковска

Пишува: Наташа Велковска, директор за ПР и продукција во Represent Communications Компаниите…

Бутин: Немојте да попуштате – го боли светот

Пишува Биљана Т. Димко Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да…

Бутин: Која е поентата да ги сакаме само оние кои и нас нѐ сакаат?

Пишува: Влатко Стојковски „А, што би било кога болката би ја чувствувал…

Стефанија Шаркоски: Македонија – земја на тивката болка и гласниот дух

Македонија. Земја мала по големина, но голема по срце. Народ кој знае…