Ванкуверскиот крајбрежен морски волк, волкот од островот Ванкувер, крајбрежен волк или само морски волк е подвид на сивиот волк ендемски вид од крајбрежјето на пацифичкиот северозапад. Ова е уникатен подвид на волк поради верувале или не полу – воден начин на живот. Неговата исхрана е скоро целосно морска.
Овие зачудувачки суштества живеат на островот Ванкувер и во големата прашума на мечките во Канада, во провинцијата Британска Колумбија.
Островот Ванкувер се наоѓа во североисточниот дел на Пацификот и е најголем остров на западниот брег на цел американски континент. Околу овој остров има и голем број на мали острови. Иако е доста населен, само на островот има околу 850 000 жители, сепак овој остров како и големата прашума на мечките важат за едни од најмалку експлоатираните места од човекот, пред се поради климатските и теренските услови, и има делови од шумите што се буквално недопрени. Овие делови се отсекогаш населени, а домородното население или уште наречено првата нација уште од најстари времиња живее тука, а и има изградено однос со морските волци.
Една од главните карактеристики што ги раздвојува од останатите волци, е тоа што морските волци можат да пливаат и до 12 километри помеѓу островите. Овие миграции многу често се сезонски, следејќи го лососот – нивниот омилен извор на храна.
Морските волци имаат исхрана што е помеѓу 75 и 90% од морето. Една четвртина од нивната исхрана е лосос, на којшто му ја јадат само главата. Останатото се разни ракови, школки, краби и друго што можат да најдат по брегот, исфрлени тела што ќе ги исфрли плимата од големи морски животни дури и китови, и ловат морски цицачи што живеат во околината како видри фоки и нивните млади.
Се движат како духови по брегот и вистински се борат за својата храна – нешто што ги приморало и да пливаат, што е крајно необично. Морските волци се едни од најексклузивните суштества кои живеат во големата прашума на мечките. Иако се многу тешки да се забележат, тие се главниот предатор на овие простори дури понекогаш напаѓаат и мечки.
Вековите ги преживеале недопрени најмногу поради тоа што тој дел од светот е многу малку експлоатиран и нивната животна средина е недопрена. Но, зачудувачки, со домородците наречени првата нација имаат легендарни вековни конекции. Древните верувања велат дека волците не се појавуваат освен ако не треба нешто да ни кажат. Според кажувањата во дамнешно време племето Хеилтсук од првата нација живеело заедно со волците. Дури имаат и легенда за мистично суштество наречено Гонакадет морскиот волк – силен, великодушен и скромен морски волк којшто можел да се претвори и во човек. Се велело дека најголема среќа е да успееш да го видиш или да му го слушнеш завивањето.
Морските волци никогаш не вкрстиле гени со сивите волци. Помали се за триесетина проценти и е задржана разликата мажјакот е поголем од женката. Гените со сивиот волк што се смета за нивни најблизок роднина се доста различни. Никогаш не мигрирале во внатрешноста и секогаш се држат по брегот на студеното море сѐ до Алјаска, скриени од очите на јавноста живеејќи си го својот невообичаен живот.