Годинешното 6. издание на Џез фактори фестивал, ќе се одржи од 13-ти до 15-ти април во Битола со настап на повеќе реномирани џез музичари од Македонија и странство.
„Целта за одржување на ЏФФ е да понуди нови културни настани и да го збогати културниот живот во Битола, придонесувајќи кон подобри културни можности за граѓаните и создавање позитивна културна атмосфера што ќе ги привлече и задржи младите да останат и да живеат во Битола преку џез-културата како стожер на социјални општествени промени, запознавање нови култури, градење современо европско општество за сите“, изјави директорот и основач на Џез фактори фестивалот професорот Сашо Поповски.
Фестивалот ќе биде отворен со настапот на Баба Сисоко од Африка, Тони Китановски од Македонија и Васил Хаџиманов од Србија во Битолскиот театар.
Baba Sissoko доаѓа од Мали. Неприкосновен мајстор на Тамани (зборувачки тапан) за кој инструент бил инициран од неговите предци Djeli Baba Sissoko, Djeli Maka Sissoko и Djatourou Sissoko. Тој исто така со подеднаква природна умешност користи и нгони (традиционална гитара од Мали), камаленгони („инструмент за млади мажи“, харфа-лаута од 6 до 12 жици наштимани со гласот на музичарот), балафон, калабаш, гитара, висат и секако пее.
Роден во Бамако, Баба потекнува од родот на предците на Малиските Гриоти, чија должност во однос на традицијата е „да се помират срцата и душите“ како што вели тој и додава: „ мојата музика не ми припаѓа мене, туку им припаѓа на сите …за мене музиката е мир“.
Тони Китановски сака да се опише себеси како композитор кој свири гитара. Десетте години поминати во Бостон, благодарение на целосната стипендија на Беркли, беа исполнети со уникатни и екстремни музички откритија кои сега ја обликуваат бојата на неговиот музички глас.
По враќањето во Македонија егзотичните звуци на мултикултурното ткиво на Бостон, каде традиционалната музика од секој замислив дел на светот може да се најде зад аголот во секое време, беа заменети со подеднакво интригантна балканска разновидност на музички бои засновани на модови и ритми на антиката, византиски и источните традиции.
„Стравот е само илузија, не плашете се да пробате нови неочекувани решенија во вашата музика“, ќе каже Китановски.
Хаџиманов е добро познат на битолската публика. Човекот кој е со фестивалот од самите почетоци, имено токму тој го изведе првиот концерт на Џез фактори фестивалот. „Васил со неговото акустично трио за прв пат ја распродаде салата на Народниот Театар и ни го подари највозбудливиот концерт во нашата фестивалска историја“, стои во соопштението од фестивалот.
Овој пат ќе го видиме во оригинален проект кој е специјално креиран токму за Џез Фабрика на сцена со Баба Сиссоко и Тони Китановски.
После нив следува настапот на Славен Љујиќ триото од Црна Гора и Баптист Хербин од Франција. „Славен Љујиќ трио со Хербин“ е проект кој вклучува извонреден мулти-инструменталист и композитор, Иван Маровиќ од Црна Гора на гитара и Тин Џаферовиќ од Хрватска на контрабас; Баптист Хербин (Париз, Франција) на алт саксофон и Славен Љујиќ на тапани, кој е основач на групата од Црна Гора.
Триото пред неколку месеци го објави својот деби албум кој беше снимен во живо за време на фестивалот DEUS во Подгорица, Црна Гора во декември 2022 година.
Следниот ден е резервиран за настапот на Милан Петровиќ квартетот од Србија и Liquid Carpet од Словенија.
„Милан Петровиќ“ квартетот е формиран во далечната 2011г. е стожер на современата фјужн џез-рок сцена на Балканот, преку инструментална музика која се базира на разновидност и специфичен колорит во изведбата на музичките мотиви, под силно влијание на фанк, соул и блуз музичките стилови.
Последниот ден во НУ Народен театар Битола ќе биде доделена наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар во 2022 во соработка со Општина Битола, после што следува настапот на Vertitur, non mutatur и Џијан Емин од Македонија.
Џијан е сестран музичар со големо искуство во областа на музичката уметност: прв хорнист во оркестарот на Македонската Филхармонија, мултиинструменталист и композитор, до диригент на Симфонискиот оркестар на Детроит, Симфонискиот оркестар на Мелбурн, Симфонискиот оркестар „Ламурo“ од Париз, Фламанскиот симфониски оркестар ,Симфонискиот оркестар на Кан, Белградскиот Симфониски Оркестар, Данубиа Оркестра Обуда – Будимпешта, Македонската Филхармонија и секако Биг Бендот на здружението на џез музичари.
Ставете потсетник во вашиот календар: На 15ти април во Битола доаѓа човекот кој повеќе од 20 години е активно инволвиран во градењето на современата Македонска музичка сцена.
Vertitur, non mutatur се добро познати на битолската публика со кариера која трае повеќе од 20 години. Овој авангарден концерт е и третиот оригинален проект креиран токму за фестивалот кој ја задржува врската со Џез одделот при Музичката академија УГД – Штип.
Споредната програма започнува веќе на 8.април со изложбата на фотографии под наслов “5 години Џез Фестивал во Битола“ на авторот Даниел Ѓурчиновски. Истата ќе биде презентирана со почеток од 12 часот, во Културно информативниот центар – Битола.
На 13.април како дел од споредната програма во кафе бар Порта џез ќе настапи „Arnau Garrofé Farràs Quartet“.
Роден во Барселона, Арно Гарофе Фарас својата кариера како музичар ја изгради во Холандија. За време на неговото џез образование во Хаг и Ротердам, тој свиреше во Холандија и Белгија и имаше шанса да свири со големи музичари како што е поранешниот џез гласник Филип Харпер.
Во 2014 година – барајќи нови средства за изразување, Арнау заминува во Азија за да ги прошири своите музички хоризонти. Тој често настапува во клубовите на Бангкок и Куала Лумпур. Од 2016 година живее во Софија и брзо станува еден од најбараните музичари на бугарската џез сцена. Тој е познат по неговите настапи во Биг Бендот на Брас асоцијацијата, бендот Џез Мачки на Христо Јоцов и е член на Биг Бендот БНР.
Во октомври 2016 година, на меѓународниот џез фестивал Џони Радукану – Браила, Арнау беше награден за најдобар соло инструменталист.
Следниот ден е резервиран за конференцијата RJFB France- Balkan Jazz Network, со почеток од 12 часот во Pub Bourbon Street.
Вечерта во Камарите ќе настапи Иле Косата заедно Стефан Тасевски.
Илија Талев попознат како Иле Косата по втор пат ќе не прошета низ светот на афро-бит стилот на џез музиката во комбинација на соул и фанк. Овој пат во друштво на Стефан, првиот магистер по џез саксофон, во Битола несомнено ќе создадат фузија поради различните карактери и различниот музички свет од кој доаѓаат. Ова е вториот оригинален проект кој е создаден за овогодинешното издание на фестивалот.
На завршниот ден со почеток од 13 часот ќе настапат:
United Group Department feat Леана Таќи од Македонија, во Камарите.
Џез одделот при Музичката Академија – Универзитет Гоце Делчев – Штип несомнено е главен генератор и двигател на современата Македонска џез сцена во изминатите 15 години. Токму членовите на United Group Department своето формално образование го стекнуваат на УГД моделирајќи ја својата музичка визија низ јазикот на џез музиката. Јован Цветковиќ, Филип Стипшиќ, Емил Ејупи и Теодор Јаневски во комбинација со Леана Таќи ке ве поведат на музичко патување низ различните историски периоди на џез културата.
За овогодинешниот плакат на фестивалот се погрижи Даниел Ѓурчиновски.