315750284 500980122063038 7850478378301199503 n

Академик Ѓорги Поп-Атанасов

Македонија е лулка на христијанската цивилизација. Оттука, со основањето на првите христијански општини од страна на апостолот Павле, започува христијанизацијата на Европа, и оттука, од светите браќа Кирил и Методиј, преку нивната Моравска мисија, започнува и конечната христијанизација на словенските народи. Македонија е татковина на словенската писменост и на староцрковнословенскиот јазик, во чиишто темели е вграден јужномакедонски дијалектен говор. Овој јазик во средновековната епоха, па и подоцна ќе биде официјален книжевен јазик на сите православни Словени. За да биде тоа така, од особена важност е дејноста на св. Климент Охридски и на основаната од него црковна организација во Македонија, коишто ја одигруваат улогата на спасители на делото на словенските просветители – светите браќа Кирил и Методиј.

Познато е дека по смртта на св. Методиј, во 885 г., папата Стефан V (885 – 891) ги забранува словенската писменост и словенското богослужение во Велика Моравија; словенските книги биле уништувани, а учениците на словенските просветители биле протерани од оваа западнословенска земја. Меѓу протераните Кирилометодиеви ученици биле и светите Климент и Наум Охридски.

По кратко задржување во бугарската престолнина Плиска, тие дошле во западниот дел на Македонија, во областа Кутмичевица, којашто во тоа време била самостојна (независна) црковна област, и тука нашле поволни услови за продолжување на делото на светите Кирил и Методиј и за зачувување на словенската писменост и на словенското богослужение. Во овој дел на Македонија тие формирале црковна организација, којашто во практитката функционирала како самостоен црковен субјект. За разлика од Плиска и Преслав, каде што се богослужело и проповедало на византиско-грчки јазик, и каде што не само во Црквата, туку и во државната администрација, се користеле византиско-грчкото писмо и византиско – грчкиот јазик, во Светиклиментовата Црква официјално писмо била Кириловата глаголица, а во црковните храмови се богослужело и проповедало на словенски јазик. За разлика од Плиска и Преслав, каде што во времето на свети Климент немало услови за развој на словенска писменост и култура, во Црквата на свети Климент и во формираната во нејзини рамки Охридска книжевна школа, се негувала, ширела и надградувала Кирилометодиевата писмена традиција и книжевност. За самостојното функционирање на Светиклиментовата црковна организација говори и фактот што во официјалната бугарска Црква се практикува константинополската, а во Црквата на свети Климент, солунската литургиска традиција. Поради оваа причина за потребите на словенското богослужение во Црквата на свети Климент, во Охридската книжевна школа е оформен посебен комплекс од словенски богослужбени книги. Дел од текстовите на овие книги се преведени од византиските оригинали, а дел се авторско дело на свети Климент и неговите најблиски соработници. Тоа на недвосмислен начин се потврдува од фактот што во текстот на Минејот и Октоихот се идентификувани повеќе химнографски творби на свети Климент со негов авторски потпис во вид на акростих, како и сведоштвото на Опширното житие на свети Климент од Теофилакт Охридски, каде што се вели дека охридскиот светител кон крајот на својот живот од византиско-грчки на словенски јазик го превел Цветниот триод.

Оваа Светиклиментова писмена и литургиска традиција во наредните векови ќе биде практикувана и негувана од монашкото братство на Слепченскиот манастир „Свети Јован Претечаˮ кој во минатото бил активен книжевен центар и скрипториум на Охридската архиепископија. Тука духовно се подвизувале и работеле исклучително талентирани книжевни дејци какви што се еромонасите Висарион, Пахомиј и Матеј, инок Сисој и други од коишто е зачувано значајно црковно книжевно наследство. Меѓу ова црковно-книжевно наследство има повеќе богослужбени црковни книги, кои биле користени за време на црковното богослужение во самиот манастир или во други цркви и манастири, меѓу кои особено место зазема Катедралниот храм на Охридската архиепископија.

По обновувањето на монашкиот живот во Слепченскиот манастир, се започнува и со обнова на книжевната дејност во манастирот. Се врши постепена дигитална реституција на црковното книжевно наследство по потекло од Слепче, се објавуваат книги со духовна и поучна содржина, чиишто автори најчесто се членови на манастирската заедница и сл.

315638507 500980232063027 835309467391776247 n

Од таков вид е и повеќетомното издание, во подготовка, под наслов ,,Слепченски пролог со химнографијаˮ, во коешто ќе бидат објавени пролошки житија и тропари за светците од првата половина на месец декември и тоа на црковнословенски, македонски и англиски јазик во придружба на источна и западна нотација.

Пролошките житија се составени врз основа на постоечките житија на светителите, додека топарите се авторско дело на членовите на манастирската заедница. Како пролозите, така и тропарите се напишани на македонски црковен јазик со исклучителна компетентност и познавање на стилските особености на традиционалната македонска црковна поезија.

    Напишете коментар

    Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

    Претплатете се за новости

    You May Also Like

    Чај од ловоров лист за кашлица и воспалено грло

    Ловорот се користи во третман на дигестивни и кардиоваскуларни нарушувања, гихт и…

    „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле, актуелна реалност на Македонците, 84 години од првата изведба

    Во 1938 година првпат беше изведена драмата „Парите се отепувачка“ од Ристо…

    За лицемерното смирение…

    Покрај вистинското смирение постои уште и лажливо смирение. Тоа е суетното “смирение”,…

    70 години од раѓањето на Иљко Стефановски – бескомпромисен творец кој природно му припаѓаше на театарот и театарот нему  

    „Гости сме на земјата“ – велеше Иљко, дофрли некој пред години во…