Човечкиот живот е непредвидлив – а од друга страна на некој начин човекот природно е врзан со вечноста. Не очекувајте човек да ви каже што е правилно, а што е погрешно, секој од нас има свој пат за врвење. Постојат закони кои се менливи и начела кои се етички утврдени – нема закон за тоа колку да се љуби, но има закон пред којшто се одговара за сторено лошо дело. Луѓето се дефинираат според нивните дела и избори во животот. Следејќи ја модерната психологија, мотивациските говорници, поткасти…ве уверувам дека сета содржина ќе ја најдете во Светото писмо, само спакована во архаистичен стил, во ракописите на Светите Отци кои деноноќно го толкувале Светото писмо, а тука се и другите свети книги како Куранот, Талмудот.
Во доба на очаен маркетинг консумеризам – ни се сервираат инстант лекции за самодоверба. За човек да има самоверба, прво треба да биде освестен, осознаен, да верува, да знае да чита знаци покрај патот, како што пишува Нобеловецот Андриќ. Денешниве инстант лекции по самодоверба знаат да делуваат фрустрирачки, бидејќи одамна светот е гладијаторска арена, прво треба психички да го преживееме светот.
Кога јас барав помош за себе, добив ваков одговор: „Секој ден давај го најдоброто од себе и работи на себе да станиш подобра личност пред сѐ за себе. Не можеш да контролираш сѐ, многу малку работи во животот зависат од нас самите, остави ги работите да се одвиваат природно, спонтано. Запомни дека животот е огромен спектакл, а ти зграпчуваш мигови кои го будат животот во тебе, пример: изгрејсонце, неочекувана средба со драга личност или непозната интересна личност, песна на радио, една реченица од цела книга, нечија детска досетливост…
Апостол Јаков во Новиот завет го има совршено опишано човечкиот живот:
ЛОША САМОДОВЕРБА
Слушајте сега вие, кои велите: „Денес или утре ќе тргнеме во оној град и таму ќе останеме една година, ќе тргуваме и ќе спечалиме“, вие кои не знаете што ќе стане утре. Што е вашиот живот? Тој е пареа, која се појавува за кратко, па исчезнува. Место да велите: „Ако сака Господ да бидеме живи, ќе направиме тоа и тоа.“ А сега се фалите со својата гордост. Секоја таква фалба е зла. И така, грев е за оној кој знае да прави добро, а не го прави (Јаков 4:13-17).