Во Недела на 21. 08. 2022 година, по неделната Света Литургија која ќе почне во 6 и 30 часот, во Слепченскиот манастир ќе се одржи следното предавање од циклусот за Иконата и нејзиниот пад, “Иконоборство”. По завршувањето на предавањето ќе следи неделна трпеза. Присуството е доброволно, а оној кој сака да присуствува да се најави на телефонскиот број 077 816 246.

панихида

На претходното предвање, кое е продолжение од циклусот предавања ,,Ракописното книжевно наследство од Слепченскиот манастир“се проговори за ракописните Триоди по  потекло од Слепченскиот манастир.

Како вовед во предавањето беше  накратко изложено за значењето на Триодот како  богослужбена книга, која претставува богата ризница на богословски-химнографски материјал и своевидно училиште на благочестието кое учи на аскеза и  на морално богословие. Неговата содржина се  одликува со длабочина на богословските мисли и  убавина на  црковните химни кои кажуваат за појавата на гревот во нас, за борбата со гревот, за молитвата, за милостината, за постот, за лекувањето на душата, за преобразувањето на страстите  и за многу други исклучително важни сегменти од аскетизмот. Во составот на Триодот влегуваат химнографски творби на најголемите византиски црковни писатели како шти се: св. Роман Слаткопевец(5-6век), св. Јован Дамаскин (8 век), св. Козма Мајумски(8 век), св. Софрониј (7 век), св. Теодор Студит(9 век) кому, според некои истражувачи, му се припишува и составувањето на Посниот триод,  неговиот брат св.  Јосиф  Студит – исповедник и архиепископ Солунски (9век), монахиња Касијана (9 век), св. Симеон Метафраст (10 век), св. Јосиф песнописец (10 век), св Никифор Калист  14 век, кога е направена и последната редакција на оваа книга.

viber image 2022 08 18 11 56 12 881

Називот Триод потекнува од старогрчиот збор Τριῴδιον, од τρεις – три + ωδή – песна) – зборник од канони, кои се состојат од три песни – т.н. Трипеснеци.  Исто така карактеристични  во неговиот состав се и троичните тропари (напишани од великиот учител на исихазмот Григориј Синаит, 13 – 14 в.)   кои се се читаат на утрената после шестопсалмието, тоа се стихири или тропари со кои се прославува Пресвета Троица, и се практикуваат во текот на неделата за време на Великоиот Пост

Три оди -три песни

Три сили на душата

Три Ипостаси Божји…….

 Разликуваме Посен (Τριῴδιον κατανυκτικόν)  и Цветен Триод (Пентикостар-Педесетница)

Посниот канон  содржи богослужбени текстови, за четирите припремни недели кои му претходат на великиот Пост, почнувајќи од Неделата за Митарот и Фарисејот, како и за секој ден во текот на Постот, па се до Цветници(односно до Лазарева Сабота, а во поновите состави до Великата Сабота).Во него е содржан еден од најубавите канони, Покајниот канон на св. Андреј Критски,кој е напишан со посебно вдахновение,  и кој се состои од 250 тропари кои на прекрасно умешен начин се  тематски поврзани со библиските песни.  Некои овој канон го сметаат за една од најдобрите химнографски творби кои некогаш настнале. Потоа овде спаѓа и Благовештенскиот акатист на Пресвета Богородица,и.т.н … и ред други  прекрсани црковни химни со догматска,  покајна и аскетска содржина.  ЦВЕТНИОТ  ТРИОД, пак,  ги содржи сите богослужби од Велигден до Недела на сите Светии. Оваа книга е наречена Цветен триод бидејќи порано содржела  богослужби кои започнуваат со Цветници, односно од сабота Св. Праведен Лазар.,  а денес почнува од Велика Сабота.. Во Цветниот триод има богослужби на најголемите празници:Страсната Недела, прекрасниот канон на Плачот на Пресвета Богородица, службата на  Велигден, (овде е  и прекрасниот канон на Утрената на Пасха од св.Јован Дамаскин),Вознесението Господово, и Слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите. Формирањето на Пентикостарот му се припишува на Јосиф Студит (†830), архиепископ од Солун, а Синаксарот за Педесетница го составил Никифор Калист (XIV век) И други синаксари од Цв.триод .

Што се однесува до словенскиот превод на триодот, сите истражувачи се на мислење дека тој е направен уште од времето на Св. Кирил и Методиј и нивните ученици. Во науката се смета дека Посниот триод бил преведен за време на Моравската мисија (863), додека преводот на Цветниот Триод е дело на св. Климент Охридски. Покрај преводот на Цветниот триод св Климент односно го средува и го редактира Посниот дел на Триодот.

Во древна Византија, кога сеуште не постоеле системски богословски школи(богословии и академии), високото богословско образование, покрај светотаинскиот живот во црквата,  се стекнувало и преку непосредниот живот во црквата, т.е преку богослужбите, преку слушање на зборовите на   црковните химни, преку поучните читања од делата на светите отци и аскетски писатели, преку неисцрпното богатство на нашиот иконопис…. Сето тоа било своевиден извор на  богословското богопознание и образование. Подоцна, систематските и схоластички школи, ја потиснале таа пракса, за жал, преку прифаќање на одредени западни принципи кои се одликуваат со рационално-схоластички карактер,и од кои честопати  произлегуваат  богослови без аскеза,  што немаат личен духовен подвиг, и кои повеќе прилегаат на благоглаголиви говорници, кои од духовен аспект всушност се ,,риби безгласни,, кои не умеат да го искажат  и да го пренесат она кое се спознава само преку личен духовен опит преку Духот на Вистината.

Триодот била една од најчесто препишуваните книги, а тоа се гледа од фактот што има повеќе стари сочувани ракописни Триоди, а најстар зачуван од нив е слепченскиот фрагмент од Триод, од 11 век.

Во текот на предавањето се направи краток опис и презентација  од дигиталниот фонд на ракописните Триоди кои потекнуваат од Слепченскиот манастир, почнувајќи секако од најстариот Слепченски фрагмент од Триод од 11 век, кој всушност претставува  најстар зачуван кириличен фрагмент од Триодот, кој моментално се чува во Националната Руска Библиотека во Санкт Петербург под сигнатура F.п.I. 75,  понатаму беа прикажани и опишани ракописните триоди од 12 век, 13 век , 14 век, 15 век, и 16 век, кои денес се распространети во странските библиотеки, пред се во Хрватската Академија на Науките, во Архивот на Бугарската Академија во Софија, како и во Националната Руска Библиотека во Санкт Петребург. Исто така се спомна дека еден Слепченски Триод се чувал и во Народната Библиотека во Србија , но за жал бил изгорен  за време на бомбардирањето на Белград на 6 април, 1941г.

При описот, меѓу другото, беше укажано и на  македонската вокализација не еровите, во најстарите слепченски Триоди… како и за македонската редакција на Благовештенскиот акатист на Пресвета Богородица кој е во составот на Слепченскиот Триод,  и кој денес се наоѓа во Хрватската Академија на Науките под сигн. IV a4

Слепченските ракописни Триоди се од непроценливо значење за македонското книжевно црковно наследство, бидејќи претствуваат живо сведоштво на континуитетот на духовното и просветно дело на сесловенските просветители Кирил и Методиј  Солунски и нивните свети  ученици на нашите простори, особено во овој наш манастир  кој бил чувар на словенската писменост низ вековите  и е  до ден денес.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Петти Акатист кон Мајката Божја во храмот „Пресвета Богородица“ во Битола

На 08.04.2022 г., во петтиот петок од Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски и…

Битолчаните Татјана Грегова и Илче Ацески добитници на признанието „Просветен работник на годината“

По повод Светскиот ден на учителот 5 октомври, во просториите на Општинското…

ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ Битола го доби признанието за Најдобра установа од областа на заштитата, образованието и рехабилитација на лицата со попреченост

Фондацијата ,,Професор д-р Љупчо Ајдински”, а на предлог на Сојузот на специјални…

Како да се препознае Аутизмот кај бебиња и мали деца? – совети на Сонита Фејзовска, социјален и рехабилитациски педагог

Автор: Сонита Фејзовска, социјален и рехабилитациски педагог Некои родители ги препознаваат знаците…