Сите знаеме колку е значајна правилната исхрана и секојдневното внесување на витамини и минерали во телото за соочување со секојдневните предизвици, како физички, така и психички. Храната не само што ни помага во побрзо решавање на проблемите, туку и не мотивира целосно да се посветиме на подобрувањете на физичкиот изглед. За оваа цел ја одбравме Елисавета Димовска, тренер, нутриционист од Битола, која е дипломиран студент на Технолошко – Техничкиот Факултет, на одделот Нутриционизам од Велес, како и на Универзитетот ,,Аристотел” од Солун, на Факултетот Градежништво АВТ. За спортот, кросфитот, ефектите од истиот, напорната работа како и нејзиното досегашно искуство во оваа сфера дознаваме повеќе од интервјуто со Димовска за Читај бе.
Читај бе: Елисавета, драго ни е што прифати да ги споделиш твоите искуства со Читај бе, како и да им помогнеш на нашите читатели да се мотивираат за работа на сопствениот физички изглед и можеби да ја заменат нездравата исхрана со квалитетните нутриционистички планови. Најпрво би сакала да те замолам да ни опишеш еден од твоите денови поминати во салата за да им доловиме на нашите читатели со што се се соочува еден експерт во оваа област.
Елисавета: Скоро цел ден го поминувам во сала и работам со индивидуални тренинзи, утрински и групни тренинзи, попладне. Слободното времето го користам за себе односно за остварување на мојот тренинг. Сметам дека потребно е постојано надоградување на сопственото ниво на фитнес за да можеме како тренери да сме подобри во она што го работиме и презентираме пред останатите. Дневно имам по 4-6 часа сопствен тренинг и дополнителни 8-9 часа тренинзи со клиенти.
Читај бе: Во што сé ни помагаат кросфит тренинзите и колкав период е потребен за забележување на резултати?
Елисавета: Кросфитот е спорт кој ни помага да ја зајакнеме физичката сила, издржливоста, мобилноста, координацијата, кондицијата и т.н. Погоре наведените карактеристики потребни за изгледот на една физички добро подготвена личност се всушност различни сегменти кои треба да се обработат во една програма. Се изучуваат елементи од гимнастика и олимписко кревање на тежини и вклучена е константна варијација на овие движења. Овој спорт дефинитивно не прави подобри атлети. Стануваме подобри во носење товар, трчање, скок, гимнастички движења. Принципите на тренинг во овој спорт ни помагаат во најбрз можен рок да сме најфит верзија од себе.
Читај бе: Кои техники ги користиш при работата и колкав е моменталниот број на клиенти задоволни од твојата работа со истите?
Елисавета: Моја цел при работа со било кој клиент е преку тренингот да сфати дека е атлета односно спортист (иако ретко кој се доживува себеси така). Целта ми е секој еден да сфати за што сé е способен и пред сé да го цени своето тело, не само за она како изгледа, туку и според тоа што сé е способно да направи. Сметам дека градењето во спортот (кај секој еден кој започнува со тренинг) е клучно во остварување на долгорочни резултати. Моментално работам со околу 50 клиенти во групи и околу 15 индивидуалци, одделно работам и со клиенти онлајн (најчесто доколку не живеат во Битола). Цел ми е буквално да ги навлечам сами да сакаат да се побрзи, посилни, подобри атлети и со тоа да загарантирам дека цел живот ќе сакаат да се активни и да тренираат. Би сакала да гледаат на кросфитот како на спорт за цел живот кој може да се изведува на било која возраст, а не на тренинг програма за менување на изглед за лето или свадба.
Читај бе: Од што се состои еден добро подготвен нутриционистички план? Каква исхрана е правилна според тебе за подобар и поздрав живот?
Елисавета: Плановите кои јас ги подготвувам за моите клиенти се со точно пресметан макро и микро-нутритивен внес. Исхраната кај секого е индивидуална, поради различни здравствени состојби, композиција на тело, интолеранции, дигестија, цели, можности, временски ограничувања. Еден добро подготвен нутриционистички план треба да има соодветен макро и микро-нутритивен внес за индивидуата за која е израбoтен, да е одржлив и да е соодветен на поставените цели. Исто важна е транспарентност и комуникација помеѓу клиент и нутриционист.
Читај бе: Си студирала во Македонија и Грција. Можеш ли да ни ги наведеш разликите кои си ги забележала меѓу двете држави во образовниот систем? Според тебе и имајќи ги во предвид погоре наведените разлики, што и е потребно на Македонија за надоградување на овој оддел, односно оваа сфера?
Елисавета: Образовниот систем е доста сличен. Има предности и недостатоци секаде. Она што би го издвоила како предност таму е практичниот дел во наставата и можноста да се искуси предвремено како би било да го работите она што го студирате.
Читај бе: За крај би сакала да им посочиш на нашите читатели една мотивациона порака со цел во иднина да порасне бројот на индивидуи кои ќе се грижат повеќе за своето лично здравје.
Елисавета: Независно дали би одлучиле да тренирате со мене, сами или со друг тренер, направете го тоа лично за вас бидејќи сте и треба да сте најважната личност за себе. Фокусирајте се на резултатите кои ги постигнувате во подобрување на вашето ниво на фитнес, тоа ќе направи да го засакате процесот, додека пак изгледот според мене е секундарен продукт.