krste spasovden

Православната црква го празнува празникот Вознесение Господово, кај народот познат како Спасовден.

Вознесението Господово, Црквата го празнува на четириесеттиот ден по Воскресението Христово, кога Господ се вознесе на небото, а секогаш се паѓа во четврток во шестата недела по Велигден. И со тој настан се запечатува целото Негово спасително дело. За овој настан, од евангелистите накратко споменува Марко (Мк. 16,19-20), а најмногу Лука (Лк. 24,50-53 и Дела 1,1-11). Исто како и страдањето и воскресението, Христос претходно го најавил и Своето вознесение: Ова ли ве соблазнува? А, ако Го видите Синот Човечки да се искачува таму каде што беше претходно? (Јн. 6,62). Христос како Бог секогаш е со Отецот и Светиот Дух: под слегување, се подразбира Неговото Воплотување (кенозис), а под искачување, вознесувањето на Неговата човечка природа (обожението).

На почетокот Вознесението не се празнувало со посебен празник на четириесеттиот ден по Велигден, туку првобитно се славело само Педесетница, т.е. времето од педесет дена беше еден единствен празник со неколку чествувања, а споменот на Вознесението бил споен со  Педесетницата. Затоа некои поранешни писатели од III век, како на пр Тертулијан и Ориген не го спомнуваат овој празник. Најстарите проповеди на овој празник се наоѓаат во времето на свети Јован Златоуст (+405) и свети Григориј Ниски. Така, кон крајот на IV век, споменикот на Вознесението Христово бил одвоен од Педесетница каде се слави слегувањето на Светиот Дух, а бил поставен на четириесеттиот ден по Велигден.

Откако Господ им се јавуваше на учениците четириесет дена по Неговото Воскресение, говорејќи им за Царството Божјо и откако им заповеда да не заминуваат од Ерусалим, туку да го чекаат ветувањето на Светиот Дух, на четириесеттиот ден Господ ги водеше Неговите ученици во Елеонската – маслиновата гора, ги подигна рацете и ги благослови, и благословувајќи ги се вознесе на небото.   

Најдобар пример ни е иконата од овој празник. Кога ќе ја погелднеме иконата ќе можеме да видиме што ни претставува композицијата насликана. Христовата облека е светла/златна, а тоа ја претставува Неговата преобразена и обожена човечка природа, која веќе не е подложна на физичките закони.

Облеката на двата ангела околу Него е како облеката на апостолите, а оние два ангела долу се со бела облека. Горните ангели се сведоци на Страдањето и тие покажуваат дека, иако Христос се вознесува на Небото, тој со себе ги носи и белезите на Распнувањето. Човечката природа, претставена со црвената облека на ангелите што Го носат Исуса – отсега е на Небото. Додека Божјата природа, претставена со белата облека на долните ангели – отсега е на земјата. На тој начин, оваа икона го прикажува единството на несоздадената и создадената природа што се случило во Личноста на Христос.

Долу е Мајката Божја со апостолите: таа претставена вака ја претставува Црквата. Облеката на апостолите е зелена и црвена. Зелената боја е боја на надежта и на Светиот Дух. Пресвета Богородица со нашиот Спасител Христос прави една вертикала, а апостолите заедно со маслиновата гора хоризонтала, односно прават крст. 

Господовите настани не се изолирани еден од друг, ниту се различни по вредност. Така и Господовите празници се спасителни настани на Божествениот Домострој, бидејќи преку нив се изврши и устрои спасението на човештвото. Христос се вочовечи, поучуваше, пострада, воскресна и се вознесе. Тука постои едно чудесно единство. Кој празник е најголем во таа смисла? Ако Христос не се воплотеше (Божик), немаше да се случат Воскресението и Вознесението. Ако не воскреснеше, залудно ќе беше Воплотувањето. Па така, Вознесението е практично круната, венецот на сите празници (како што главата е украс на целото тело).

Значењето на Вознесението е во тоа што човечката природа, обожена со Воплотувањето, е прославена. Христос седнал од десната страна на Бога, а тоа е еден символичен израз; тука не станува збор за географски поим (место), туку за онтолошка состојба. Седењето оддесно, со јазикот на Библијата, значи да се разделува истата власт и достоинство со оној до кој седиш. Па така, човечката природа со Христа станува учесник во славата и вечноста на Божествениот живот. Се исполнува она, за што беше создаден човекот, а тоа е единството и заедницата со Бога. Кај некои отци постоело мислењето, дека и да не паднел човекот, Бог сепак ќе се воплотел. Затоа што, ако целта на создавањето на човекот била единството со Бога, тоа единствено можело да се изврши преку соединувањето на Божествената несоздадена личност со создадената природа, односно со Воплотувањето на Бога. Преку Христа, човекот е соединет со Бога, но за човекот да учествува во обожената и соединета со Бога природа, треба да биде во единство со таа обожена во Христа природа, т.е. да стане член/орган на тоа Тело Христово, коешто е Црквата. Според древното учење, Бог стана човек, за човекот да стане Бог (по благодат).

Спасението на човечката природа во Христа е извршено, но од секој човек зависи дали ќе го прими тоа спасение, во зависност од слободната волја пројавена во подвигот во Црквата. Така, секој човек на еден личносен план треба да го помине она што Христос го поминал, т.е. да стане соучесник во Христовата тајна. Во животот на Црквата ние напредуваме во согласност со тие фази од Христовиот живот: прво се раѓаме во Христа, потоа страдаме со Него, го победуваме ѓаволот и воскреснуваме, и на крај можеме да го живееме и обожувањето. Токму празникот Вoзнесение, отците го поврзуваат со обожувањето на човекот.

Суштината и смислата на празникот Вознесение се многу големи и возвишени. Ако со Воскресението беше победена моќта на смртта и на ѓаволот, тогаш со Вознесението нашата природа се издигна на престолот Божји и ни се даде можноста да достигнеме и ние во доживувањето на Вознесението, што е обожувањето. Во тој контекст, св. Григориј Палама вели дека Воскресението е поврзано со сите луѓе, а Вознесението со светиите (спасените). Сите ќе воскреснат во последниот ден, но нема сите да се вознесат: А прво ќе воскреснат мртвите, потоа ние што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците за да се сретнеме со Господа во воздухот (1Сол 4,16-17).

автор на текстот: Протоереј Крсте Тасески , Буковска епархија

Бранко Ѓуриќ – Ѓура премиерно доаѓа со неговата ,,Ѓурологија” и во БИТОЛА
Задоволство ни е да ви најавиме дека, по повод 10 години од …
Емоционално јадење – барање утеха во храната
Во денешно време, дебелината е многу чест проблем. Бројот на заболени од …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

Биљана Т. Димко: Човек кој нема свој јазик е еднаков на човек кој нема гробно место – нема име

Пишува: Биљана Т. Димко Двата столба на македонскиот идентитет од искона до…