Да патуваш значи да создаваш, да градиш, да собираш искуства и да живееш со полни гради. Магијата која секое патување ни ја подарува најчесто се безбројните авантури низ кои поминуваме запознавајќи го светот од еден поинаков агол, од една поинаква перспектива и давајќи му еден посебен ,,шмек” на секој нов ден поминат во друга околина, сосема поинаква од онаа во која сме пораснале. За магијата на патувањата ја одбравме да ни раскаже Емилија Марковачева, дипломирана германистка, на Филозофскиот факултет во Љубљана, Словенија. Емилија живее моментално во Шпанија и е една од успешните, млади битолчанки, која 20-те години од својот живот ги помина патувајќи низ светот.
Читај бе: Како битолчанка која во третата деценција од својот живот го прошета светот, можеш ли да ни раскажеш дел од твоите возбудливи авантури и начинот на кој се одвива твојот живот?
Емилија: Уште како средношколка имав огромна желба да живеам, учам и работам во странство. Не за џабе рекле внимавај што посакуваш затоа што утре може да стане дел од твојата реалност. Можам да кажам дека во овие мои 20ти години ја коритам секоја прилика за патување и откривање. Сум живеела во повеќе европски земји, Њујорк и САД. Како највозбудлива авантура ќе ја издвојам Америка, која за нас Македонците е помистерична територија споредено со Европа. Приватно тој период си го викам „Time of my life” поради многубројните непознати авантури кои го правеа моето искуство уште поинтересно!
Читај бе: Што те натера да се изградиш како личност-авантурист, и кои се бенефициите од ваквиот начин на живот?
Емилија: Обожувам да истражувам нови места, да запознавам нови култури и да учам нови јазици! Можеби и не е случајно што ја одбрав професијата лингвист. Причината што денес сум авантурист со многу спомени е токму непознатото и неодоливата желба да го направам познато. Викаат колку јазици човек знае, за толку луѓе вреди.
Читај бее: Моментално си во Шпанија, каков е животот таму, каква е културата, луѓето, што е она кое не прави поразлични од нив и од начинот на кој луѓето функционираат во Шпанија?
Емилија: Шпанија е топла земја со многу природа и култура. Луѓето се отворени, грижливи и секогаш пријателски настроени. Можам да кажам дека за разлика од германците, шпанците често доцнат и нивниот распоред е доста флексибилен. Дел од нивната култура е да имаат една подолга пауза односно дремка во денот, така наречена, „siesta”.
Читај бее: Во текот на твоите патувања, кои се нештата кои си ги забележала дека и недостасуваат на Битола и што се би променила за подобрување на средината во која си се родила?
Емилија: Ова е прашање за кое можам многу да зборувам. Битола во Македонија важел за еден најградски град со висока култура, која за жал денес е на многу пониско ниво. Искрено би го вратила сјајот на Битола со нови настани, активисти, ентузијасти. Едно многу клучно нешто што и фали на Битола сметам дека е велосипедска патека. Јас лично обожавам да возам точак и мислам дека Битола има потенцијал да стане поздрав град за нас со тоа што би користеле точаци наместо автомобили.
Читај бе: Тешко ли е да се биде постојан странец? Со какви очи те гледаат луѓето на другите простори?
Емилија: Дефинитивно. Не само што до тебе не се мама и тато, туку постојано се бориш со непотребни стереотипи. Како странец секогаш имаш дупла работа или и повеќе од тоа, за разлика од останатите. Доколку сакаш да постигнеш нешто во странство потребно е да се докажеш и секако да покажеш дека не си ништо подолу од нив. Искуството во странство ме натера да бидам борбена и да не се откажувам од своите цели. Интересен е фактот што тука во Шпанија има голем број на луѓе кои се отворени за нови култури, сакаат да научат повеќе за мене и за нашата култура во Македонија.
Читај бе: За крај, кои се твоите импресии, што се би има препорачала на младите лица и која е твојата најзначајна порака до нив?
Емилија: Благодарение на патувањата и живеењето во различни земји изградив многу добри пријателства, запознав прекрасни луѓе и поминав преубави моменти со истите. Денес имам другари и другарки на целата земјина топка и чувството е незаменливо. За себе си можам комотно да кажам дека сум зависник од патувања и истражувања. Животот ни е даден да го користиме максимално, а ние луѓето сме створени да истражуваме. На младите би им кажала да не се плашат и храбро да стремат кон своите цели и идеали, затоа што ние сме сопственици на нашиот живот и сами треба да одлучуваме како ќе го живееме.
Подготви: Сара Трајчевска