Одев во основно училиште во Битола, кога еден ден татко ми се врати од работа и ни соопшти дека му предложиле на работа да се зачлени во СКЈ. Тој веднаш им одговорил: „Во ред, ќе пристапам, само под еден услов, да ми биде дозволено да одам редовно во црква, секоја недела претпладне, со членовите од моето семејство!“ Изминаа денови, но татко ми никогаш не доби одговор за поставениот услов. Тој продолжи да нè води во црквата „Св. Димитрија“ секоја недела претпладне, држејќи ме цврсто со десната рака да не стапнам случајно во некоја баричка со вода. Според препораките на мајка ми, во црквата требаше да влезам со чисти, лачени, црни чевлички. Таму ги среќавав мои другарчиња, водени во црквата од своите родители. Така продолжија нашите редовни неделни посети на службата во црквата, кои се претворија во очекувани радосни, претпладневни, неделни часови.
Во 1988 година во моите раце се најде песната „Црква“ на Блаже Конески. Внимателно ја прочитав и доживеав променето расположение, во смисла на искрена возбуда. Мислите ми одлетаа во Битола, кај татко ми, кон умникот кој успеа да ни овозможи радосни мигови во допирот со нашата црква. Таа остана во нас и духовно и физички до денес. Пред извесно време, на 5 октомври, Денот на учителите, одржав предавање за Блаже Конески во Битола, а нозете сами ме одведоа право во црквата „Св. Димитрија“, која ми ги освежи пријатните мигови и доживувања од битолското школување. Мислите ме навраќаат кон поетскиот крик на Конески, по сознанието дека „се урива неговата црква во Небрегово“. Веднаш го побарав Професорот. Беше на пат. Само што допатува се сретнавме и веднаш почнав разговор за неговата „Црква“.
Успеав да му соопштам дека таа ме наврати во Битола. Му раскажав што направи мојот татко, во желбата да не се раздели од црквата во која го водел и неговиот татко. Му ја опишав сопствената радост што ми продолжија средбите со црквата и дека тоа чувство ми ја сруши неговата песна, која ја доживеав поразно, сфаќајќи колку му била блиска црквата во Небрегово што ја губи. Професорот ме сослуша внимателно, па ми рече искрено: „Вера, Вие сте биле во многу подобра ситуација, отколу јас сега!“ Ми беше познато колку непријатни ситуации доживеал Професорот. Само да ги земем предвид стиховите:
„…така рикаше маката во мене
дека сум роден во смачкано племе…“
И тоа рикање го доживува поетот Конески со истата сила и натаму. Токму во таа мака се бара и се наоѓа излезот, зашто понатаму продолжува да пее:
„Но сепак, се надевам, дека не е туку такa
штом сум бил подложен на таков искус
и на таква мака“.
И вековните ропски наслаги таложени врз македонскиот народ, поробуван, измачуван, навредуван, осиромашуван, предизвикувал и реален однос кон секојдневието, а сепак, еден ден осамнал во светлина. Далековидоста на поетот, доживеана масовно од својот народ ја откри и неговата песна „Црква“. Овде е и поентата на неговата длабока мисловност и пробивот во нашата традиција. Овој македонски народ, вековно збран во неволи и во маки го докрепила и прибрала нашата црква. Затоа не може да премине преку неа и познавачот и вљубеникот во својата земја. И колку да сакаме да ја прифатиме теориската поставка за мигновеното пишување на песната, што е секако можно, со сфаќањето дека песната не се создава, туку се открива, тој чин без длабоките пробиви во суштините на изминатото искуство и поројните мисли, не би ја оствариле високоприфатената уметничка вистина и предност на поетот.
Ова е воочливо показателно во сликањето на онаа народна Небреговска црква, дело и љубов на селаните од селото, и на нејзиното рушење несфатливо за поетот. Христијанството, вгнездено во душите на верниците и на најсиромашните неграмотни жители, до ден-денешен во Македонија не може да го прифати нејзиното рушење. Кој наш човек, кој христијанин, нема да падне пред чинот на насилството врз светоста на еден народ? Ако ваквото чувство и сознание не биле вгнездени во сите верници што во недела брзале да присуствуваат на црковната служба во црквите низ цела Македонија, да се допрат до црквата-куќочуварка на нивниот опстој во историските бројни темнувања, поетот не би можел да ги натпее рушителите на нивната животна традиција (а зар тоа не се случи?):
„Нека е проклет часот кога ми кажаа
дека се урива црквата во Небрегово!
Илјади тажачки како да почнаа
да гласат и да тажат
во мене
тогаш
како од темно подземје да излегоа.
По овој виј и крик неизбежно следува:
На самото мое детство, значи,
последните жилки му се ништат,
и еве се копачи и мојот длабок корен,
а како да сум го предусетил тоа
одамна во мене неспокојства тиштат
и одамна сум морен“.
Целосниот текст е објавен во 17 Зборник на Трудови на Пелагонските културно-научни средби (2022) кои се одржуваат во Општина Новаци. Автор на текстот е проф. д-р Вера Антиќ, Без соодветно одобрение не смее да биде преземен ни дел ни цитатот од текстот, подлежи на авторски права.