Во второто полугодие од учебната 2021/22 г. наставничката Жанета Здравковска со учениците од трето – б одделение од ОУ „Елпида Караманди”- Битола, започнаа со создавање на училишната градина во дворот од училиштето. За копање помогна чичко Сашо со машина – копач. Родителите помогнаа да се зарамни и исчисти од непотребното. Децата со вредните рачиња ги посеаја семчињата од: тикви, пченка, грав, цвекло, моркови, блитва, домати, боранија, сончоглед, босилок, лаванда, невен, бомбона, а наставникот по математика посади јагоди. Сите семчиња никнаа, пораснаа растенијата и создадоа плодови. На радоста и нема крај, вели наставничката Жанета.
Училишната градина е поддржана од Slow food со интегрирани активности од следните предмети: Општество (Видови почва); Природни науки ( ‘Ртење на семето и растење на растението); Ликовно образование( Рељеф) и Животни вештини (Здрава храна).
„Најпрво имавме неколку неуспешни обиди со претходните генерации ученици, но откако почнавме соработка со Slow Food организацијата систематично почнавме прво во училницата, а потоа и во учулушниот двор. Добивме семиња од Slow Food, но и учениците донесоа од дома. Учениците беа пресреќни. Во училницата изработија и ликовни творби од семиња. Го направија Полжавче заштитниот знак на Slow Food. А родителите помогнаа во зарамнувањето и чистењето на градината. За време на распустот учениците кои живеат блиску до училиштето ја посетуваа градината“, изјави за Читај бе, наставничката Жанета Здравковска од ОУ „Елпида Караманди“ Битола.
Здравковска вели дека целта е учениците да стекнат знаења, умеења и да изградат личен став во врска со условите за произведување и користење здрава храна за здраво живеење. И дополнува дека учениците при овие активности беа многу активни и радосни.
Инаку Слоу Фуд Училишни градини е програма на Слоу Фуд во Македонија, која има за цел да ја подигне свеста за значењето и улогата на иновативните модели и механизми за едукација на најмладите во училиштата во однос на заштитата на животната средина, промоција на вистинска храна и здравите животни навики.