Во 2022 година, во издание на Антолог излезе од печат романот „Татко ми Босфор“ од македонскио писател Јован Илиески.
Деа Кадри, ученичка во Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ како дел од активноста „Сподели мудрост“ на љубителите на пишаниот збор им го препорачува токму овој роман. Несекојдневно и адреналинско доживување, спој на минатотото и сегашноста:
Се прашувам, дали ќе имав подобар живот ако бев некаде надвор, слободна, без забрани и правила, без да се воздржувам како ќе се изразам и дали нечиј авторитет ќе навредам со мојот збор. Се прашувам, полесно ли ќе беше таму некаде, надвор од овој сарај?
Камила Џалал, Јилдиз Сарај,1890
Се прашувам, полесен ли ќе ми беше животот во тоа време? Далеку од своите без никој близок,во сарајот на султанот, како некогаш што било- како оние стари приказни за османлиското царство кои сум ги слушала како дете, чиј град сум мечтаела да го видам. Полесно ли ќе беше? Голтнав кнедла. Ќе бев затворена, ќе бев нечија, ама бар- немаше да морам да бидам херој во својот живот и кога нема да можам. Ќе јадев локуми и ќе присуствував на царски ручеци, ако е таква вистината како што сум ја читала по романите за сарајот. Полесно ли ќе беше таму?
Камила Џалал, 2023
„Татко ми, Босфор“ е книга за сечиј вкус, со сите елементи на психолошки, криминалистички и мистериозен трилер.
Камила Џалал од 1890, ќерката на починатиот Осман Оџа и Камила Џалал од 2023, детективката која работи на случај со мистериозни убиства во градот Босфор. Низ низа настани се прикажани сличностите во животите на двете девојки преку исти мисли, описи на места и имињасо кои авторот ги поврзува двете епохи, завршувајќи го поглавјето и започнувајќи го следното со истата реченица Губењето на најмилите, потрага по братот, за на крај и двете да бидат изневерени од најблиските. Зборува за историјата, за најголемите тајни во сарајот, за мислите на еден Султан кој прави сè за народот да биде среќен, борба за опстанок на Османлиското Царство. Паралелно зборува и за настаните во 21 век, човек кој убива луѓе занаетчии кои се борат за парче леб. Желбата да се пронајде убиецот на мажот, иако тој е маж само на хартија. Начинот на која е напишана оваа книга потикнува низа слики во главата. Авторот вешто ги опишува Истанбул во Отоманскиот период и Истанбул во 21 век, за неговата убавина но и суровост. За болката која морето ја отргнува од човека, но и ја носи. Желбата да се живее во тој град, но и тагата која ја носи и жртвата која се прави. Описот на улиците, на куќите, знаменитостите, историјата која се доживува секој ден кога ќе видиш некој сарај, некоја џамија оставена од познати султани, гужвата во Капаличаршија, раскошните соби на Јилдиз Сарајот, или пак ладниот воздух на Босфор, прават ние читателите да се соживееме со приказната, да се најдеме во Истанбул. Единствено нешто што е заедничко за двете приказни е фотографијата во станот на Камила Џалал од 2023, на која е прикажана Камила Џалал од 1890 со султанот.
Вешто напишаниот роман не го остава читателот на мира до самиот крај, те тера да се движиш паралелно помеѓу два света, две епохи за да ја дознаеш вистината колку и да е болна. Дали некогаш би можеле да ја дознаеме вистината на овие два лика?