Виктор Дамчевски е економист по професија. Живее во Битола. Често има ораторско расположение. Кога го прашав „Зошто пишуваш поезија?“ – ми одговори дека она што го носи внатре во себе мора да го ослободи. Виктор е млад човек кој умее бремето на светот да го втурне во една песна. Па, сварете го вашиот чај, кафе… и прочитајте, поезијата не се објаснува, како и воодушевеноста кога зјапаме во августовско ѕвездено небо.
Несретнати
Во недоглед ми останаа сите прашални зборови
за тоа каде си додека кинам ситни парчиња од душава
за да им дадам на моите постоења за да не престанат да постојат.
Животот станува сивило и бреговите сосема се повлекуваат
и настанува некаква чудна суша на завршетоците на моите прстите
и губам чувство за допир.
Сите допири се зариваат длабоко под нашето време
и остануваат да ткаат вечни сеќавања
за некави си ноќи и некакви си лета.
Зората трае кратко.
Толку трае и љубовта.
Колку да се сеќавам на твојот поглед вперен во мојот,
во една долга тишина со ноти на фадо и горчина во очите,
болка – два прсти под градите.
Во такви времиња заминуваат саканите и оставаат пустош во секоја пора.
Потоа смрдиме на оставено, заборавено.
Ни смрди душата на молци и на скинати алишта со големи шевови
кои престанале да чекаат некој да ги зашие.
После тебе љубам во тројка.
Јас.
Ти.
И некоја наша замисла.
Не заборавј ме во ниедна замисла.
Таму сме сигурни.
Таму стареат оние кои никогаш не се сретнале.
За неслучените постоења
Некои љубови умираат во младоста на ноќта
пред воопшто да се родат.
Со болка и без спомен си наоѓаат место во постоењето
и тлеат до некоја следна вечност.
Таквите љубови молкум раскажуваат за некои утра и ноќи,
некои постели и времиња кои никогаш не се случиле.
Те имам колку да имам што да ме боли
кога ќе пробам да се насмевнам.
Колку сонот да му пркоси на јавето во една безлична пролет со мирис на студ.
Ќе те пуштам уште пред да те допри моето постоење
за да не постои ништо наше оти јас и ти не сме “ние”.
Оти никогаш нема да бидеме!
Ќе си простам што во твоите очи го видов и детството и староста
и ќе пуштам денот да ми старее некаде на друго место, некако поинаку.
Некако без тебе.
Во ќошевите на самотијата.
Во залезот на денот.
Во празнината меѓу прстите…
Напиши ми песна – ми рече
Имаше некоја ведрина на лицето
која ги сложуваше сите мои светски завршетоци
и ја крштеваше секоја тага со по некое среќно име.
Така светот стана прибежиште за сите стравови
кои ги носев под пазувите на своето постоење
и од секоја рана почнаа да ми никнуваат жолти синолички.
Со тебе научив дека душата во друга душа заоѓа
и така ја прифаќаме сопствената смрт.
Не се умира со првата смрт – ти реков.
Напиши ми песна – ми рече.
Тебе те гледам со очи со кои го видов светот пред своето распаѓање
во една глува доба на железничка станица
на која се испраќаа сите оние кои не беа свесни дека нема да има друг пат.
Те сретнав на заминување, колебајќи се,
дали уште еднаш рацеве ќе ми искрепат рани од тешките куфери на моето бреме.
Ќе те љубам до последниот ден на твојата вечна младост
и ќе се капам со мали капки на чиста среќа,
за да го обелам образот пред животниот пакост.
Кога те допрев, како во своите раце да го зедов морето
и му кажав дека го сакам,
и станавме едно.
Човекот станува тажно месо
и не се осудува да скрши огледало.
А ти, како си?