Тропар за Свети Кирил и Методиј
Богомудри Кирил и Методиј, еднакви по дух со апостолите и учители на словенските земји, Владиката на сите молете Го, словенските народи да ги утврди во Православието и едномисленоста, да го смири светот и да ги спаси нашите души.
Смилувај се, Господи, на Твоите созданија, по молитвите на светиот Мокиј, кој дух примајќи благодатен, со силата Твоја вистината преку многу сведоштва, ја внесе во срцата наши, исповедајќи Те Тебе во страдањата свои, кои Ти како темјан миризлив ги прими, а нас нѐ спасуваш кои го празнуваме неговиот спомен.
„Кога бараме да се оправдаме во овој живот и го избегнуваме прекорот, тоа покажува дека уште световното размислување е живо во нас и тагата што се јавува во нас воопшто не содржи покајание, туку човекоугодништво, така што ја труе душата и телото со горчината што од неа прокапува. Кој плаче усрдно затоа што Го повредил Христа со своите гревови, веднаш добива Божествена утеха, согласно големината на својата тага “– Старец Паисиј Светогорец.
Православниот свет го празнува споменот на Светите Кирил и Методиј Рамноапостолни. Родени браќа родум од Солун, од угледни и богати родители, Лав и Марија. Постариот брат Методиј како офицер помина десет години меѓу Македонските Словени. Потоа се оддалечи на гората Олимп и се предаде на монашки подвиг. Подоцна му се придружи и Кирил (Константин Философ). Но, кога хазарскиот цар Каган побара од царот Михаил проповедници на верата во Христос, тогаш на заповед на царот овие двајца браќа и беа испратени меѓу Хазарите. Откако го уверија Каган во верата Христова, тие го крстија овој цар и голем број негови доглавници и уште помногуброен народ. По извесно време се вратија во Цариград, каде што ја составија словенската азбука од триесет и осум букви и почнаа да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски. На повик од царот Ростислав отидоа во Моравија и таму ја распространија и ја утврдија православната вера, па ги умножија книгите и им ги дадоа на свештениците за да ја подучуваат младината. А подоцна на повик од папата заминаа за Рим, каде што Кирил се разболе и умре, на 14 февруари 869 година. Тогаш Методиј се врати во Моравија и до смртта се потруди на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. По неговата смрт – а тој се упокои во Господа на 6 април 885 година – неговите ученици Петочисленици, на чело со Свети Климент како епископ, го преминаа Дунав и се спуштија на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжија да работат меѓу Словените на истото дело што го започнаа Методиј и Кирил на север.
„Има пак некои што зборуваат: „Зошто е словенската азбука? Ниту Бог ја створил, ниту ангелите, ниту се отпрвин створени и примени од Бога како што се тоа еврејските, римските и грчките?“ А трети мислат дека сам Бог ги создал буквите. А не знаат, кутрите, што зборуваат дека на три јазика Бог наредил да се пишуваат книги, како што пишува во евангелието: „И имаше штица напишана на еврејски, римски и грчки.“ А словенски таму немаше, та заради тоа словенските букви не се букви од Бога. На тоа што да кажеме и што да им речеме на такви безумни? Да им кажеме како што сме научиле од Светото писмо, и дека се по ред и се иде од Бога, а не од друг некој. Не го создал Бог прво еврејскиот јазик, ниту римскиот, ниту грчкиот, туку сирискиот на кој што зборувал Адам, и од Адама до потопот кога Бог ги разделил јазиците при вавилонската кула: „Размешани беа јазиците.“ И како што се размешаа јазиците и наравите и обичаите, наредбите и законите и искуствата: на Египќаните – геометријата, на Персијанците, Халедеите и Асирците – астрономијата, гатањето врачањето, маѓепсувањето и секаква човечка вештина; на Евреите пак, светите книги, а во нив е пишано дека Бог го создаде небото и земјата и сè на неа и сè по ред како што пишува; а на Грците – граматиката, реториката и филозофијата –„О писменех“ Црноризец Храбар“.