Да се биде уникатен и посебен, да се биде свој на матурската прослава. Тоа е она што е битно, да се испрати невербалната порака преку облеката која се носи за својата индивидуалност, за својата посебност. Голем број матуранти веќе го направиле тој избор и годинава се одлучија да носат облека „по своја мерка“. За тоа зошто е битно да се биде уникатен на оваа вечер поразговаравме со Лили Кадинска, модна креаторка и сопственичка на модното студио „Ле Бранд“ во Битола.
Читај бе: После две години пауза, матурантите повторно ќе уживаат во своите матурски прослави. Повторно се враќа потрагата по совршен изглед. Што е она што е сега актуелно, што би им препорачале на матурантите и матурантките. Што да изберат за матурската прослава?
Лили: Знаете, дизајнирањето за посебна индивидуа или народски кажано „направи по мерка” е збир на повеќе аспекти. Совршениот изглед е релативна работа, исто како и нашите препораки. Кога клиентите, во случајот матурантите доаѓаат во Le Brand прво го скенираме нивниот физички изглед и моменталниот стил. Кратко разговараме околу желбите и идеите. На тој начин ја запознаваме делумно и нивната личност. Потоа им правиме предлози со креации и материјали инспирирани токму од нив и нивните предиспозиции, физички и карактерни.
Читај бе: Зошто е битно да се биде уникатен на оваа вечер? Да се носи парче облека која нема да биде „copy-paste“?
Лили: Матурската вечер е нивниот прв голем настан како полнолетни луѓе кои уживаат права на возрасни, а средината се уште ги гледа како деца. Нивната борба е да и се наметнат на околината со својата индивидуалност и посебност, а со облеката и стилот по дефиниција испраќаме невербална порака. Затоа е важно да се отскокне од вообичаеното и просечноста.
Читај бе: Има ли побарувачка за дизајнирање и изработка на матурски фустани? Се разбира и костуми за машките…
Лили: Во Le Brand овој период од годината е посебно енергичен и интензивен. Ние сме секоја година ангажирани за осмислување на изгледите на голем број матуранти и за изработка на нивните тоалети и одела. Така е и оваа година. Сите термини се веќе пополнети и до крајот на матурската треска ќе имаме уште побогато портфолио со многу уникатни и храбри креации.
Читај бе: Кој материјал би го препорачале? Која боја? Што е сега актуелно?
Лили: Помеѓу матурантите оваа година најактуелна е зелената боја во сите нејзини нијанси. Препораките за материјал и боја се секогаш индивидуални,во зависност од многу фактори. Од моделот кој ќе се носи до тен, боја на коса, боја на очи,итн.
Читај бе: Кажете ни нешто за Le Brand…што е она ново што го подготвувате за оваа сезона пролет-лето?
Лили: Во Le Brand имаме работна пролет и како што се приближуваме кон летото сфаќаме дека ќе биде уште поработно лето. Најнова и последна активност, помеѓу стандардните е нашата суфражет кампања, која започна пред околу два месеци по повод 8-ми Март.
Тоа е концепт со хуманитарен и социјален карактер и ќе биде во постојаната понуда на Le Brand Studio, а во иднина ќе се развива и надградува дополнително. 15%од продажната цена на суфражет маичките одат во фонд со кој се помагаат жени жртви на семејно насилство и самохрани мајки. Потоа до крајот на мај не очекува претставување на Le Brand пред дипломатскиот кор и одбрани домашни посетители во претседателската резиденција под покровителство на Првата дама.
Тука е продавницата на Le Brand Studio на Etsy, курсевите по моделирање, кроење и шиење, како и Fashion Lab каде што не чека изработка на една долго најавувана колекција за нашиот клиент од Саудиска Арабија, модниот бренд Qamrah. Оваа колекција обострано ја доживуваме како посебна и и се радуваме затоа што е прва после паузата од две години во која бевме заглавени сите заради ковид кризата.
Читај бе: Колку битолчани/ки имаат навика да купуваат од Вас како битолски бренд? Или пак да се обратат до Вас за шиење на уникатно парче облека?
Лили: Се радувам дека нашите сограѓани знаат да препознаат автентично и дизајнерско парче облека. Нашата мрежа на клиентки е задоволително голема и од ден на ден само се зголемува. Нашата цел е Le Brand да се носи повеќе и помасовно, затоа и во иднина активно ќе работиме на промоција на брендот и неговата вредност и посебност.
Читај бе: Што мислите? Треба ли да се купуваат скапи парчиња брендирана облека да се изгледа убаво?
Лили: Сметам дека треба да се купува паметно. Кога купуваме облека треба да се водиме од девизата: „Помалку е повеќе”. Ние имаме менталитет да купуваме квантитативно наместо квалитетно. Исто така она што го купуваме е нужно најевтиното. Без да обрнеме внимание на карактеристиките и времетраењето на нештото. И тоа не е заради немањето на финансиски можности, туку е прашање на навики. Тоа мора да се менува за да изгледаме пристојно, уредно и стилски, а истовремено да се наполни гардероберот со парчиња кои ќе траат во времето, естетски и квалитетно.
Читај бе: Еден совет кој би сакале да им го дадете на младите во Битола што се однесува на облеката и модата и воопшто секојдневието…
Лили: Облеката, стилот е уникатна можност за себеизразување без да се користат зборови и таа шанса треба да се искористи на најдобриот можен начин.