Замислете ситуација – во друга држава сте, но одненадеж слушате познат звук, слушате како некој на клавир ја свири „Ако одам во Битола“…ете тоа е чувството кое сака да го предизвика Христијан Спировски кај сите додека неговите прсти виртуозно се движат по типките на клавирот. Иако роден во Мелбурн, Христијан е израснат битолчанец, кој заради животните околности во 2003 година се врати повторно да живее во Австралија. Музиката е во неговите гени, па така неговиот талент успешно го надополнува со музичкото високо образование кое го стекнува во Мелбурн. До јули 2016 година работеше како пијанист на аердромот во Мелбурн, а сега вели дека е во потрага по работа. Преку музиката сака да шири љубов меѓу луѓето.

христијан 1

Читај бе: Најнапред кажи не нешто за себе, кога си роден, образованието…

Христијан: Моето име е Христијан Спировски, роден сум на 24.11.1987 година во Мелбурн, Австралија, во семејство кое од таткова страна се три генерации музичари и од мајка по потекло од Прилеп и Крушево. Мојот татко Диме Кнкано (Симеон Спировски) беше самоук на гитара, значи свиреше на гитара и настапуваше на многу забави, разни свечености, емисии во живо во поранешното радио Битола. Во 70-тите години од минатиот век, имаше издадено плоча со македонски народни песни, која ја чувам до денес. Кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите, татко ми се пресели во Мелбурн каде ја формираше првата (тогашна југословенска) музичка група составена од Македонци, Срби, Хрвати итн. Настапуваа во населбата Фицрој, овде во Мелбурн. Но, повеќето од неговите другари и пријатели го познаваат и како гимнастичар бидејќи имаше завршено и две години средна учителска школа во фискултурниот отсек во Битола. Но не ја дозаврши, туку продолжи да свири на гитара. Мојот дедо, Вангел Спировски свиреше на виолина и беше член на групата „Битолски чалгии” и има снимено емисија за тогашната Радио Телевизија Скопје (МТВ), која е поставена на јутјуб, во црнобела техника и секој може да ја погледне. Во неа се опфатени нивни настапи во битолското Гинимале, пред црквата Св. Богородица во селото Трново, во Гопеш итн. Тие беа навистина доста барани музичари во тоа време. Мојот стрико Ѓорги Спировски има завршено средно музичко образование, отсек хармоника во Битола. Мојот братучед од Бризбејн, Даниел Спировски е исто  така саксофонист и музички продуцент, кој има соработувано и со познатиот гитарист Стив Веј и настапувано на концерти со гитаристот на Џастин Тимберлејк. Од страната на мајка ми, музичари се и моите вујковци, Сашо (Френки) и Соте (Чипсо) Филипоски кои беа членови на групата „Крушево 1903″ и секако придонесоа во откривањето на нашиот пејач и музичка ѕвезда и легенда, Тоше Проески, кој настапуваше заедно со нив во хотел Монтана и на многу други места низ Македонија и пошироко, во сега веќе далечната 1996/1997 година. По тој музички пат продолжува и мојот братучед Кире Филипоски, кој свири на гитара и настапува секаде низ Македонија, а има и настапувано и на Garage Revival на Телевизија Алфа во 2011 година и на „Пинкови ѕвезди” во 2014 година.

Јас се занимавам со музика од 1995 година, кога се запишав во нижото музичко училиште во Битола, напоредно со основното училиште „Тодор Ангелевски“. Настапував на многу концерти и интерни часови. Секако дека со настапот на Детскиот музички фестивал Сидо во 1998, Мал конзул во 1999 и Тралала во 2000 година, стекнав популарност во Битола и пошироко (како дете-пејач). Одевме на турнеи по многу градови низ Македонија како Ресен, Прилеп, Охрид и Струга, а во 1999 настапив и на Пулси Квиз шоу на Македонската телевизија. По завршувањето на моето нижо музичко образование, продолжив со средното музичко образование во 2002/2003 година.

981387 10200687830331091 1255390551 o

Читај бе: Како се случи да заминеш од Битола во Мелбурн?

Христијан: Јас сум роден во Мелбурн, но растев во Битола од мојата 2 годишна возраст. Но во 2002 година, почина мојот татко и со мајка ми одлучивме дека најдобро за мене е да заминеме за Австралија во 2003 година. Секако дека прилагодувањето во нова средина и нова држава не беше лесно. Веднаш мајка ми ме запиша на шестмесечен курс по англиски јазик,  за да ми помогне во моето понатамошно средно образование. Токму во тој центар за англиски јазик, имаше клавир и ги прашав библиотекарите дали смеам да свирам, ми одговорија потврдно. Почнав да го свирам турскиот марш од Моцарт и на сите им беше интересно. Меѓу нив имав и една учителка од српско потекло која беше добро информирана за музичките школи овде во Мелбурн, и со неа и мајка ми отидовме во моето идно училиште (The University High School) и таму направив аудиција на клавир. За неколку недели добивме позитивен одговор, дека сум примен и секако дека тоа беше големо олеснување и уште поголемо задоволство за мене. По инсистирање на мајка ми, поради нејзината загриженост како ќе се вклопам, свежо дојден од странство, ја повторив прва година во 2004, па скокнав на трета и завршив со моето средно образование во 2006 година. Во 2007 се запишав на клавирскиот отсек во Melba Conservatorium of Music, каде дипломирав во 2008. Потоа се запишав во Melbourne Conservatorium of music, каде дипломирав во 2011 година. Во септември 2013 година почнав да работам како пијанист на аеродромот во Мелбурн, каде работев до јули 2016 година.

Читај бе: Што работиш моментално?

Христијан: Моментално сум во потрага по работа, а и по девојка (хаха). Се надевам дека ако првото дојде, ќе се оствари и ова другото.

288819368 10225156805600180 8257470923218190822 n

Читај бе: Често пати изминатите години можевме да те видиме како свириш на аеродром, или на други локации. Пееш македонски, српски, хрватски песни…како дојде идејата за тоа?

Христијан: Па сакав малку да бидам поразновиден од другите пијанисти и затоа додадов најмногу музика која можеше да се додаде за да се направи еден совршен репертоар. Секако дека тоа делумно го направив поради моето потекло, поради македонската дијаспора која ја имаме овде, и секако и српската, хрватската, босанската (воедно ексјугословенската) дијаспора која ја имаме овде. Освен наша балканска музика, изведувам и италијанска, шпанска, англиска, поп, класична и џез музика.

Читај бе: Како реагираат луѓето, особено на аеродромите кога ќе слушнат позната мелодија?

Христијан: На луѓето тоа многу им се допаѓа, веднаш се насмевнуваат, ми приоѓаат, оставаат бакшиш, имаат некоја музичка желба, разговараат со мене, ми кажуваат каде патуваат, колку ја сакаат Македонија или било која друга држава и колку многу ја сакаат нашата музика.

Читај бе: Имаш ли некоја интересна анегдота која ти останала во сеќавање, интересна случка која никогаш нема да ја заборавиш?

Христијан: Па има неколку: на пример на аеродромот во Мелбурн ги свирев ирските песни (Dannyboy и Galway Bay) и една жена ми остави 50 австралиски долари. Не можев да поверувам. Подоцна исто така имаше и танчерки кои патуваа некаде и кога слушнаа дека свирев песни од Лејди Гага и Кејти Пери почнаа кореографски да играат. Тоа ми остави голем впечаток. Во хотелот Епинал имаше гости од Израел и кога видов дека зборуваат на еврејски им ја свирев „Аванагила”. Средбата со словенечкиот амбасадор, кај клавирот исто така ми остави голем впечаток, поради тоа што беше прилично изненаден дека свирев словенечки песни. Но најдраго ми беше на пример, во центарот на Мелбурн, каде почнав да го свирам Касапското оро и еден човек оддалеку рече „Еј, нашиот свири”.

Читај бе: Која ти е најомилена песна која сакаш да ја свириш?

Христијан: Па мислам дека сите песни и композиции кои ги изведувам ми се омилени поради тоа што секоја од нив ми побудува некои емоции. Тука се секако песните за нашиот најопеан град, Битола мој роден крај, Ако одам во Битола, потоа Јовано Јованке, Касапското оро, Пајдушкото итн.

христијан нас

Читај бе: Дали ти недостига Битола? Дали би се вратил назад?

Христијан: Битола многу ми недостига и затоа доаѓам на летен одмор скоро секоја година и мислам дека тоа е најдобро.

Читај бе: Кои се твоите идни планови?

Христијан: Па сакам да се остварам и како композитор, но најдобро ќе биде тоа да биде пополека, чекор по чекор. Со овие аеродромски настапи, сакам да ја пренесувам македонската музика низ целиот свет, сакам луѓето да слушаат пообемен музички репертоар за да биде секој задоволен. Преку музиката сакам да ширам љубов меѓу луѓето, оти музиката е пред се’ љубов, уметност… Од друштвените мрежи имам само јутјуб и фејсбук, така што вашите читатели може да ме следат таму за нови видеа. И секако на вашите следбеници им препорачувам да го следат сајтот читај.бе

meblo trejd mialnici
Кркардаш или „Светите славни 40 битолски преподобномаченици“ е бедем на христијанската љубов и единство
Православниот храм посветен на „Светите славни 40 битолски преподобномаченици“ претставува духовен чувар …
Тишина во стиховите: Денот на поезијата во сенка на тагата
Во овие денови на тага, кога Македонија жали за трагичната загуба на …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…

Интервју со Валентина Степановска Андонова, просветен работник на годината за учебната 2022/2023

5 Октомври – денот посветен на една од најблагодарните професии од почетокот…