Џез фабрика naslovna

Силата на џез музиката е да обединува, да дава надеж за светла иднина и да креира моменти за историја. Со овие зборови го опишува џезот Сашо Поповски, професор на Музичката академија во Штип, основач и директор на фестивалот Џез фабрика фестивал кој веќе шест години се организира во Битола.

Иако со скромен буџет, годинешното издание на фестивалот беше најуспешно досега, со широк дијапазон на музичари од неколку земји кои на љубителите на џезот во Битола им понудија неколкудневно уживање.

Како што вели Поповски, џез фестивалите се тие кои ја одржуваат во живот џез сцената во Македонија, во отсуство на џез клубовите кои всушност се вистинскиот генератор и креатор на сцената.

Но! Публиката докажа и покажа дека џезот има иднина, па затоа организаторите на овој фестивал имаат висока граница која треба да ја преминат наредната година.

Со Сашо разговаравме за годинешното издание на Џез фактори фестивал, импресиите на гостите и публиката, поддршката на фестивалот, џез културата во Македонија…

Читај бе: После успешното шесто издание на Џез фабрика фестивал Битола, сега можеме да ги споделиме импресиите. Како си задоволен од годинешното издание на фестивалот, гостите врвни, а впечатокот е дека публиката од година во година е сé побројна…

Сашо: Најнапред би сакал да се заблагодарам на публиката во Битола која докажа и покажа дека КУЛТУРА се гради со векови и децении, а нашата Битола ја има во изобилство.

Главни коментари од артистите кои настапија на шестото издание на Џез Фабрика Фестивал беа комплименти за публиката и нејзината едуцираност и познавањето на џез музиката, фантастичната сцена, перфектниот звук и светло и сите оние мали организациски моменти кои само ние како тим се грижевме да бидат испочитувани максимално во насока на лесна реализација на проектот.

Точно, изборот на артисти како и за прв пат едно големо име од светската џез сцена Баба Сиссоко (Мали) допринесоа за голем скок во посетеноста и ние покрај големиот ентузијазам кој беше присутен од самиот почеток сме пресреќни со финалниот резултат и посетеноста на ова издание. Радува фактот што фестивалот бележи континуиран раст и напредок, а со тоа на публиката во Битола и во иднина ќе им презентира концерти за паметење. Исклучително сме горди што годинава поттикнавме и три оригинални проекти кои како премиери беа изведени на сцената на НУ Народен Театар Битола – институција која уште на самиот старт ја препозна идејата, сериозноста и капацитетот на овој „Светски, а наш“ културен проект.

Џез фабрика 10

Мое субјективно мислење е дека го имавме најдоброто издание во историјата на Џез Фабрика Фестивал и достигнавме висок левел кој во иднина ќе биде многу тешко да се одржи или надмине единствено поради навистина скромниот буџет со кој го реализираме фестивалот – наспроти трошоците кои од година во година се се повисоки!

Читај бе: Од зачетокот на идејата за џез фестивал во Битола, па се до неговото одржување шесто по ред кое преброди и години на пандемија, задоволен ли си како е примен фестивалот од битолската публика, но и од македонската џез публика воопшто?

Сашо: Секако, лично сум презадоволен од бројот, приемот, како и среќните лица на битолската публика што е доказ дека се движиме во вистинска насока која е секако доста радикална во однос на мејнстрим сцената и проектите кои се нудат генерално во Македонија.

Џез фабрика 7

Ако направам ретроспектива на изминатите изданија со сигурност би констатирал дека поминавме исклучително тежок период (особено периодот на корона) во кој и покрај скромниот буџет за реализација – секогаш победува желбата и големиот ентузијазам за организација на уште едно ново подобро издание. Горд сум дека Џез Фабрика Фестивал во екот на светската пандемија со ковид кога и најголемите битолски фестивали ги откажаа своите изданија, ние со нашиот тим успеавме да не дозволиме прекин во континуитетот и реализиравме издание со промовирање на отворена сцена на НУ Народен Театар почитувајќи ги сите тогашни протоколи за работа.

Џез фабрика 4

За жал и покрај сите тие наши мали победи, континуиран раст, презентирање на светски артисти од нај висок ранг, креирање на оригинални проекти, промоција на македонските џез уметници и зголемување на квалитетот на македонската џез сцена, се уште не успеваме да бидеме препознаени од страна на Министерството за култура како сериозен проект и нивниот став кој ЏФФ во најмала рака останува понижувачки. Во 2022 Министерството за култура ни додели фантастични 0 (нула) денари за реализација на проектот, а додека во 2023 нашиот Џез Фабрика Фестивал Битола го смести во 4 (четврта категорија – минимални 51 бод ) во рангот на детски фестивали или соло коцерти и ни додели 153 000 ден. (јавно објавени средства на страната на Министерството) што е доказ дека комисиите се тотално некомпетентни да ги оценуваат реално проектите од македонската џез сцена и дека не го познаваат обемот и квалитетот на нашиот фестивал покрај огромниот број на материјали кои како завршни документи секоја година ги доставуваме во истото министерство.

Џез фабрика 8
meblo trejd cesmi во crni

Сепак светла точка на ова шесто издание е што министерката за култура лично го посети нашиот фестивал – што е прв министер за култура во историјата на фестивалот што го сторил тоа и имаше можност лично да се запознае со високиот квалитет на овој светски проект, што во иднина дава надеж дека работите сепак ќе се поместат од мртва точка во однос на ресорното министерство.

Од друга страна фестивалот минатата година стана дел од годишната програма за култура на Општина Битола како проект со највисок културен импакт, со што се создаде силна база за годишна реализација на проектот како и мрежно поврзување и интегрирање на фестивалот со сродни манифестации од Европа и Балканот. Токму таква џез мрежа Франција – Балкан се формира во 2021 год. каде покрај француските џез фестивали во Дижон, Шамбери и Нијон нашиот Џез Фабрика Фестивал Битола е во друштво на балканските џез фестивали во Подгорица, Тирана и секако големиот Нишвил во Србија.

Џез фабрика 6

Читај бе: Какви се реакциите од годинешните гости кои настапија на фестивалот?

Сашо: Позитивните реакции од страна на артистите верувајте не стивнуваат, пресреќни се за укажаната шанса да ја презентираат сопствената уметност и би сакале што поскоро да се вратат во Битола на некое следно издание на фестивалот. Оваа година имавме артисти од Мали, Франција, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Македонија.

Читај бе: Ова издание заврши, но сега почнуваат подготовките за наредното, седмо издание. Кои се плановите, во план ли се гостите или дополнително ќе се преговара?

Сашо: Секако нашиот тим веќе работи на програмата за седмото издание на фестивалот, тоа што можам да кажам дека ќе имаме за прв пат артисти од Полска и Австрија, во преговори сме со една жива легенда од американската џез сцена, можеби ќе имаме повторно артист од Африка и секако будно ги следиме изданијата и проектите на македонските џез музичари кои со задоволство би ги презентирале на нашиот џез фестивал.

Читај бе: Постои ли кај нас џез култура? Имаме ли потенцијал за клубови каде исклучиво се свири џез…

Џез фабрика 2 1

Сашо: Токму на оваа тема имав излагање во рамките на нај големата музичка конференција на Балканот – КОНТАКТ Белград на почетокот од Април годинава каде направив директна паралела во организирањето на џез клубовите на Балканот и Европа, начините за финансирање на клубовите, културниот импакт кој го имаат во општеството, односот на државниот апарат кон истите како и неможноста – (можноста Европа) за создавање на годишна КУЛТУРНА програма. За жал ние сме многу далеку во овој поглед бидејќи малиот број на џез клубови, околу (3-4) на територија на Македонија не продуцираат култура, напротив класично преживуваат презентирајќи забава и репродукција на веќе слушнати и препеани рефрени од поп и рок жанровите. Потребен ни е тотален ресет во овој поглед за да во некое идно интервју би можеле да разговараме за џез клупска сцена во Македонија.

Единствено џез фестивалите се тие кои ја одржуваат во живот џез сцената во Македонија, но не треба да заборавиме дека ова се годишни манифестации кои треба да бидат врвот и стремежот за презентација на секој артист – додека клубовите се вистинскиот генератор и креатор на сцената!

Читај бе: Како професор на Штипскиот универзитет, колку е битно да им се пренесе на студентите џез културата? И како тие го прифаќаат тоа?

Сашо: Универзитетот Гоце Делчев – Штип – преку Музичката Академија е пионерот кој пред 16 години ја препозна идејата и ентузијазмот на група високо образовани џез музичари и буквално подаде рака за формирање на прв македонски институционален џез субјект како дел од МА, што е од витално значење за зголемувањето на бројот на високо квалитетни и едуцирани џез артисти во Македонија, зголемување на бројот на џез изданија и секако природно надополнување на тој би го нарекол вакум период кој настана со расформирањето на Биг Бендот на МРТ.

Џез фабрика 9

Денес после 15 години работа Македонските џез музичари се академски граѓани инволвирани во процесот на едукација, артисти кои настапуваат на европските џез сцени и стожери на современите културни движења во државата!

Читај бе: И за на крај…и самиот како џез музичар, може ли да ни ја објасниш убавината на џезот, емоциите кои се пренесуваат?

Сашо: Џезот е музиката на човечкиот род, ги поврзува народите и културите, создава пријателства и соработки, тоа е јазикот преку кој се разбираме без оглед на боја на кожата, националност, континент од кој доаѓаме. Силата на џез музиката е да обединува, да дава надеж за светла иднина и да креира моменти за историја.

jk travel leto antalija 2023

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…