2 Април е Меѓународен ден на литературата за деца и млади: Да се работи со деца и да се твори за деца е една од најкомплексните дејности. Резултатите не се видливи веднаш и сега, туку обележуваат цели генерации.
Тука спаѓаат цртаните филмови, играни филмови, сликовници, радио и тв програма наменета за детска и млада публика, театарски претстави и секако книгите.
Се чини дека човечката еволуција го забави еволуцискиот подем со технологијата која се рекламира со фразата – ќе ви го олесни животот.
И така без да почувстуваме некоја посебна драматичност се најдовме во IT smart зоната. Нечитањето кај младите луѓе, кај децата од најмала возраст може многу лошо да делува на нивните когнитивни способности. Која е целта на читањето – според стручната јавност: да научи детето да размислува. Во формалното образование предметот македонски јазик и книжевност постојано го промовира читањето на лектири и книжевни дела за обработка на час преку различни пристапи.
Никола Трајковски е професор по македонски јазик и книжевност. Помеѓу неговите ученици важи за професор кој со неговиот ентузијам и инспирација ги води младите низ низа национални и интернационални проекти и искуства, оспособувајќи ги за иднината и предизвиците со кои ќе се соочат по завршувањето на средното образование. Вработен е во СОУ Гимназија „Јосип Броз – Тито“ во Битола, училиште од чии клупи имаат излезено најголемите интелектулци во регионот, училиште каде учениците се мотивирани да читаат литература поврзана со сите предмети. Трајковски спаѓа во младата генерација на професори кои подеднакво ги манипулираат и електронските и материјалните книги. Книгата вреди само ако се чита – е совршен одговор за борбата меѓу дигаталната и физичката книга. Па затоа Читај Бе разговараше со проф. Трајковски.
Читај бе: На социјалните мрежи се појави статусот: „Читањето на книги може сериозно да го спречи неразмислувањето кај човекот“ – колку сериозен проблем е нечитањето на книги кај учениците?
-Нечитањето е сериозен проблем за секој човек, како што рекол Марк Твен „Човекот кој не чита добри книги не е ништо подобар од човекот кој не знае ни да ги прочита“.
Кај учениците кои не читаат се јавуваат многу други проблеми во нивното секојдневие, тие тешко се изразуваат на часовите, имаат сиромашен речник, во комуникацијата со своите врсници или се повлечени или се обидуваат тоа да го надополнат на друг начин, најчесто покажувајќи сила…
Читај бе: Зошто е потребно прво да се усвои македонскиот јазик, говорам за мајчин јазик и да се чита прво на македонски, па подоцна на други јазици?
Мајчиниот јазик е најважната алка во развојот на детето, бидејќи првите зборови кои ги слуша –мама,тато, зборови кои се најважни за секое дете – се изговорени на мајчин јазик и токму поради тоа секое дете најпрво треба да го научи и совлада прво мајчиниот јазик, а потоа да ги изучува другите јазици. За жал, денешните трендови се обратни, родителите се посреќни кога нивните деца прво ќе ја научат англиската азбука и ќе ја рецитираат пред други или прво ќе научат да бројат до 10 на друг јазик, што потоа доведува до една нова аномалија -децата почнуваат да говорат на мешан јазик англиско македонски, најчесто.
Читај бе: Што е различно, а што исто кај книжевноста за деца додека Вие бевте дете и сега?
Исти се приказните и басните кои нас ни ги читаа и кои и денес се читаат, оние безвременски од браќата Грим, но во последните години ме радува што има наплив на современа литература за деца, почнувајќи од сликовници, па до илустрирани книги за деца и радува фактот што сѐ повеќе има избор и од македонски автори нешто што во наше време беше вистинска реткост.
Читај бе: Зошто сѐ помалку има соодветно литературно творештво за деца, а не секогаш реактуелизирањето на стари наслови е добар потег?
Па нема да се согласам со оваа констатација дека нема соодветно литературно творештво за деца, како што реков и погоре ова се времиња во кои имаме многу литература за деца и сега секогаш кога има квантитет сигурно ќе се најде и нешто лошо, но мислам дека станува збор за избор.
Читај бе: Како родителите можат да влијаат на развојот на навиката за читање кај децата?
Родителите ја играат најважната улога дали кај едно дете ќе се развие навика за читање или не. Со читање се почнува уште од најрана возраст. Ако родителите им читаат сликовници на своите деца пред спиење, ако ги трнат телефоните, youtube видеата ги заменат со прераскажување на приказни, потоа тоа го продолжат и кога детето станува посвесно за своите навики, ако во нивниот дом имаат книги на полиците, децата сигурно ќе стекнат навика да читаат. Ако родителите ги остават децата да се на телефоните по цел ден, играјќи игри, гледајќи видеа, тие деца нема да стекнат навика да читаат.
Читај бе: Формалното образование по предметот македонски јазик има список на лектири и задолжителни дела за обработка и во основно и во средно училиште – колкав е реалниот интерес за читање на тие задолжителни книги и дали препознавате ученик кој чита надвор од задолжителната литература?
Ќе бидам искрен и тоа е нешто што со тешко срце го кажувам, ама поновите генерации многу малку ги читаат задолжителните лектири. Не велам дека нема деца кои читаат, има одлични деца кои читаат и сакаат да дискутираат за делата, но поголемиот број сакаат тој процес да го поминат на полесниот начин, денес постојат интернет страници кои нудат целосни анализи на сите дела во скратена верзија што за новите генерации е доволно, несвесни дека на тој начин не стигнуваат до суштината на самите дела. А има деца кои читаат дела надвор од наставата и тоа веднаш се забележува – нивните мисли се појасни нивниот речник е поинаков.
Читај бе: Често се коментираат современите илустрирани книги за деца – дека се груби и насилни, мислењата се поделени, кое е вашето?
Во однос на ова прашање сметам дека станува збор за избор, доколку родителите не внимаваат што е она што нивните деца читаат и ги остават да читаат сѐ и сешто сметам дека кај секое дете ќе преовладуваат таквите илустрирани книги кои се исполнети со насилство, се разбира дека во оваа ера на наплив на илустрирана литература има и многу соодветни содржини за секоја возраст.
Читај бе: Наслови на книги кои секој млад човек треба да ги прочита – Ваш предлог?
Ова е можеби најтешкото прашање бидејќи книги има премногу па секогаш ми е тешко да направам краток список, но ќе се обидам –
„Малиот принц“ – Антоан Де Сент Егзипери
„Гуливеровите патувања“ – Џонатан Свифт
„Дениција“-Петре М. Андреевски
„100 години самотија“- Габриел Гарсија Маркез
„Хамлет“- Шекспир
„Процес“-Франц Кафка
„Злосторство и Казна“ -Достоевски