Доколку децата уште од најмала возраст ги запознаеме со книгата, љубовта кон читањето ќе дојде спонтано. Токму тоа е пример и со 12-годишната Леона Аземовска од Битола, чии родители, Нешат и Фатма уште додека била мала ѝ читале книги пред спиење. Користејќи го слободното време за читање книги, Леона патува низ повеќе земји, запознава многу карактери, секој ден е различна авантура кога си пријател со книгата. Нејзиниот татко Нешат, многу купувал и читал книги поучувајќи ги нејзе и нејзиниот брат Даријан дека тоа е инвестиција во себеси. Тоа е нешто што им го остави како аманет на своите деца. Затоа, Леона се води од зборовите на нејзиниот татко и продолжува да чита. Таа вели, книгата не те прави само попаметен, туку и подобра личност. Поразговаравме со неа, сакајќи да дознаеме нешто повеќе за книгите што ги чита, но и која е пораката која ја испраќа до сите деца кога се работи за читањето книги.
Читај бе: Леона, најнапред кажи ни нешто за себе, каде учиш, колку години имаш?
Леона: Јас учам во ОУ „Даме Груев“ – Битола и сум седмо одделение. Читањето е моето омилено хоби. Светот на книгите е мојот свет. Читањето ми нуди едно прекрасно задоволство. Низ книгите, низ различните градови и држави во кои се одвиваат дејствата, патувам заедно со ликовите. Низ ова книжевно патување се запознавам со различните култури, традиции и обичаи. Затоа и многу патуваме и сакаме да имаме многу нови авантури. Се дружам со моите соученици, сакам да помагам, да запознавам нови деца, нови места, нови активности. Омилени предмети на училиште ми се македонски јазик, природни науки и историја. Обожавам да пишувам состави на различни теми.
Читај бе: Кога кај тебе се роди љубовта кон читањето? Што мислиш дека беше пресудно?
Леона: Додека бев мала, моите родители секој ден пред спиење ми читаа различни книги и оттогаш ја засакав литературата односно книгите. Не можев да заспијам ако не ми прочитаа книга. Откако научив да читам, после самата си читав. Сакам да читам, книгите за мене се прозорец кон светот, богатство кое можеш да го имаш кога и да посакаш.
Читај бе: Која е првата книга која ја прочита?
Леона: Првата книга што ја прочитав беше Малата сирена.
Читај бе: Како наоѓаш слободно време за читање, со оглед на твоите обврски? Кога најчесто читаш?
Леона: Најчесто читам пред спиење или кога ги завршувам домашните задачи. Тоа време е за наменето за мене, кога не размислувам за ништо освен за ликовите и за дејството во книгите.
Читај бе: Имаш ли најомилен автор, најомилена книга?
Леона: Омилени книги ми се серијалот Перси Џексон и омилен автор ми е Рик Риордан. Насловите на книгите се: „Крадецот на молња“, „Море од чудовишта“, „Титановото проклетство“, “Битката на лавиринтот“, „Последниот херој на Олимп“.
Перси Џексон е инаку 12 годишно дете на еден од грчките богови и после трагедијата со неговата мајка, тој мора да оди на камп за полубогови или на деца на грчките богови. Тој во кампот дознава кој од боговите му е татко и дека некој му ја украл молњата на Зевс – крал на Боговите и ќе има војна на боговите ако не се врати. Боговите мислат дека Перси ја украл и еден од нив му ветил нешто големо за молњта. Тој оди на авантура со неговите другари и таму дознава многу нешта. Што дознал треба да прочитате …
Читај бе: Кој е твојот најомилен жанр?
Леона: Омилен жанр ми е фантазија. На 7 и 8 години ги имам прочитано книгите „Хари Потер“. Едноставно, филмовите се направени премногу скромни, во споредба со фантазијата која Роулинг ја разви во мојата глава преку книгите за Хари Потер. Сите ситни детали, поврзани совршено и перфектно вклопени во повеќе од 5 000 страници. И благодарам на тетка Лиле што ми ги подари сите книги од Хари Потер на англиски јазик. Јас мислам дека пораснав со Хари Потер. Книгите ги имам прочитано по кој знае колку пати. Хари Потер не е само детска книга или само лутање низ еден магичен свет на волшебници, таа содржи доста поучни моменти и тоа на еден ненаметлив и достапен за секого стил, проткаен со забавен хумор, но и сурова реалност, низ авантурите на главните јунаци ги доживуваме нивните тинејџерски први љубови и разочарувања, копнеења и надежи, загуби и стекнувања едноставно, се она што е составен дел на животот.
Читај бе: Најомилено место за читање?
Леона: Најомилено место за читање ми е во спалната пред да заспијам. Многу сакам да читам кога е ладно или врне снег, а ние да сме во нашата викендица во село Слепче и да уживаме со снегот.
Читај бе: Колку твоите врсници читаат книги? Сакаат ли повеќе да гледаат филм? Се обидуваш ли да им ја пренесеш оваа љубов и ним?
Леона: Моите врсници најчесто читаат лектири. Не би го споредила читањето со „гледање филм“ или со „претстава“, бидејќи, во книгите сите настани се опишани детално и некако поблиску се чувствувам до самите ликови и настани, додека, пак, кај филмовите, сѐ се одвива толку брзо така што оние ситни детали ги пропуштаме. Јас мислам дека не само децата туку и возрасните треба да читаат книги бидејќи со книгите не пропуштаме ситни детали, но важни детали. Секогаш има доволно книги чии наслови ме мамат. Исто така има добри наслови кои може да се најдат онлајн. Позајмувам книги од Национата установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ –Битола и од Американското катче во Битола, кои имаат навистина голем број на книги на македонски и на англиски јазик.
Читај бе: Која е твојата порака? Зошто децата да почнат да читаат и кои се придобивките?
Леона: На крај сакам да кажам дека ние дома сите читаме. Имаме наша библиотека со над 2000 наслови. Мојот татко Нешат многу купуваше и читаше книги, тој велеше дека тоа е инвестиција во нас. Сега ние продолживме да читаме. Мислам дека читањето не е само добра забава. Секојдневното читање може да не направи попаметни, посреќни луѓе. Читањето може да ја зголеми интелигенцијата, читањето помага во зголемувањето на емпатија односно читањето книги не само што ве прави паметни, туку ве прави и подобра личност. Читањето може да го промени нашиот мозок, со читање исто така сме помалку зависни од паметните телефони. Кога читаме сите дома сме најсреќни и тоа време е посветено само за нас.
Ги охрабрувам сите деца да читаат, набројав многу работи зошто треба да читаме. Се надевам во скоро време во Битолската библиотека ќе има клуб за читатели – за размена на мислења за нас децата.