Поставка на дел од творечкиот опус на познатиот битолски и македонски ликовен уметник Ѓорѓи Чулаковски Ѓото, насловена како „СИМБОЛИ И НОВИ КОНТЕКСТИ – графичкото творештво на инспирација за екфрастичка поезија“ е дел од КИЦ – Битола. Една благородна иницијатива за трајно отстапување и поставување на дела од овој голем и признат македонски графичар во поставка која ќе биде достапна за јавноста. Благодарение на отвореноста на неговата сопруга Верица Чулаковска, која се јавува и како куратор на изложбата, КИЦ Битола со поддршка на Министерство за култура го реализира овој проект од национално значење.
„Екфрастична песна е живописен опис на сцена или почесто уметничко дело. Преку имагинативниот чин на раскажување и размислување за „дејството“ на сликата или скулптурата, поетот може да го засили и прошири неговото значење“.
„Кога ќе се најдат во прегратка екфрастичка поезија и графика, веќе се поставува прашањето каде е границата помеѓу нив во новото значење кое го создаваат и треба ли да егзистираат оддалечени една од друга, иако можат да бидат и независни, или сепак, треба да останат така прегрнати, една покрај друга, како посложен организам создаден во единство на визуелното и вербалното. Прикажувајќи го делото на уметникот, поетот го става во преден план, и на посреден или непосреден начин го потенцира неговото значење“ – д-р Лили Бошевска, директор на КИЦ- Битола.
„Големите цивилизации (не империи) се развивале секогаш кон југ. Поблиску до сонцето и до медитеранскиот здив на морски гласови. Една од најзначајнитево европската цивилизација е е пелагониската-винчевската, создавана и преобразувана во јужната просветленост. Сите керамички графики кои постојано се откриваат во земјата, во овој базен на животот, содржат шарки, цртежи, знаци, симболи, графички зарези, во најдиректна љубовна врска со константноста. Творештвото на Ѓото е најдиректно поврзување и продолжување на оваа вечна археолошка азбука со која се испишува светлината. Свртен секогаш, каде и да е кон своето митско село Герман, цел живот, загледан како уметник кој копнежливо го чека доаѓањето на светлината. Неговото сликарство е: очекување, игра, обележување, исцртување на мапата на љубовта, скриена низ тајните предели на соно на природата, неговиот обездивен темперамент, затрчан кон ЈУГОТ, е обележан со трагите, знаците, симболите кои по патот на колективниот архетип постојано ги наслушнува, ги преповторува, ги мултиплицира, давајќи ни ги на ситекако нафора страданијата на божествените просветленија“ – Владо Ѓорески, кустос за современа уметност.
„Стоеше на прозорецот гледајќи ја градината на убавите цвеќиња. Одбра една нежна плава пупка, ја скина и ја вметна во своите гради. Ја чуваше љубоморно, со љубов и внимание. А таа растеше и цутеше во твојата градина. Дојде денот кога ти си замина. Замина со ладен бакнеж со бледо студено лице покриен со бои на животот. Ах ие мигови донесоа бол кој сè уште во душата стои. Остана цветот да венее со несопирлив поглед низ животниот прозорец кон душа празна“ – Верица Чулаковска, сопруга на Ѓото.