гимназија Јосип Броз –Тито насловна

Средношколците од Гимназијата „Јосип Броз –Тито“ подготвија  рецитал „Поетско ќоше: Ние и револуцијата“  со нивни авторски творби и поезија од македонски поети. Настанот беше организиран во чест на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола. Рециталот се реализира во училишната библиотека  на Гимназијата под менторство на проф. Зоран Ѓуровиќ -библиотекар и  проф. Даниела Петровска, проф. по Македонски јазик и литература.

Во продолжение , можете да ги прочитате авторските творби на Гимназијалците:

 НИЕ И РЕВОЛУЦИЈАТА 

Секој човек се раѓа и умира,

но велат по него остануваат делата.

Животот е бескрајна и тешка борба.

Водена со бескрајна мака.

Дали со секоја капка пролеана

или со храброст, мудрост споделена.

Ах, таа тешка, животна борба,

бесконечна како и оваа творба,

која незапирно на светот се води,

додека времето и животот не згасни.

Па сè што е создадено на овој свет

дали добро или зло

човекот мора да се бори

сè додека не падне на тло.

Затоа застанете цврсто,

храбро соберете сила

животот е бескрајна борба,

борба за правда и мир,

борба за надежи слобода.

Ох, таа тешка и животна борба,

борба, револуција.

„Болка“  Ангела Тодоровска II-2

Се сеќавам кога бев помала како бев чувствителна на сè и сешто, како силно се вознемирував за најмалите нешта кои ми се случуваа и лежеа во мојата душа со денови, седмици, понекогаш и месеци. Таа болка што ја имав од чувството на осаменост, безнадежност и неспособност за да се приспособам со тешкотиите од иднината ми остави траги во срцето коишто само јас ги разбирав, а не знаев како да постапам за тежината во мојата душа да ми олесни.

Но како што растев, требаше да се соочам со нови болки и мрачни чувства, меѓутоа тие работи воопшто не ме уништија. Се повеќе почнував да разбирам колку нашето дејствие во сегашноста ќе влијае во иднината, колку се значајни работите кои ги правиме и како тоа нè  гради како личности. Почнував да прифаќам дека болката што ние ја чувствуваме, колку ние страдаме од неа, зависи само од нашата волја да научиме од неа, да градиме искуства за да станеме подобри личности. Дека колку повеќе се плашиме од неа, толку повеќе ќе страдаме, но колку повеќе ќе размислуваме за неа и научиме од неа, толку повеќе ќе го имаме тоа знаење, таа сила што ни треба за да можеме да одговориме на сите предизвици во нашиот живот колку и да се тешки.

Така и нашите борци се стремеле за нешто подобро, да ја ослободат Битола и нашата татковина од страшната моќ на германската окупација. Тие се соочиле со страдања и маки дури и по цена на сопствениот живот за ние денес да не бидеме жртви од истите. Нам ни останува да учиме од нив, да ја надоградуваме нашата моќ преку искуствата од сите борби што ние ги водиме за да можеме да живееме како силни и храбри личности каде и да не однесе животот. После оваа студена, темна ноќ, ќе изгрее топло сонце на слободата и ќе донесе мир во нашите срца.

„Стравот в срце вгнезден“ – Лина Чашитовска – II1

Пред години мрачни,

со омраза полни,

кај куршум се слуша,

по планини родни.

Чекореше тивко, детенце едно,

чекореше жално по ноќите густи,

чекореше така, а мисла го мачи,

да не види жртва по улици пусти.

А жртви се редат безгранично многу,

од секоја куќа сал лелек се слуша,

дал татко ил син загинале в борба,

дал мајка ил ќерка зацрниле душа.

Си чекори така, безнадежно, само,

а срце го стега неизмерно силно,

неговата куќа да не биде празна,

неговата душа да не види тага, посакува милно.

Чиниш стравот се вгнездил во телото мало,

го притиска, стега ко злокобна мака,

па молчи и чека страдалнички везден,

да замини скришум што поскоро сака.

Исплашена и слаба, војната бега,

па сонце си светна и слобода се роди,

по нивите родни, по планини вишни,

за живот да течи ко мирните води.

По години многу,

во среќа и радост минуваа лета,

минуваа чиниш, разиграно оро,

но тогаш пак тага и болка по светот ќе шета.

Ќе надвисни болест,

чини црв-крв пие,

та дење и ноќе мир повторно нема,

та дење и ноќе од жртви ќе врие.

Ќе зачекори повторно, детенце едно

и повторно болка во него се свила

и повторно немир ќе прошета сегде

и повторно молитва за родбината му мила.

Ни жртви се мерат,

ни број не му се слуша,

сал болест се шета по улици ширни,

а стравот се вгнездил во секоја душа.

Три години цели, мрак раширил раце,

па светот го покрил и стега ли стега,

три години цели без престан се шири,

немилосрдно, брзо, та не сака да бега.

Си ослабна болест, си замина скришум,

па сонце си светна, бел ден пак си се роди,

та чекори народ, глас силно се слуша

и повторно живот си тече ко мирните води.

„Еден ден“ – Лука Секуловски II-1

Еден ден ќе се ослободам од лажни надежи

еден ден, оваа гава од „мене“ ќе заврши

и нешто во мене ќе се промени

можеби тогаш, нешто во мене ќе се пронајде.

Еден ден ќе најдам нови нови долини

и ќе направам нови спомени

можеби некоја стара желба ќе ми се оствари

можеби, не сакајќи, на нешто старо ќе ме потсети.

Еден ден, во мене ќе има еволуција

еден ден, ќе бидам јас – без маска или илузија

но, дури и тој „јас“  ќе сака нова измена

тој „јас“ ќе  гладее по нова судбина.

Кога ќе дојдат тие денови – се прашувам

дали ќе ги забележам или пропуштам

дали овој живот ќе продолжи без никаква алтернација

на овој ден – сега- јас си ветувам

ќе го имам својот ден, можеби не денес или утре,

но еден ден – јас ќе се променам.

„Ние и револуцијата“ – Ана Спиркоска I-6

Во средината на хаосот го наоѓам своето место

обвиткана во таа револуција – игра на надеж

обвиткана во маките на моите предци.

Темнина ги покрива очите на борците,

мака ги исполнува душите изморени

од злото што ги турка

и ги поттикнува сите спомени изгорени.

А тој изморен војник

во морето од кара-смрт нурка,

нурка но никако не го губи својот здив.

Тој за нас животот го дал,

крвта ја положил за ова парче земја

кое се уште е негов дом.

Маките на борците сѐ уште ги чувствувам

кога во темните улички талкам,

покриена со храбрата сенка на војникот.

Неговата чест не смеам да ја извалкам

со стапките на патот по кој чекореле непокорните.

Денес чекориме по кревката земја

која под себе ги крие коските на борците,

румена крв ги бакнуваше патиштата по кои чекориме денес,

румена крв се собрала и се излеала ко вино црвено.  

Дождот на незаслужената омраза и болка се излеа на невините души.

На невините души кои онемени од испреплетени чувства

конечно успеале да се фрлат во прегратката на ослободениот дом.

На крајот на секоја револуција

стојат распараните срца на војниците

кои ги оставиле верните другари да почиваат во мирниот шепот на земјата.

Овие зборови запомнете ги како куршумите на овој век

истите куршуми кои ги прободија срцата жедни за слобода.

Тоа што за нас е небо,

за нив било поглед кон слободата

и контрастот помеѓу црното и белото.

Секое утро се буделе со надеж,

секое утро го започнувале надевајќи се за подобро утре

а подоброто утре пристигна утрото на 4ти Ноември.

Македонија

(Лука Лозановски, Ангела Валајчева,  Ана Марија Велковиќ II-6)

Татковино моја мила,

со векови поробена сил била.

Во црвена и жолта боја,

најубава си моја.

Македонијо, од дамнина сум те бранел,

со убавините твои вечно сум се хранел.

За сега да си слободна ко птица во лет,

кога  народ се дигна во борба против насилникот клет.

Со борба Македонија вечна ќе биде,

и  слободно знамето ќе го вие.

Делото на Гоце, Даме и Јане под секое дрво и камен,

со историјата наша храбра, јуначка никој не е рамен.

Ние и револуцијата  – Миа Поповска II-2

Очи во слободната птица впери

Нејзиниот лет чиниш мирот денешен го мери,

Гледај , златна сончевина над градот се раѓа,

Со убости и спокој в срце не гаѓа .

Убавина секаде царува ко песна појна,

Носејќи призвук и амнет од дамнешна војна.

Храбри македонски синови , сите силни кој од кој,

Тргнале во тежок и нерамен револуционерен бој .

Гради в гради со непријател зол,

А околу лелек, пустош, страдање и бол.

Рамо до рамо во чета, во строј

Јунаци наши, револуционери биле мноштво на број .

Копнежот за слободна, родна земја мила,

Во секој пеколен миг им давал неверојатна сила,

Животот еден и вреден тие го дадоа свој,

За Мене, за Тебе , за мирот и спокојот мој и Твој.

Затоа, денес ве молам сите Вас,

Гордо да чекориме и пееме на сиот глас ,

За оние што крвта ја пролеале за татковината, за сите нас,

вечно да ги славиме, тоа ни е единствен спас.

И после се, нели е за сите голема беда,

ако не се грижиме за секоја македонска педа?

Аманет ни е оваа слобода мила,

да ја негуваме и чуваме со сета своја сила.

,,Ние и револуцијата“ – Ивана Новачевска II-3

Од малечка, бев научена на љубов – и да ја давам и да ја добивам. Пораснав во семејство чиј главен мотив беше соодветното растење, од дете кое претставува извор на среќа, до девојка која ја прати среќа. Од малечка родителите ме поттикнуваа да разговарам за моите чувства, потсетувајќи ме дека и во најдоцните часови на ноќта, после еден тежок ден, во ниеден случај не сум сама. Постојано ме потсетуваа да ги ценам сите моменти поминати со некого, бидејќи животот е суров и никогаш не знаеме колку време имаме, и дали воопшто ќе имаме шанса да се збогуваме онака како што треба – онака како што завршуваат нашите омилените книги. Но кој би знаел колку има до крајот, ако ние не знаеме ни дека сме започнале? А почетокот за мене и тоа како беше страшен. Бев само дете, кое едвај деценија имаше поминато. Прво го изгубив него – човекот кој ме порасна. Човекот кој беше мојот камен. Навикнувајќи се на неговото отсуство беше товар претежок за моето срце. А од таму почнува мојата револуција. Тој товар на толку лесно срце претставуваше канонски настан. Но, и после сето тоа, последното нешто што го посакував беше ти да ја видиш таа болка којапредизвика лузни на денешната моја душа. А ти? Жена која не можам да ја опишам ни со илјада зборови. Ти беше жена која зрачеше од самодоверба а како цреша на шлагот беше твојата елеганција, која ги скриваше годините како и душевните болки низ кој поминуваше во секојдневието. Ти, исто како мене, последното нешто што го посакуваше е да ја видиме таа твоја болка знаејќи дека ќе предизвика тага кај сите околу тебе. А денес, би направила сè само за да ти кажам дека не си сама. Но ти повеќе не си тука. Ходниците во кои ти претставуваше клише, професорката која со поглед убива, сега се ходниците во кој јас сум ученик. А што со мојата револуција? Твоето заминување иако претешко ме поттикна никогаш да не се откажам. И ветувам, твоите соништа за мене јас ќе ги оставарам, само за да знам дека спиеш мирно во небесниот свет со личноста која најдобро те познаваше, а и сакаше, исто толку колку што ве сакам јас двата заедно.

Екот на револуцијата – Анастасија Чипуровска IV-4

Во пресудниот час на времето, каде што се вртат истории,

Две сили испреплетени, како месечината и сонцето,

Во танцот на напредокот се добива нова ера.

Револуција, искрата што ја запали ноќта,

Оган во срцата на оние кои копнеат по светлина.

Крик за правда, за слобода, за право,

Сила што ги раскинува синџирите, во најмрачната борба.

Револуцијата преку еволуцијата,рака под рака, моќен спој,

Едниот ги крши оковите, другиот се поправа.

Револуцијата инспирира, како крај на жестока комета,

Еволуцијата се обновува, како непоколеблив пријател.

Како што минува времето, а старите начини се распаѓаат,

Револуцијата и еволуцијата го осветлуваат патот.

Од борба и кавга, посветлен приказ,

Свет кој е трансформиран, каде што сите срца можат да се нишаат.

Затоа, да се потсетиме, на битките со кои се соочуваме,

Огнот на  револуцијата и прегратката на еволуцијата,

Може да создаде нов свет, поправеден,

Свет каде што вечно ќе владеат љубовта, слободата и надежта.



Ослободување – Бојана Јанкуловска IV – 4 Немир поради оние кои ни дошле дома. Во државата . Ни ја окупирале територијата и сакаат да завладеат и со мојата земја и со моите луѓе. Некои туѓинци. Непознати лица. Туѓи.. чудни. Не им ја познавам ниту душата ниту ликот. Се обидуваат да ми го земат моето и да ми го наметнат нивното.
            Фашисти, екстремни националисти сакаат со светот да владеат. Не – рековме. Партизани се сторивме, го браневме своето со револуција, со народноослободителна борба. Борба за слобода. Бугарска и Германска чизма ја газеа земјата со фашистички чеор. Авиони прелетуваат над нашите глави. Битола ја бомбардираа. Но дојде утрото 4. Ноември 1944. Капитулација наокупаторот.
            Единиците на 49 дивизии на НОВ и ПОМ победоносно влегоа во Битола.
Битола е слободна. Денес ги славиме хероите. Го славиме минатото. Со благодарение и спомен.

meblo trejd cesmi во crni

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

Биљана Т. Димко: Човек кој нема свој јазик е еднаков на човек кој нема гробно место – нема име

Пишува: Биљана Т. Димко Двата столба на македонскиот идентитет од искона до…