dobre todorovski

Не знам од кои причини, татко ми го завикав Оче. Оправданоста ја наоѓав, можеби затоа што во него гледав повеќе од татко. Ми се чини зборот татко, беше премала именка, а името на апостолот Јован, ми даваше право, во него да гледам како во многу повозвишен лик.

И покрај сите уки и науки, неговата мудрост иаше особено значење за мене. Секогаш, откако паметам, неговиот збор беше последен, а јас запазувајќи некој патријахален стар обичај, го слушав и никогаш не му се спротивставував. Тој имаше право да викне, да нѐ искара сите, како мали деца, а наша беше кротката послушност.

Таков беше oд самиот неговиот крај на обичен човек, за кој, ми се чини и самиот знаеше, а од некои негови причини не сакаше да ми каже. Гледајќи го, јас ја изведував својата животна дефиниција.

Најчеста слика ми остана од последната година, кога немаше дeн, а да не посакам да го видам. Некоја сила ме тераше почесто да одам кај него, да му бидам вечерна дружба, до доцна во ноќта.

Така беше и во еден од последните денови, последната наша вечерна седенка. Иако времето беше топло, вечерта мајка ми ја запалила печката. Татко ми седи до печката, се натоплува, гледа и наслушува.

  • Ги нема децата да дојдат! – вели мајка ми.
  • Ќе дојдат. Барем тој ќе ќе дојдит, – вели татко ми.
  • Како вчера, или некни да беше дојден, остај го и нему му е мака. Нека не се мачит детето, – вели мајка ми и забришува со крпа по масата.
  • Ќе дојдит тој. Ќе дојдит, да ме видит и да го видам, – вели татко ми, задумано, и не го трга огледот од некоја странска емисија.
  • Ооо оче! – викнав уште од пред врата. Ми беше тоа како навика, обичај пред време да му ја најавам мојата присутност.
  • Оу! Идај чедо! – слушнав од внатрешноста.

И само што ќе влезев, тој веќе застанал простум на средината од просторијата, како гости да чека.

  • Добре дојде чедо, – ми вели и ме бакнува в образ.
  • Добре ве најдов, – велам јас и го бакнувам в образ.
  • Сега, седи да поседиме, – ми вели и ми ја поттурнува столицата, ми ја подава.

Со мајка ми се поздравувам исто, само некако скришум. Нејзиното поздравување е многу потивко, обично.

  • Ко ти велев! Ко ти велев оти ќе дојдит, ти не ми веруваше. Е, ај сега!? –ѝ вели на мајка ми, а сеќавам колку му се радува душата. Поправо сета радост како да му излегла и му застанала на лицето. Дудуша тој и нанајситната убава вест, знаеше многу да се израдува. Се радуваше на секоја завршена работа, колку и да беше таа безначајна. За разлика од мене тој умееше да се радува, а радоста да ја пренесе на сите околу него како топол зрак светлина.
  • Уште пишуваш? – ќе ме праша.
  • Немам друга работа, – му враќам.
  • Ако, чедо. Пишувај, за да се знајт како било и што било. Доста други ни ишувале за тоа како ни е, а без да не праша’т.
  • И? – ќе му речев.
  • Емити, вака… – ќе речеше, ќе ги стокмеше рацете, сериозно ќе ја поткренеше главата и ќе почни да кажува за некој дамнешен настан што му останал во сеќавање, за кој наоѓаше дека има некаква важност, која треба да биде прикажана.

Обично кажувањата му беа за некои тажни и трагични настани, овдешни, изодени човечки маки и судбини.

  • Ама ти ми кажуваш само за таговни мигови, не ја спомнуваш среќата, – му велам.
  • Не сте виделе мака и не ја знајте нејзината тежина. Среќата на нашиот човек била ретка појава, како временска несреќа, немерлива и секој разно ја доживува. Арно ама, неа многу појќе ја има, ако го заознајш спротивното, – вели, сигурен во неговата дефиниција.

Татко ми беше единствениот вистински печалбар во нашето големо семејство, кој три и пол години печалел во пустината Дампиер во Австралија и оттаму право да ни ја цени маката.

  • Дали било вака, оче? – го прашувам.
  • Ни било, ни ќе бидит, – вели – оти ја’н’ум’јам, не знам, некои модерни денешни работи, а за то’ само вака…

И пак ќе кажуваше, а јас го слушав неговото кажување, одмерено во сѐ, со одбрани зборови, дури и кога требаше да се спомне некаква погрда, пцовка или збор со кој ќе си ја испогани устата. Тој кажуваше, а јас сето тоа го внесував, го завештував во книги, како усна раскажувачка, белег на една народна опстојба, еден проживеан мерак живот.

Неговата чиста душа, чесност и верност кон Родината ја споредував со онаа на прадедо му Кузман кој својата приврзаност кон војводата Јордан Пиперката со самата смрт му ја искажал.

И дојде денот кога ми го снема, се одвоивме еден од друг.

О, Господе, кога го снема, како да се видов во огледало со поткасана уста и засекливи нозе. Се најдов ни нанебо, ни на земја, во некоја необјаснива празнина, неодредена умствена дефиниција. Немир и болка ме завладеа, ме совлада и од секаде не клукаше по раната, за која лекот го барав во помислата за повторно видување, во некоја друга димензија, некоја повторна средба за која навистина сакам да верувам.

Стојам простум пред неговиот вечен паметник, со испомешани мисли и несфатлива душевна состојба.

Од неговиот лик, од сликата на неговиот вечен паметник, му се гледа радоста во очите, онаа иста радост со која ме пречекуваше и испраќаше, а видливата насмевка, сигурно дадена во некој свечен миг, ми кажуваше нешто што јас сѐ уште не можам да го разберам.

До мене застана жена во црнина и ми подава „за душа“. Ги забришав солзите и оросеното лице.

  • За душа за син ми…Колку тебе беше…Земи напи се, – ми вели и ми подава чаша со ракија. Ме гледа со нејзините ситни очи влабнати во очните дупки, од кои излегува тажен поглед, што потсетува само на болка. Оправо, тука и поблиската околина е преполна со болка и тага.
  • Колку години имаше? – ме праша.
  • Не беше стар, – ѝ велам.
  • Ама не бил ни млад, проживеал!
  • Како и да е… јас го изгубив родителот, а не годините, – реков и ја накренав шашата за ракија. – за душа нека им е, – велам и ѝ ја вратив чашата.

Гледајќи како кротко заминува, неправедно барам утеха во нејзината, како што рече преголема болка по синот, ако има мерка за болката.

Потоа дојде сиот пород од татко ми и се наредија околу новата тажна градба. Јас веќе немав право да заплачам, затоа што за сите нас, мајка ми, со некој, се чини извежбан ритуал, тоа најубаво го направи.

Еден ми рече: „Кога те гледам, како гледам него, ист си во ликот и во одот“. Тогаш сфатив. Јас го преживувам  кроткиот живот на татко ми.

Како времето влијае на спиењето и одморот
Промените во температурата, воздушниот притисок, влажноста на воздухот и врнежите влијаат врз …
Совети за детоксикација на Вашиот живот
Вашата околина е еден од најважните фактори за вашите хормони, како и …
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

„Скокнав од работ на совеста и нурнав во вртлогот на забрзаниот крвоток“ – денот на поезијата го одбележуваме со стиховите на Силвана Нешковска

На Светскиот ден на поезијата беше промовирана збирката поезија „Првата половина“ од…