Во летото 1943-та Херман Хесе дошол на поседок во Магарево (село во близина на Конзулвил) кај Бале што работеше со години во Mercedes во Штудгарт, а се запознале со писателот во некој ски-центар во Швајцарија кога Бале (викендашки-хонорарно) таму изнајмувал санки, а Хесе да ти бил вистински пациент по санкањето.
Си биле седнати во дворот од куќата која излегувала веднаш на патот за Пелистер и брцале од шопската салата со бела-лозова, домашна ракија, 50-ка.
„Глеј! Глеј каков прстен прави!“ нескриено здивен од восхитта кон таквото локално-алхемиско достигнување му го тресел Бале проѕирното шише в лице на Хесе, а овој, како и обично, тивко и одмерено само ќе дадел некаков краток и анемичен одговор од типот на: „Хм… фасцинантно.“ „Аплаудирам.“ Или: „Неверојатно.“
Домаќинот веќе со денови наназад и со сите традиционално-познати и добитни разговорни адути се обидувал празниот акумулатор на разговорот (да си дозволиме позната и комотна терминологија од светот на Бале) да го дрмни на најниско, подносливо и ментално-здраво ниво, ама на секој негов обид за квалитетен и содржаен муабет добивал некаков чуден, неотпакуван, депласиран одговор.
„Како стоиш Херман, брат, со мачиња?“
„Како. Стојам. Со. Мачиња?“ бавно си го повтори Хесе прашањето, разделувајќи го……., како да е второ за трето одделение (Господ да не чува од полошо!) „Не го разбирам прашањето. Обично стојам покрај мачиња, како што стојам и покрај кое било друго животно, или човек. Исправено стојам. Обично. Веројатно си мислел, драг, Бале: ‘Дали сакам мачиња?’ Инаку: да, сакам мачиња – но, повеќе ги сакам кучињата.“
„Не бе, брат! Оф! До каде си со риба?“
„До, Каде. Сум. Со. Риба? А-ха! Сигурно ме прашуваш колку често јадам риба, и каква? Еднаш, до два пати неделно ја сакам на трпезата, а лососот го сметам за највкусен! Ти?“
„Не, бе… Батали…“ уморно одговори Бале. („Ништо не разбира овој! Како можев од цела Швајцарија со ваков пациент да се задружам!? Како првпат да фрлам прачка за риби, или како уште да не знам да правам жабчиња со плоснат камен врз површината на Преспанското езеро“ си мислеше Бале, „веднаш ми клапнува муабетот. Пропаѓа.“)
На Бале (рака на срце – и на сите соселани кои го запознаа) веќе преку глава му беше од овој „умрениот“ кој по цел ден ништо не зборува – ами само си брца од овчото сирење (откај Мара – мажот и’ што работеше во Шеќераната, знаете кој де – оној што „отепа“ половина јагне со 4 литри црвено вино и заврши на Итна помош, лани, за денот на црквичето). Само си брца и си муцнува од ракијата, а в нос си потпевнува некакви тамошни валцери, шансони, оди… (што ли ѓавол ќе се!)
Арно ама, на муабетот – ете го иди одоздола Ананандранандра – гулабарот.
(„Имало Господ“ си помисли Бале.)
„Кај си бе Бале, дечко, муце, внуче, брат!? Те нема! Кај да те има: само што си дојде со мерцедесот од Германија“ – си ја измантра (демек: духовитата, ама во суштина злобната и зајадлива) илјадници пати повторуваната „шега“.
„Ја бе“ – рече Бале.
„Кое е пашето?“ – праша Ананандранандра непогледнувајќи кон Хесе со израз на лицето како да каснал кисело млеко од лани.
„Другарче од Германија.“
„Ами!? Се гледа“ рече Ананандранандра, одмерувајќи го гостинот од глава до петици.
„Што маткаш?“ – му се обрати на Хесе.
„Бите?“
„И јас би те. Што маткаш – те прашувам? Што работиш, таму, во Германиите?“
Откако полека, згора-попреку, и со многу паузи измеѓу, Бале му преведе на Хесе што го прашува Ананандранандра – овој по неконвенционално (за овие простори) долга и непријатна тишина, понизно и скромно му одговори дека е писател. Само што му бил издаден романот кој го пишувал 12 години.
„Роман?“ – зачудено праша Ананандранандра, запрашувајќи се дали Бале воопшто знае германски, дали веќе е пијан, или лошо му превел. „Како Загор или Капетан Мики, Блек Стена? Како Мики Маус и Шиљо? Романчиња ги викаме овде. 12 години си пишел „романче“!? А бе ти не си арен!“
„Најн, најн…“ – му вели Хесе, откако му беше преведено. „Книжевно дело. Роман. Вие, господине, што сте по професија – ако смеам да си дозволам, со ништо оправдан и ваков дрзок упад во Вашата приватност?“
Ананандранандра згрозен и пеплосан (му се срушија сите претстави за доброто и злото, нормалното и ненормалното, кои му се соселани, во што не-луѓе се престориле и се исчуручиле, и со кој сѐ не дише ист воздух) па за да не мисли на крајот на светот – којшто, еве го, веќе јава во силен, пеколен галоп кон него – остро му заповеда на Бале: „Тури една бела Бале дечко, брат за да се свестам!“ и уште поостро му одговори на Хесе: „Гулабар сум. Летам гулаби. Знаеш што се? Имате таму? А како ти се вика тоа романчето?“
„Игра со стаклени мониста.“
„И? Како се игра?“
…
Кога по некоја година Бале се врати на лето во Македонија (имаше две недели останати од ланскиот одмор) го најде Ананандранандра пред селската кооперација кајшто голта бира со другарите и овој му дава една книга.
„Што е ова бре?“
„Хесе ти ја праќа. Само за тебе има. Со посвета. Лани доби Нобелова награда за книжевност и ми запна задолжително да сум ти ја даел.“
„А што да и’ правам јас сега на книгата!?“
„Што сакаш. Стави ја во регалот како украс.“
„И што вели, таа, посветата, како што ја викаш?“
„Вели: ‘За Ананандранандра на кој гулабите несебично и живо му ја играат играта на животот, која мене, колку и да ги стегам силно прстите, неизбежно ми бега и ми се лизга… Драг Ананандранандра, ме потсеќаш на Magister Ludi.
Остани вечно слободен.
Х.Х“
Ананандранандра седеше со шишето в рака, клепаше де со едното, де со другото, де со двете очи наеднаш и најпосле рече: „Еми ај да лизниме по едно ладно пивце ко така за тој „умрениот“ што добил некаква награда за романче што го пишел 12 години.“
Селото Магарево сè уште си е таму кајшто си беше и во 1943-та.
И куќата и гулабарникот на Ананандранандра си се таму, но ги нема веќе гулабите и го нема починатиот Пеце Алфата. Регалот со украсите и стариот телевизор е, исто така, уште во Магарево – но книгата со посветата од Хесе ја нема. Внукот на Ананандранандра кога случајно прочитувајќи ја посветата (откако книгата паднала од полицата при еден силен земјотрес) го изгуглал името: Херман Хесе и кога видел кој е – ја ставил на Pazar666.com за продажба.
Со парите од книгата си купил гајба пиво.
Автор: Јордан Николов