nikola v ristevski

„Среќен ден! Секогаш речи ’Среќен ден!‘ кога ќе се разбудиш жив, бидејќи Господ ти го подарил и денешниот ден за живот.“

Вака размислуваше старецот додека сонливо се протегнуваше во својата постела. Се заврти на левата страна за да погледне кон прозорецот. Но наместо прозорец имаше само бел ѕид. „Крсте, не си дома“, се присети. „Навикни се веќе на домот за старци. Ех, старост – грдост…“, си рече сам на себе и се насмевна по малку тажно. Потоа се заврти на другата страна и погледна кон прозорецот. Иако немаше сонце, силно блескаше бела светлина. Посегна со раката, го зеде бастунот кој беше потпрен до помошната масичка и со една длабока старечка воздишка се исправи на своите нозе. Со бавен чекор се упати до прозорецот. Кога погледна надвор, се сепна.

„Снег во април!? Чудесно…“, воодушевено воздивна и седна на столот кој секогаш стоеше пред прозорецот. Тоа беше омиленото место на Крсте во неговата соба. Некогаш со часови седеше таму и молчаливо гледаше низ прозорецот. А имаше и што да се гледа: наутро уживаше во изгрејсонцето; редовно ги хранеше птиците кои долетуваа за да го исколваат лепчето кое Крсте го делеше со нив и им го ситнеше на трошки; ги гледаше луѓето кои носеа полни кеси со „поздрави“ кога доаѓаа во посета на некој свој близок; често таму го читаше својот стар требник на дневна светлина, зашто навечер слабо му гледаа очите; и така всушност му поминуваше секој ден.

Сега, повеќе од сè, на Крсте му недостигаа разговорите со останатите старци во домот. Со прогласувањето на пандемијата и опасноста од вирусот за здравјето на луѓето, особено оние на негова возраст, во домот за стари лица се донесе одлука никој да не излегува од својата соба. Крсте беше народен човек – умееше со секого да си поприкаже, да се пошегува, па и да сочувствува и да утеши некого. Или, како што знаеше често да рече: „Многу сме изживеале во животот, па ни остана да си ги искажеме маките“. Поради таквата негова отворена природа, старците во домот, но и целиот персонал, сите го сакаа.

Додека седеше покрај прозорецот и занесено гледаше во снегот што се пласти надвор, се задлабочи во своите мисли. Тие го однесоа далеку во минатото, во неговата родна куќа во Слоештица. Таму ја виде својата мајка, седната на дрвен триножник покрај огништето, и се присети на нејзините зборови: „Ти ко се роди, Крсте, петок беше – златна Света Петка да ми те вардит. Ко да се испулиме надвор, што да видиме: снег. Такво чудесие не беше било. Кај сне виделе није едно метро снеџиште да паднит, април месец, пред Велигден. Та’ година ран беше Велигден. ’Па ај‘, му вела на татка ти, ’одај, качуј се на черен, да ватиш, да г’ изриниш снегот од баџата, за да не паднит чатијата да ни отепат.‘ Па ај, ме послуша. Двапати се качу’аше да ринит. Ех, ние то’ што г’ имаме поминато, кучката на Василица го немат. Таксирати наши, Крсте, со гајда да ни жалат. Животиште… Што да се прајт, морат да се живејт! Саде ти да ми си жив и здрав, ништо друго неќум. Господ во раката да ми те чу’ат, син на мајка, личен тој“.

На Крсте му се насолзија очите од овој ненадеен спомен. Вистина било дека во староста на човек сеќавањата му светнуваат како секавици во главата и се присетува на некои ситни детали од минатото…

„Добро утро!“ млад машки глас му ги пресече мислите.

„Јас уште не појадував, а веќе дошло времето за визита“, рече збунето Крсте. Кога погледна кон вратата виде непознато лице облечено во бел докторски мантил. „Добро утро, доктор…“

„Михаил“, му помогна докторот.

Овој пат Крсте не се збуни: „Ах, повторно нов доктор. Мило ми е. Јас сум Крсте, чичко Крсте. Сигурно веќе ти кажале“. Докторот се приближи кон него велејќи: „Да, знам сè. Треба да го направиме вашиот редовен преглед, чичко Крсте“.

Од џебот на својот мантил доктор Михаил извади дигитален термометар и го впери во челото на Крсте. Термометарот наликуваше на пиштол, па стариот шегобиец Крсте драматично ги подигна рацете и извика: „Се предавам!“ Доктор Михаил ја прифати неговата шега и откако му ја измери телесната температура му рече: „36,3. Слободен сте!“ И двајцата се смееја за досетката.

„Дали можеби имате кашлица? Како се чувствувате?“ продолжи да прашува докторот.

„Здрав како дрен! Одлично се чувствувам, не ми е ништо. Гром во коприва не удира, докторе“, одговори весело Крсте.

„Сепак, внимавајте на себе. Најважно е да се придржувате кон мерките за самоизолација. Можеби ви е здодевно да седите сам во една соба, но не смеете да си го изложувате животот на опасност. Знаете, вирусот може да биде фатален за човек на ваши години. Ме разбирате, нели?“ и без да чека одговор, погледна низ прозорецот и прокоментира: „Надвор е студено, па уште и паѓа снег. Зарем не е чудно за овој месец да има снег?“

„Божја работа“, мирно рече Крсте. „Вака било и на денот кога сум се родил јас. Било 3 април, петок, и паѓало снег – исто како денес.“

Истиот миг на доктор Михаил му се исцрта широка насмевка на лицето: „Значи, денес ви е роденден! Ви посакувам многу здравје и најубави желби, чичко Крсте!“

„Ти благодарам, докторе! Убавите желби ви ги оставам вам, на младите, бидејќи пред вас е животот“, со татковска топлина зборуваше Крсте. „А и секако тоа беше мојот роденден во првиот живот.“

„Во првиот живот?…“ праша доктор Михаил, сега веќе збунет.

„Да, во првиот. Мојот втор живот започна на 27.7.1963 година во Скопје, кога ме извлекоа жив од под урнатините после земјотресот. Карантин? Самоизолација? Здодевност? Тоа не е ништо. Сите карантински денови поминати во оваа удобна соба не можат да се споредат со тие 24 часа додека бев затрупан под урнатините.  Тогаш бев студент. Последна година од студиите. Ја изгубив годината. Ја изгубив саканата“, занесено раскажуваше Крсте со тага во очите. „Но добив втор живот. Научив да се молам секоја вечер, а овој требник ми стана секојдневно четиво. Благодарен сум му на Бога што ми даде втор живот. И тоа долг втор живот: го завршив факултетот и ми излезе среќа да се вработам по струката; се оженив со најпрекрасната жена која ми ги роди најпрекрасните деца; децата пораснаа, заминаа по светот барајќи подобар живот и изгледа дека го изгубиле патот за назад, па уште се немаат вратено; мојата сопруга почина пред три години, ме напушти и ме остави сам кога ми беше најпотребна во староста; јас веќе четириесетти ден сум во домот за старци, откако соседите им кажале на моите деца дека веќе не можат да се грижат за мене. Мајка ми, Бог да си ја прости, ќе речеше: ’Животиште‘. Мора да се живее! А јас сум веќе многу стар и изморен“. Една солза се стркала по неговиот образ и како џамлија почна да се движи барајќи си пат по брчките надолу.

Доктор Михаил беше трогнат од оваа интимна исповед на Крсте. Некое време само стоеше и замислено гледаше во него, а потоа му рече: „Ајде, дојди со мене. Ќе излеземе надвор“.

„Не смеам, докторе. Веќе е започнат полицискиот час“, се повлече Крсте.

„Кога си со мене, смееш. Замисли го ова како подарок за твојот роденден“, го охрабруваше доктор Михаил и ја подаде раката кон него. „Не ти треба бастунот, ќе се потпираш на мене.“

Крсте ја прифати раката на докторот и не му се веруваше сè додека нè излегоа во дворот. Почувствува неизмерна среќа. Неговата старечка насмевка уште повеќе ги нагласуваше брчките на неговото лице. Лесно чекореше по снегот додека се потпираше на доктор Михаил. Се заврти за да погледне кон прозорецот на неговата соба. Внатре се виде себеси како лежи на столот. Се стаписа. Му прелета една мисла во главата која не му беше доволно јасна. Некако собра сила да праша: „Јас?…“

„Да“, му одговори Михаил, како да му ја прочита мислата уште пред да ја изговори.

Крсте го сврти погледот кон докторот кој сега имаше снежно бели крилја на грбот. Вчудовиден од таа глетка, едвај изговори: „Ти… Михаил?“

„Да, Михаил. Но не сум доктор“, се потруди да му објасни. „Знам, секој е збунет откако ќе сфати“, и му упати топла насмевка. Таа насмевка на Крсте му влеа целосен мир и спокојство.

„Дали ќе го видам Него?“ овој пат со радост запраша Крсте.

„Тој веќе те чека“, се насмевна архангелот и го поведе со себе.

Продолжуваат успесите на меѓународни Еразмус проекти во Основното училиште „Даме Груев“ -Битола
Основното  училиште „Даме Груев“ Битола  е препознатливо по низа Еразмус проекти поврзани …
Децата кои се физички активни имаат поголема самодоверба и се подобри ученици
Современото родителство претставува вистински предизвик. Родителите сѐ помалку можат да им влијаат …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

„Скокнав од работ на совеста и нурнав во вртлогот на забрзаниот крвоток“ – денот на поезијата го одбележуваме со стиховите на Силвана Нешковска

На Светскиот ден на поезијата беше промовирана збирката поезија „Првата половина“ од…