ai generated 8602743 1280

Денес на Софија ѝ е роденден, полни триесет и три години. Денес Софија треба да ги подигне резултатите од болничката лабораторија. Денес Софија треба да го официјализира разводот со нејзиниот законит сопруг.

Алармот на телефонот ја разбуди по протокол во 5 часот и 30 минути. Влезе во туш-кабината и по стоти пат студената вода од тушот ѝ ја стабилизира утринската циркулација. Се завитка убаво во сивата бањарка. Јулското сонце веќе продираше во ширум отворените прозорци од станот. Испи полна чаша вода, а потоа по малку вода им тури на расцутените цвеќиња кои се подигаа кон сончевите зраци. Се врати во спалната. Се загледа во фотографијата на која беше таа и нејзината покојна мајка. Веќе една година Софија беше сама во овој свет, имаше некои роднини, сопруг, роднините секогаш ѝ велеа дека се тука за неа, но кога ќе ги побараше или беа недостапни или не беа во можност да ѝ ја дадат потребната помош – па, така и престана да ги бара. Со сопругот се разделија откако ги почувствува првите симптоми на болеста, одлуката беше нејзина, но причина за тоа беше неговото однесување, односно, тој се повлече од нивното заедништво или беше преплашен или рамнодушен, а неа ѝ требаше некој силен до неа, затоа што првпат во животот се почувствува слаба и беспомошна, по извесен период откако направи сѐ што можеше да се спаси тој брак во кој влезе со надеж дека ќе успее таа заедница, всушност тој ѝ вети дека ќе успеат – таа се спакува и замина – не оставајќи простор за помирување. Се врати во нејзиниот дом, каде што некогаш беше среќна и безгрижна.

Татко ѝ никогаш не го прифати нејзиниот брачен сојуз – но таа го увери дека ќе биде среќна – а тој само ѝ рече дека дека се залажува. Мајка ѝ молчеше, ни таа не сакаше да се омажи, таа сакаше да замине во странство на постдипломски и докторски студии. Баба ѝ беше разочарана, очекуваше младоженецот да биде од нивните, чии претци ги знае, а не таму некој непознат – пред да ѝ го даде благословот како што беше редот ѝ рече: „Очекував да беше помудра, ама нема ништо посмотано од вљубена жена – иста е ко магаре, иако е тревата ниска, тоа мисли дека е висока и се залетува, па ќе ги сокрши забите на некој камен.

Младоженецот го прифатија како син –  поради Софија, таа беше единствено женско дете во семејството кое беше познато по огромната машка лоза, честа на презимето кое со векови се чуваше, иако беше модифицирано во српско и бугарско време, да се биде невеста – снаа кај Бејонови не беше тешко, но да се биде син или ќерка  – значеше многу одговорност и кон семејството и кон општеството – кај нив важеа правилата: Окото да ти го извадат, лош муабет да не ти извадат и човек треба да внимава на образот да му биде чист.

Ковидот направи огромен пресврт – повеќемина од семејството починаа, прво татко ѝ,  по една година баба ѝ,  а мајка ѝ не го издржа мозочниот удар. Двајцата поголеми браќа уште ко студенти се преселија во Канада, Софија не сакаше да оди, па се договорија таа да работи од овде – тие оттаму, за да се сочува имотот.

Сакаше да плаче, но не ѝ доаѓаа солзи. Ја прегрна фотографијата на која беа двете со мајка ѝ, веќе наближуваше 8 часот. Прво требаше да оди до болница, а во  11 часот во судот. Одлучи да се дотера, на прстот каде ѝ беше порано бурмата, го стави прстенот од баба ѝ, кој ѝ го подари по дипломирањето, на кој беше изгравиран буф. Околу вратот ја стави свилената марама која мајка ѝ ја донесе од Париз,  а во ташната го стави пенкалото на татко ѝ, со кое тој ги потпишуваше големите договори во семејната фирма. Премина преку облакот од парфем со нота на мошус и излезе. Беше свесна дека кога ќе се врати пак дома –  ништо не ќе биде исто, впрочем, постојано сѐ се менуваше – иако се трудеше да биде рамнодушна сепак сакаше до неа да има некој, како татко ѝ што беше за мајка ѝ, дедо ѝ за баба ѝ.  Имаше денови кога се проколнуваше себеси зошто не ги послуша – но, не можеше назад, а ова беше напред.

Му рече на таксистот да ја почека пред болницата, ги подигна резултатите и се врати назад за да ги однесе во приватната клиника. Денеска треба да се одлучи што понатаму.

„Како се чувствуваш?“ – ја праша докторот.

„Уморно“ – му одговори.

„Дали уште одиш на психолог?“

„Да“.

„Црниот дроб е орган кој ја акумулира тагата, мора да најдеме извор на серотонин“.

„За половина час, треба да сум во судот, денес се разведувам, можеби после ќе се напијам некоја пијачка, можеби вечер ќе заглавам во некоја кафана или ноќен бар, а можеби ќе се затворам дома и ќе плачам над фотографиите на моите родители“ – гласот ѝ трепереше и дојде да заплаче, но сепак се воздржа.

„Треба почесто да плачеш и да пиеш, знаеш дека старите доктори ни велеа дека сите болести доаѓаат од нередовно пиење – се  шегувам“ – ѝ се насмевна.

„Знаете, докторе, не сум онаква каква што ме опишуваат…малку ми треба – но тоа малку не знам каде да го најдам“.

„Исправете ја главата – никому ништо не му згрешивте Софија, на секој може да му се случи Вашата судбина, секој може да се разболи“.

„Какви се резултатите?“ – го праша.

„Не знам, не го отворив пликот. Синоќа дознав дека жена ми ме изневерува. Не знам што да правам со себе – затоа со тебе не сакам да ризикувам“ – ќе ти се јави сестрата.

„Жал ми е…навистина не знам што да речам“  – ја зеде ташната и излезе. 

Се упати кон судот. Нејзиниот законит сопруг не беше сам пред судницата, со него беше и една прилично помлада девојка од него, беше во поодмината бременост.

Подголтна, зеде здив, ги стегна рачките од ташната, полека им се приближи.

„Добар ден“ – им рече.

Тој ѝ подаде рака за да се ракуваат, потоа ѝ ја претстави неговата девојка, ѝ објасна дека морала да дојди и таа … за да одредат датум за регистрација.

„Можеше да почека в кола“ – си помисли во себе, но само резервирано ѝ се насмевна, на крајот на краиштата, таа млада дама не беше за ништо виновна.

Сепак, не можеше и таа влезе во судницата. Седнаа еден спроти друг, таа од ташната го изваде пенкалото од татко ѝ, го потврди барањето за развод и ја потпиша одлуката, почувствува   како нешто ѝ се отплетка во утробата, некој врзан јазол.

Некогаш за овој човек беше спремна на сѐ, отиде против волјата на семејството,  сакаше со него да има дом и семејство, тој ѝ вети дека ќе успеат – но, засекогаш е додека трае.  Излезе од судот ги стави очилата за сонце и се упати во барот на другар ѝ – кој ѝ беше вистинската поддршка во целата животна рингишпилијада. Седна на барскиот стол пред шанкот, тој ѝ поттурна чаша со виски.

„Денешнава дата треба да ја истетовираш на рака и кога ќе ти пријде некој сличен –  да знаеш со каков не смееш да бидеш, човек еднаш греши, вториот пат е глуп“ – и ја крена неговата чаша за да наздрават.

„Не е виновен тој, едноставно не беше за мене, не бев за него. Знаеш дека наскоро ќе стане татко … а јас ќе оздравам и наскоро ќе ја најдам љубовта на мојот живот на најнеобичното место од светот. Може?“

„Може!“ – повторно наздравија. Во главата ѝ зуеше мислата „Засекогаш е додека трае“.

Автор: Биљана Т. Димко – книжевник

Бранко Ѓуриќ – Ѓура премиерно доаѓа со неговата ,,Ѓурологија” и во БИТОЛА
Задоволство ни е да ви најавиме дека, по повод 10 години од …
Емоционално јадење – барање утеха во храната
Во денешно време, дебелината е многу чест проблем. Бројот на заболени од …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

Биљана Т. Димко: Човек кој нема свој јазик е еднаков на човек кој нема гробно место – нема име

Пишува: Биљана Т. Димко Двата столба на македонскиот идентитет од искона до…