Факултетот за биотехнички науки при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола денеска на првиот академски час за академската 2022/2023 година ги пречека бруцошите и студентите на овој факултет. Деканката, проф. д-р Гордана Димитровска, рече дека студентите се нивните партнери и дека како и секој октомври, така и овој симболизира нов почеток на неограничени можности за сите.
„Студентите треба да го добијат она што неопходно им треба како на идни професионалци, а не само она што го сакаат или сметаат дека еднострано треба да го добијат. Дипломата не треба да биде гарантирана. Таа бара посветеност како од страна на студентите, така и од страна на професорите. Но, ние на Универзитетот и на Факултетот за биотехнички науки на вас студентите гледаме како на рамноправни партнери во процесот на високото образование. Вие како студенти активно сте вклучени во сите формални и неформални облици на самоевалуација на квалитетот што ние професорите ви го нудиме како даватели на јавни услуги во високообразовните установи. Со тоа вие станувате наш коректив како да се подобриме во својата работа. А ние професорите сме тука за да ги прошириме границите на вашите знаења! Но, и ние учиме од вас, со оглед дека вие сте предвесници на новото време. Многу често се случува вие како повешти од нас во користењето на информатичките технологии, пред нас, да станете свесни за одредени нови настани. Ниту вие треба да се плашите да ни укажете, ниту пак ние, како професори, треба да се срамиме дека не сме нашле доволно време континуирано да следиме што сè е ново во дисциплините што ги предаваме. Односот е недвосмислено двостран,“ им се обрати на идните студенти проф. д-р Димитровска.
Таа истакна дека факултетите се соочуваат со тешки времиња, со постојан пад во бројката на запишани студенти, потешко вработување по дипломирањето и слично. Но, не ги игнорираат новите ветрови на промените. Вели, како Факултет знаеме што сакаме, што можеме да постигнеме во моментов и што треба да направиме во иднина! Постојано во потрага по соодветни решенија за идентификување на алтернативни решенија и остварување на зацртаните приоритети. Нема нерешливи проблеми!
„Ви благодарам што за Ваш факултет го избравте токму Факултетот за биотехнички науки. Среќни сме што ќе ни се придружите и што сте убедени дека на овој факултет ќе стекните знаење и квалитет. Многумина од вас го одбраа овој факултет можеби затоа што запознале некој кој овде студирал, или сеуште студира. Затоа дозволете да се заблагодарам и на сите оние студенти од претходните генерации кои го пренесоа гласот за нашиот и свој факултет. Гледајки ве вака насмеани, млади и полни со позитивна енергија, Ви посакувам да го задржите својот оптимизам!“, дополни таа.
Што е она што го нуди Факултетот за биотехнички науки – Битола?
Факултетот оваа година одбележува 62 години од формирањето како најстара единица на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и во изминатите шест децении остварува плодна наставно-образовна, научноистражувачка и апликативна дејност и се соочува со низа предизвици кои постоеле во досегашниот период, а ќе постојат и во иднина. Факултетот е препознатлив по своите традиционални вредности, квалитетен човечки и инфраструктурен потенцијал, во кој се образова и оформува инженерски и менаџерски кадар од различни профили.
Факултетот располага со 5 опремени лаборатории со високо софистицирана опрема каде што нашите студенти ги остваруваат своите лабораториски вежби. Со ваквите солидни инфраструктурни и технички предуслови им овозможува на студентите под менторство на своите професори директно и непосредно да учествуваат во научно -истражувачката работа на факултетот.
Покрај можноста за мобилност, Факултетот за биотехнички науки – Битола на своите студенти им овозможува и учество на голем број студентски конференции и симпозиуми, и на сите овие настани студентите од нашиот факултет не поминуваат незабележано, туку напротив, освојуваат највисоки награди и признанија.
Факултетот за биотехнички науки располага со сите потребни предуслови и ресурси, вклучително и интелектуалниот капитал кој го ставаме на располагање на вас како наши идни студенти и кои сте заинтересирани за стручни занимања поврзани со сегашноста, но и со иднината, затоа што, да не личи на флоскула, без храна, особено безбедна и квалитетна, тешко е да се замисли животот воопшто. Ова само по себе говори колку нашите дипломирани студенти се потребни во економијата и барани на пазарот на труд.
Студиски програми на ФБН Битола
КВАЛИТЕТ И БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА
Студиска програма која едуцира кадри кои се директно вклучени во производство, имплементација на стандарди, како и во спроведувањето на законските регулативи за добивање на квалитетна и безбедна храна. Студентите стекнуваат знаења и вештини кои се неопходни во процесите за добивање на квалитетен и безбеден финален производ.
Времетраење на студиите: 4 години; (240 ЕКТС);
Стручен назив: Дипломиран инженер по квалитет и безбедност на храна (240 ЕКТС)
ХРАНА И ДИЕТЕТИКА
Мултидисциплинарна студиска програма која им овозможува на студентите да развиваат и усовршуваат концепти како и оперативните методи за создавање на храна и диети за општи, профилактични и диетални цели. Студентите се стекнуваат со специфични вештини и знаења базирани на знаења од општи и специфични научни дисциплини од областа на исхраната.
Времетраење на студиите: 4 години; (240 ЕКТС);
Стручен назив: Дипломиран биотехнолог за храна и диететика;
ЗООТЕХНИКА
Студиска програма преку која создаваме компетентни кадри кои ќе можат да реализираат базични и применети истражувања од областа на сточарството.
Времетраење на студиите: 4 години; (240 ЕКТС);
Стручен назив: Дипломиран инженер по зоотехника;
АГРОМЕНАЏМЕНТ
Студиска програма преку која студентите се стекнуваат со специфични вештини и знаења за успешно менаџирање на примарното производство и преработка на производите во малите и средните Т.Д, како и во индивидуалните семејни бизниси;
Времетраење на студиите: 4 години; (240 ЕКТС);
Стручен назив: Дипломиран инженер по биотехнологија – агроменаџмент;
ЛАБОРАТОРИИ
- ЛАБОРАТОРИЈА ЗА ХЕМИЈА, БИОХЕМИЈА И ХЕМИСКО-ИНСТРУМЕНТАЛНИ МЕТОДИ
- ЛАБОРАТОРИЈА ЗА МЛЕКО И МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ
- ЛАБОРАТОА ЗА МЕСО И МЕСНИ ПРОИЗВОДИ
- ЛАБОРАТОРИЈА ЗА БИОЛОГИЈА И МИКРОБИОЛОГИЈА НА ХРАНА
- ЛАБОРАТОРИЈА ЗА ЕКСТРАКЦИЈА НА ЕТЕРИЧНИ МАСЛА ОД ЗАЧИНСКИ И ЛЕКОВИТИ РАСТЕНИЈА И ДЕТЕРМИНАЦИЈА НА БИОЛОШКИ АКТИВНИ МАТЕРИИ