На 09.08.2023 г. во кафе бар Портал 2 на Широк сокак се одржа промоцијата на третото дело на авторот Зоран Ѓоргиев насловено како „Приказните од Широк сокак”. Се работи за колор Б5 формат на 250 страни, една мала монографија во која се спомнати најградските фамилии кои некогаш живееле на Широк сокак заедно со изгледот на нивните градби, историјатот и движење на имот и слично собирани седум години досега.
Содржината на книгата е подготвувана заедно со потомците од големите градски фамилии и нивните богати архиви. Започнуваат со богатата архива за битолските Евреи која ја поседува Државен Архив Одделение Битола за фамилијата Батино, продолжуваат со раскажувањата на Тања Франц за фамилијата на првата балканска аптекарка Рајна, следува приказната на почесниот конзул на Франција Калиопа Кривашија Стилиновиќ за нејзината фамилија Кривашија, па Гордана Дикова од Сиднеј, Австралија за приказната на Дикови, Татјана Грегова и Евгениј Ристевски за приказната на Цалис, адвокатот од Скопје Добре Тасевски за Србинови, фамилија Гугучевски, Љупчо Бошевски и Петар Бојаџиевски за Филипови, Томас Фердинанди и Изабела Патче за Патчеви, Сашо Шамбевски за Портал, Емилија Вукичевич за Паско фурнаџијата, Анета Светиева за еден дел од сегашниот хотел Македонија, па приказните за битолските фамилии Замаули и Османли на Марина Апостоловска од книгата „Стари семејства” дополнети со текстот од брошурата „Семејни традиции- Димитрие Османли” на Наде Геневска Брачиќ и семејни фотографии на Нада Милошева (Бебека), Јелена Сервини Перишиќ и Јани Сервини за големиот Лазар Сервини, Рахел Нахмијас и Сара Ароесте за фамилијата Нахмијас со Давидовата ѕвезда на балконите, Александар Стерјовски, весник Време и битолскиот Архив за Данабаш, Јован Тасевски за хотел Ројал и фамилија Чукалка, приказната за Нехама благодарение на битолски Архив, фамилиите Васкови и Чкатрови со голема помош од Марјан Гаштаров, Јанаки Папакоч од Белград и Петар Ставрев за фамилија Папакоч, Роберт Јовановски за Хололчеви и Анета Светиева и Јове Топаловски за Топалови.
Промотор на книгата беше Гордана Такец бидејќи и самото дело е посветено на нејзиниот татко, големиот битолски хроничар и новинар Димитар Димитровски Такец кој даде аманет да го продолжиме неговото дело, рецензенти се проф. д-р Александар Стерјовски писател и хроничар на градот и Зоран Алтипармаков дипл.инж.архитект, советник конзерватор од Одделот за заштита на културно наследство, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола.
Книгата изобилува со многу фактографски податоци, семејни фотографии и раскажувања кои досега се непознати за пошироката битолска јавност и како што нагласи самиот проф.д-р Александар Стерјовски „Перформансите на Широк сокак” на Такец заедно со „Приказните од Широк сокак” се многу важен и битен дел од битолската историја која мора да ја има и познава секој битолчанец кој од срце ја сака Битола.