Книгата наспроти забавната содржина на социјалните мрежи- предизвик за секој млад човек, но и за возрасните.
Читањето позитивно го напрега мозокот, така што го визуелизира она што го читаме, па така имаме можност да доживееме туѓи животни искуства, да се соживееме со книжевните ликови, да равиваме емпатија која ѝ е неопходна на светот, да го збогатиме фондот на зборови и активното читање го облагородува човекот нешто кое и не баш дел од нашиот културен менталитет, но никогаш не е доцна работите да се менуваат – сепак, најтемно е при изгрејсонце.
Ученичката Марија Мијаковска од СОУ Гимназија „Јосип Броз-Тито“ ни ја препорачува книгата „Прашалникот е половина срце“ од Софија Лундберј:
„Прашалникот е половина срце“ е роман кој успева да допре до сечие срце, да постави безброј прашања и разреши безброј недоумици за тоа, кои сме ние? Што криеме во нашето срце? Од каде потекнуваме? Кое е нашето минато и дали можеби е обвиткано со тајните на судбината?
Успехот на Елин Боулс, моќта на приказот на совршен живот, совршен брак и успешна ќерка пред објективот на фотоапаратот, претставувало вистинска спротивност од енигмата, каква е навистина таа?Душевниот мир, спокој, безбедност и бегство од реалноста, успеала да го пронајде зад објективот. Што е она што ја приморало да создаде уметничка слика за себе на успешен фотограф пред медиумите, да стане позната и да го занемари гласот на своето срце, за сметка на гласот на разумот?
Клопчето на оваа срцепарателна мистерија започнало да се обвиткува со добивањето на мапата на ѕвездено небо, писмо од минатото кое ги исполнило нејзините мисли, го разбудило копнежот по спомените од навидум безгрижното детство, другарувањето со Фредрик и стравот од соочување со грижата на совест, но паралелата на животот е онаа која не застанала тука и ѝ донела уште еден предизвик, загубата на стабилната и заштитничка страна во нејзиниот живот, сопругот Сем. Тој претставувал потпора на нејзиното битие, дом и утеха во потрагата по себе си, но и поттик и охрабрување за размислување и самоанализирање. Елин станала свесна за нејзината потонатост во мрачните лаги и тајни, нејзиниот живот прикажан како празен лист хартија, без приказна и историја, но како сонце на хоризонтот, во потрагата по подобро утро изгреала ќерката Алис.Таа успеала да го отклучи срцето на својата мајка, да ги одгатне недоумиците, прашањата, одговорите и причината за нејзината загубеност, расеаност, страв од вистината, надминување на срамот,прифаќање на својата природа и ѝ овозможила поглед низ призмата од минатото. Средбата со најблискиот другар после многу години, средбата со мајката и навраќањето на спомените на својата љубов со Сем, било она кое и помогнало на Елин конечно да го пронајде својот духовен дом, среќа и мир, бидејќи цели осумнаесет години таа претставувала загубен патник без крајна дестинација, личност која живеела од убавините на фантазијата, имагинацијата, боите и совршеноста на фотографијата, ја обожувала уметноста, но и самата претставувала уметност, не реалност, вистински прашалник за околината, загатка без почеток и крај, која го опфаќала половината од нејзиното срце.