Atanasij Veliki

 Поука прва

           Телото е како харфа на која душата, разумна и бесмртна, како музичар свири. Душата го движи телото, а таа самата себе се подвижува, зашто движењето на душата не нѐ ништо друго туку живот на душата. За телото велиме дека живее кога се движи, а умира кога престанува во него движењето, т.е. кога го напушта душата… Животот пак на душата е Логосот Божји, и таа се умртвува штом ќе се оддели од заедницата со Него.

           (Против јазичниците 32 – 33)

            Поука втора

За изучувањето на Светото Писмо, и за вистинското знаење потребен е добар живот, чиста душа и добродетел по Христа, за така, умот одејќи преку таа добродетел, да може да го достигне и да го разбере она што го посакува, и да научи за Бога Логосот онолку колку што ѝ е достапно на човечката природа. Зашто без чист ум и без подражување на животот на Светиите, никој не може да ги разбере нивните зборови.

            (За вочовечувањето на Логосот, 57)

            Поука трета

Во Црквата секогаш треба да се отстранува и спречува она што ѝ е туѓо и што предизвикува соблазна, а повеќе од сѐ да се чува мирот и слогата само под услов верата да биде здрава (т.е. правилна, православна). Тогаш нас и Господ ќе нѐ помилува и тоа што е разделено ќе го соедини. А, кога ќе биде едно стадо, пак, сите ќе имаме еден Водач – Господ наш Исус Христос.

            (Томос до Антиохијците, 8)

            Поука четвртта

            Благодатта и дарот што се дава во Пресвета Троица, се дава од Отецот преку Синот во Духот Свети. Зашто како што даруваната благодат е од Отецот преку Синот, така и ние не можеме да бидеме заедничари на дарот на благодатта само во Духот Свети. Зашто станувајќи Негови заедничари, ние ја имаме љубовта на Отецот, благодатта на Синот и заедницата со самиот Дух.

            (Послание до Серапион, 1, 30)

            Поука петта

            Кога душата ќе ја соблече од себе сета нечистотија на гревот која се разлеала по неа, и ја чува чиста својата боголикост, тогаш таа просветлена од неа, доаѓа во состојба да го созерцува во себеси ликот на Отецот – Логосот по Кој сме создадени во почетокот и во Логосот – Отецот.

            (Против јазичниците, 34)

            Поука шеста

            Царе, престани да ја прогонуваш Црквата, и сети се дека си смртен човек. Исплаши се од Судниот ден и сочувај се себе чист за тој ден. Не мешај се во црковните работи, и немој ти нам, на епископите, да ни заповедаш за тоа, туку попрво ти од нас учи се за нив. Тебе Бог ти го врачи царството, а нам епископите ни ги довери работите на Црквата. И како што оној кој ја нарушува твојата власт, се противи на Божјата заповед, така плаши се и ти, присвојувајќи го тоа што се однесува на Црквата, да не подлегнеш на голема осуда. Зашто е напишано: „Дајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога“.

            (Историја на Аријанците, 41-45)

            Поука седма

Макар што не е можно да се сфати што е Бог, сепак е можно да се каже што Он не е.

            (Писмо до монасите)

            Поука осма

Бог од ништо нема потреба, Он е самодоволен и самоисполнет, и во Него сѐ се содржи, или подобро кажано Тој на сѐ му дава битие.

            (Писмо против јазичниците, 28)

            Поука деветта

Да се чуваме себе секогаш чисти од еретици и расколници, и да го чуваме преданието на Светите Отци, а пред сѐ правилна и побожна вера во Господ наш Исус Христос.

            (Живот Антониев, 89)

            Поука десетта

Ќелиите на сестрите се како скинии преисполнети со божествени хорови, пеење, добри беседи, пост, молитви, радост и труд, со љубов и согласност едни спрема други.

            (За монахињите)

Превод сестринството на манастирот Свети Јиван Претеча – Слепче

Свети Атанасиј Велики, архиепископ Александриски

31 Јануари/18 јануари (по стар стил)
640px

Роден во Александрија во 296 година. Од детството наклонет кон духовниот призив. Беше ѓакон кај архиепископот Александар, и го придружуваше својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието.

Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напиша Символот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, свети Атанасиј беше избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не беше цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот беше гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеа: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Беше принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватните куќи, по пустините. На двапати бегаше во Рим. Едвај недолго пред смртта едно време проживеа мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубеше. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како светиот Атанасиј. Но, неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одеше кај свети Антониј, кого го почитуваше како свој духовен отец. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Џепането како културен, историски и рекреативен центар – Магистерски труд на Искра Јовевска од Битола

Продолжуваме со презентирање на магистерските трудови изработени од 6 млади архитекти од…

ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ Битола го доби признанието за Најдобра установа од областа на заштитата, образованието и рехабилитација на лицата со попреченост

Фондацијата ,,Професор д-р Љупчо Ајдински”, а на предлог на Сојузот на специјални…

Промоција на две книги од авторката Билјана Андоновска во Бигорски манастир

На 16 април, на празнувањето на Лазаревото воскресение, авторката Билјана Андоновска од…

Петти Акатист кон Мајката Божја во храмот „Пресвета Богородица“ во Битола

На 08.04.2022 г., во петтиот петок од Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски и…