Славица е поет кој длаби по постоењето на човекот како зографите што го длабеле настанокот на светот. Читајќи ја нејзината поезија на една страна човек ја гледа леснотијата на одот, на другата до неа, го носи товарот од дамнина сплетен низ уверувања до тој самиот што си ги создал. Таа спаѓа на современата генерација македонски поети. Преку нејзиниот искристализиран поетски израз се открива ново време, нов човек, нова жена, таа не манипулира, таа е директна и кога нејзиниот збор боли и кога љуби. Пред години, градот Ресен ја изнедри Светлана Христова Јоциќ.
Денес, од истотото поднебје ја имаме Славица Гаџова Свидерска – познат интензитет, различен израз.
Славица Гаџова Свидерска (1984, Битола, Македонија) е поет, преведувач, теоретичар на книжевноста, доктор на филолошки науки. Авторка е на поетските книги „Бесконечност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015), „Тела“ (2016) „Политики на стравот“ (2021), „Golgotha Feminarum“ (2023), научните монографии „Книжевноста и дискурсите на моќта“ (2013), „Книжевноста и политичкото насилство“ (2018), како и книжевно-филозофските есеи „За смислата и за апсурдот“ (2017). Добитничка на наградите „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата, „Караманов“, „Македонска книжевна авангарда“, „Антево перо“, „Антево слово“ (Македонија) и „Лирата на Орфеј“, Бугарија. Нејзината поезија е преведувана на англиски, кинески, кантонски, бугарски, српски, хрватски, босански, чешки, словачки, турски и албански јазик.
ВАНА
Крстот што го носеше беше претежок
алиштата што сама си ги подготви за
погребение –
прешироки
оти пред смртта се стори колку пеперуга
Имаше видено сè:
и живородено и мртвородено
врз тебе имаше паднато и планина
имаше пливано во бунар со нафта
имаше испиено отров од змија
изедено глава од желка
ја имаше видено Богородица на прозорец
го имаше слушнато нечестивиот на сон
твоите лалиња сè уште цветаат
секоја пролет
Крстот што го носеше беше претежок
алиштата што сама си ги подготви за
погребение –
прешироки
оти пред смртта се стори пеперуга
СОТИРКА
Ја имаше видено
Втората светска војна
а длабоко во себе
ја водеше третата
Секогаш зборуваше тивко
оти долго време околу старата куќа
кружеле поткажувачи и кодоши
со списоци на забранети зборови и фрази
со листи на подобни и неподобни
Ушните ресички ти беа скинати
некој ти ги беше откорнал
единствените златни обетки што ги имаше
Се зборуваше дека во дворот
има закопано доволно оружје
да се ослободи Македонија
а сепак куќата ти се претвори во затвор
И колку поостри странуваа шилците во
твоите зглобови
толку помек стануваше памукот во твојата
душа
Колку поцрни беа облаците што доаѓаа
толку позелени стануваа ливадите во
твоите очи
полни гороцвет и темјанушки
понекогаш таму наминувам
да соберам сила
за утре
МИРЈАНА
Имав само две години
кога се онесвести над шпоретот
и си ја залепи дланката
на вжештената рингла
Кога се освести
ти ги видов
ковчињата на прстите
а ти тврдеше
дека не те боли ништо
Имав дваесет и две години
кога се онесвести враќајќи се дома
и си го скрши черепот
на стрмните скалила
Кога се освести
видов како
ти тече крв од увото
а ти повторуваше
дека треба да се купи праз за зелник
Јас не сум како тебе
мене постојано ме боли сè
секој ден ми горат и душата и телото
а имав само две години
кога видов како си ја залепи дланката
на вжештената рингла
а ти тврдеше дека не те боли ништо
МИЛКА
Милка постојано
ја проветруваше постелнината
ја редеше на балконот
да се исполни со свеж воздух
и со сончеви зраци
(во душата имаше
една темна, влажна
и непроветрена соба
од која го загубила клучот)
Милка постојано
ги дезинфицираше кујната и бањата
фрлајќи тешки киселини
да ги уништат сите бацили
(на душата имаше
една болна, гнојна
и незацелена рана,
што никако не можеше
да ја исчисти)
VIA DOLOROSA
Некои патишта
мора да ги поминеш
бос, по ситно искршено стакло
по мраз создаван со милениуми
на лакти, по жежок пустински песок
гребејќи со нокти по карпите
навалени на работ на провалијата
Некогаш
мора да стапнеш и на лава
некогаш, без да знаеш,
ќе згазнеш и врз черепи
мртви галеби, град на мравки
врз некој црв кој штотуку го изел
своето стракче трева
Некои патишта
мора да ги поминеш
носејќи се себеси в раце
одејќи на раце
скокајќи на една нога
пливајќи во жива кал
секогаш држејќи се за сламка
А некогаш ќе можеш
да одиш и по вода
Од поетската збирка Golgotha Feminarum, 2023