Поетскиот збор има длабочина која е широка, ако се гледа од високо. На пазарот за убавина и слаткречивост, поетските книги стојат достоинствено по ќошињата, и замислете, кога мислиме дека сме нашле убава поезија, тоа е само привидение, поезијата го наоѓа човека, кога токму е потребна. Зборот срочен во лирски сад не умее да биде дволичен, сета емоционална природа на човечкото бидување е излеана во него. Поезијата е прибежиште од светот, утеха од дните без Сонце, сила во миговите кога мора напред, најсуптилен израз за храброст.
Нектарија Илиевска е млада девојка, која одамна ја има спознаено длабочината на книжевниот свет. И во суштина како што му доликува на секој млад човек кој се стреми да ја исклеса својата сушност, всушност тоа е должност на секој буден човек небитно на која генерација му припаѓа.
Некатарија, во своите рани младешки поетски дни веќе има еден особен израз – оној кој ѝ е потребен најмногу на позијата силен, нежен, раскошен, стара мисла во ново руво.
РАЗУМ И СРЦЕ
Сигурен си во себе, го знаеш патот,
мисла се вгнезди во твојот разум.
Да, целта е јасна…
Ноќите твои се ноќи на спокој.
Гледаш од височина…
Ставот твојот е непоколеблив.
Се чудиш на мојата смелост.
Јас сум тука…
Се прашуваш: како ли стигнав?
Мислата моја на клада ме стави,
но оган пламна во моево срце.
Та јас можам, си реков,
можам да го најдам патот.
Убост на крајолик чуден си видов,
без твоја подадена рака.
Срцево мое светилник стана,
врзан за црна, растурена коса
летам во ноќта ко светулка мала
во бескрајот ширен на мечтите мои.
Чекорам храбро, без страв и сомнеж.
Патот е мој, го чувствувам тоа,
Зашто речено е еднаш:
„Голема сила во кревкоста се крие“.
ЕЗЕРСКИ СОН
Во тивките зимски ноќи,
Трепери небото од светлина.
Над езерото, наведната бдее месечината.
Со песната на штурците танцуваат езерските треви.
Ѕвездите се капат во својот сјај…
Ај, возвишеност!
Таинствени се патеките твои.
На крилјата од ветрот лебди, мирисот на вселената.
Епски спокој царува над мирните води,
ко некогаш на почетокот …
Сонувам заедно со езерото.
Неговите бранови ја заплискуваат мојата душа.
Тонам во летната ноќ…
11 ОКТОМВРИ
Шумолат лисја во златните горе,
Ветерот свилен шепти тивко,
Октомвриско утро нежно се буди,
в сончевина мека се раѓа денот.
Во време друго, пред многу лета
пламена зора ко молња светна,
изгрејсонце свето на овој ден
црвена булка во гради пламна.
О, родино, мајко света,
ти што скапоцен ѓердан од спомени нижеш,
име по име, срце по срце,
на храбрите синови твои,
стихови китнимилно им редиш.
И денес, октомврискатапесна ќе се зачуе,
крилја ќе се кренат високо,
слободата ќе нѐ преброи,
колку сме, што сме и од кои сме