На 22 септември, во 1932 година е роден еден од најмаркантните писатели во македонската книжевност со битолско потекло – Владимир Костов.
Костов живее и работи во својот град Битола. Тој спаѓа во редот на најангажираните современи македонски прозаисти, а најмногу во својата фела се изделува како новелист. На книжевната сцена во Македонија дебитира со романот „Лица со маски“ во 1966 година. Подоцна ги објавува романите „Свадбата на Мара“, „Учителот“, „Нов ум“, „Црквичето Четириесет маченици“, „Игра“ (раскази), „Грешниот Захарија“ (новели), „Тестамент“ (новели) кои го свртеа вниманието кон книжевната критика и есеистика, а истовремено е окупиран и читателскиот аудиториум.
Костов во своите книжевни дела го има „заробено“ секојдневниот живот на човекот во општеството. Доколку ги неговите книжевни оставарувања ќе доживеете и душата на градот Битола, шетајќи и по најтесните сокаци, ќе ви оживува по некоја приказна: Ат пазар и под автобуските тркала уште го чува галопот на коњите, уште се чувствува последниот животен здив на Александар Турунџев, иако во новово време чаршијата е измиена, исчистена, таа како во нем плач да ги повикува да се вратат старите занаети, а сето тоа така го чувствувам само затоа што Костов се стреми да оствари хроника на општествените и духовните движења, тој го насочува внимението кон трагичните судбини, кои се во постојан судир со кодексот на човечкиот морал, судир со општествената средина каде што егзистираат.
Костов е одличен познавач на Библијата и мудро и вешто го толкува напишаното во неа со цел да му ја разбуди свеста на читателот и што повеќе да го наведе да размислува за суштината на доброто и злото и какви се тие господари на човечкиот живот. Од психолошка гледна точка моралот е негово средишно интересирање. Во неговата проза може да се прочитаат хуманизирани толкувања на Евангелијата со цел човекот да го тргне превезот од очите и конечно да прогледа за да го проживее животот со сите негови животни сили, без наметнати стеги и предрасуди.
Основното образование и гимназијата ги заврши во родниот град. Во 1951 година се запиша на Филозофскиот факлултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломира во 1955 година на групата Југословенска книжевност. Првото негово вработување беше како артист во Радио-драмата на Радио Скопје. Од 1956 година работеше како професор по македонски јазик во Ветеринарното училиште во Битола. Во 1964 година беше избран за професор на Педагошката академија во Битола, каде работеше сѐ до своето пензионирање. Се занимава со истражување и проучување од областа на јазикот и литературата и писателската дејност. Има објавено поголем број трудови од оваа област, меѓу кои се:
„Отстапување на битолскиот говор и неговиот стил“
„Поетскиот јазик на Кочо Рацин“
„Зборникот на Миладиновци и Рациновите „Бели мугри“
„Личните заменки во битолскиот градски говор“ и др.
Многу од неговите дела се драматизирани. Така, во 1977 година, во изведба на Народниот театар од Битола беше одиграна „Свадбата на Мара“, драматизација на неговиот истоимен роман. Истата претстава со успех е одиграна и во Сараево, на „Стериино позорје“ во Нови Сад, на Дубровничките летни игри и на други сцени во Македонија и Југославија. Во 1986 г. и новелата „Грешниот Захарија“ е изведена во Народниот театар во Битола и на Фестивалот за мали и експериментални сцени во Сараево, во режија на Љубиша Георгиевски. Во 2001 беше драматизирана и трета негова книга, романот „Црквичето Четириесет маченици во Битола“ во режија на Љупчо Ѓеоргиевски во изведба на Битолскиот театар.
Автор е на книгите:
„Лица со маски“ (роман, 1967)
„Свадбата на Мара“ (роман , 1968)
„Игра“ (кратки раскази, 1969)
„Нов ум“ (роман, 1970)
„Учителот“ (роман, 1976)
„Каде си тргнал сине“ (роман за млади, 1980)
„Шумата ечеше“ (сказна, 1982)
„Маски“ (1983)
„Црквичето Четириесет маченици во Битола“ (роман, 1984)
„Вујко“ (роман, 1984)
„Грешниот Захарија“ (новели, 1986)
„Тестамент“ (кратки раскази за млади)
„Чума“ (новели, 1989)
„Клетва“ (роман, 1989)
„Грешка“ ( краток роман, 1991)
„Последното целивание“ (роман, 1992)
„Тој ми кажа“ (роман за млади,1992)
„Келешот“ (новели)
„Битолски триод“ (роман, 1994)
„Сениште во градот Битола“ (роман, 1994)
„Маргарит“ ( кратки раскази, 1996)
„Солза за Мите“ (роман за млади, 1997)
„Строгата школа на животот“ (кратки раскази за деца и младинци, 1998)
„Тане“ (роман, 2000)
„Хераклејски мозаик“ (збирка од 201 расказ, 2003)
„Битолијада“ (2006)
„Еврејчето Шами“ (проза за деца и младинци, 2007)
„Скршена чаша“ (раскази 2007)
„Воденички камен“ (раскази, 2008)
„Писание за страшниот суд“ (роман, 2011)
„Даровна“ (раскази, 2012)
„Дива мисла“ (роман, 2014)
„Декалог“ (драми, 2015)
Носител е на повеќе награди и признанија, меѓу кои наградата на градот Битола „4 Ноември“ за животно дело. Во 1966 година е награден за драмата „Часовници“ на конкурсот распишан од Сојузот на социјалистичката младина на Македонија. За романот „Свадбата на Мара“ ја доби наградата „1 Мај“ од Сојузот на синдикатите на Македонија, додека во 1984 г. за романот „Црквичето Четириесет маченици во Битола“ ја доби наградата „11 Октомври“. Во 1997 за неговиот роман за млади „Солза за Мите“ ја доби наградата од Друштвото на писателите на Македонија „Ванчо Николески“. Наградата „Рациново признание“ му беше врачена во 1999 година за романот „Битолска хроника – Обителска трагедија“.
Во рамките на 24 издание на фестивалот за класична музика „Интерфест“ беше одржана книжевна вечер посветена на Владимир Костов. Беше изведена драмолетата „Љубов во кабина на кран“ или „Оф, аман, аман“ (извадок од романот „Тане“).
Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола во неколку наврати распиша конкурс за краток расказ „Владимир Костов“.
Во 2015 година Владимир Костов избран е за почесен член на МАНУ.
Битола е градот на Владимир Костов, македонскиот Томас Ман.
Македонскиот (битолскиот) писател Владимир Костов е револуционерен писател, со бунтовничко перо, кој на особено културен, интелигентен, длабоко филантропски и суптилен начин го провоцира, во хумана смисла човештвото на ментална револуција или дарвиновски кажано на конечна еволуција.
Во неговите дела, градот Битола е локацијата каде што се одвива пресекот на човекот и човечкото во него, а истата книжевна градба може да се забележи и кај Димитар Солев којшто пишуваше за Скопје, кај Габриел Гарсија Маркез којшто нашироко долж целото негово творештво раскажува за неговата родна Аркатака, без голиот реализам на Оноре де Балзак, Париз би бил само „Дизниленд“. Накусо, сите големи писатели се хроничари на градовите и селата каде што се родиле, од каде што доаѓаат.Владимир Костов е голем писател.
„Свадбата на Мара“ беше моментот „Учителот“ да го одгатне произлезот на „Нов ум“ за да може „Црквичето Четириесет маченици во Битола“ да биде тврдина на непокорот и воскресението на правдата и вистината.
Неговото прозно творештво е од особена важност за историјата на македонската книжевност. Последните негови дела се издание на ИК „Матица“, која постојано ја следи творечката дејност на писателот Костов, кој последните неколку години за жал е во тешка здравствена ситуација, но и покрај тоа, тој активно ја следи македонска книжевна сцена и ги поддржува младите автори.
Автор на текстот е: Биљана Т. Димко (книжевник)