Во Магазата во Битола се одржа завршниот настан – изложба, од активностите кои се одвиваа во рамките на проектот „Свети води“ имплементиран во ИНТЕРРЕГ ИПА програмата за прекугранична соработка.
Изложбата има за цел да прикаже дел од културното и природното наследство на преспанскиот регион од македонската и грчката страна на границата.
Изложбата „Свети води“ претставува сублимат и своевиден визуелен приказ на дел од активностите кои се реализираа во рамките на проектот „Поттикнување на културен, туристички производ во прекуграничната област на Преспа, преку промоција на природното и културно наследство“.
Преку афирмирање на природното и културното наследство во Преспа, од двете страни на границата, се отвора можноста преку користење достапни алатки да се креираат сопствени туристички патувања.
„Проектот се одвиваше во еден исклучително тежок период, земајќи ги предвид околностите со ковидот кога не можеше да комуницираме меѓу партнерите, така што повеќе од активностите се одвиваа онлајн или на друг начин, но секој од партнерите даде свој придонес во реализацијата и имплементацијата на активностите. Фотографиите се посветени на различни природни и културни знаменитости од регионот на Преспа, бидејќи тоа беше фокусот на проектот“, изјави Мери Стојанова, директор на НУ Завод и музеј Битола.
На изложбата беа присутни и претставници од Ефоратот на антиквитети од Лерин, Општина Ресен, како и водечкиот партнер Општина Преспа од Грција. Партнер во проектот е и Здружението за заштита на Преспа.
Гостите од Грција истакнаа дека имаат одлично партнерство кое има огромен потенцијал. Овој проект понуди и нови технички иновации со кои се горди и се надеваат дека ќе му помогнат на регионот да привлече повеќе туристи.
Од Општина Ресен истакнаа дека преку овој проект ја направија една од најголемите инвестиции во сферата на туризмот, изградба на пешачка патека под падините на НП Пелистер со должина од 10 километри која поврзува 5 значајни културно-историски споменици. Патеката е веќе подготвена за користење од страна на домашните и странските туристи.
Фокусот на овој проект воедно и централната активност на НУ „Завод и музеј“ – Битола беше конзервацијата на архитектурата на црквата св. Илија во с. Грнчари.
За време на конзерваторските зафати на архитектурата на оваа црква и преземената конзервација на ѕидното сликарство кои се реализираа во текот на 2021 година, откриени се нови површини со живопис кои потекнуваат од двата подоцнежни временски периоди.
За време на оие зафати, на западната фасада, над влезната врата, откриен е поголем фрагмент со претставата на Свети Никола кој всушност бил и првиот патрон на црквата.
Туристичката патека под НП Пелистер ги поврзува манастирите на источниот планински брег на Преспанското езеро, почнувајќи од Преспанскиот крст во село Подмочани, св. Илија во с. Грнчари , поминувајќи покрај црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново, која спаѓа во културното наследство на Македонија, а завршува кај манастирот „Пресвета Богородица“ во село Сливница.