Весела Богдановиќ ги спои двете најблагородни професии: учителската и писателската. Да се пишува за деца е огромна одговорност, но секако и задоволство од разбирањето на детскиот свет испреплетен меѓу јавето и фантазијата.
Неодамна од печат излезе првиот роман за возрасни на Весела Богдановиќ насловен „Остров на тишината“ во издание на Антолог. Роман кој буди голема заинтересираност кај читателите на авантури, трилери, мистерии протакени со летна романса.
По тој повод, ексклузивно за Читај бе со авторката Весела Богдановиќ.
- „Остров на тишината“ е несекојдневно книжевно искуство на читателите од перо на македонски автор. Колку време и под кој инспиративен набој се создаваше романот?
Го напишав за неколку месеци, некогаш пишував до утрото, буквално до утрото, бидејќи не можев да застанам, а и искрено се плашев да не се изгубам или да не ми се изгуби мислата. Не сум пишувала вакво дело, бара истражување, влегување и излегување од главни и споредни заплети, а сепак сакав да остане лесна за следење, незбунувачка, а полно со изненадувања, да не биде здодевно… Пред очите си гледав филм, авантуристички, мистериозен, каков што би сакала да гледам, ги „гледав“ сцените, бев „таму“… и навистина уживав, си го пишував за своја душа. Никаде не се брзав бидејќи немав план, а се брзав поради приказната во мојата глава. После секој дел кој го сметав за конечен им читав на домашните. На брат ми и снаа ми им имам читано и ноќе преку Вибер. На сите ни беше ново, интересно, сите бевме „заразени“, секој едвај чекаше што ќе биде понатаму. Немаше да ми „простат“ ако нешто не беше интересно, тоа ме охрабруваше, ми требаше искреност. Потоа го прочита Билјана Димовски, на моја молба, со очекување да ми каже искрени совети, како искусен читател, па да го подобрувам. И наместо тоа, таа ми „забрани“ да го менувам и ми предложи брзо да барам начин за изадавање. Лекторката Љубица Севдинска веднаш професионално пристапи на подготовка на лекторирано дело. Секогаш е тука за мене, ја викам втора мајка. Таа ми дава сила и професионални совети, сѐ уште има добри и искрени луѓе, а јас покрај себе имам докажан автор на учебници и угледен професиналец. И имав среќа. Романот им се допадна на Антолог. Навистина сум почестена. Благодарение на Антолог, на сега веќе главниот уредник на мојот роман – почитуваниот и искусен писател Жарко Кујунџиски, на Ивана и нивниот тим, книгата е веќе издадена.
А сѐ започна од мојата желба за посета на Островот Сазан. Го видов од брегот на Валона, не можеш да не го видиш, спие во далечината независно на кое место од брегот гледаш кон хоризонтот. Од тој ден постојано го истражував, напуштениот град посебно ме интересираше. Чудно ми беше како островот не е искористен за туризам, за хотели… зошто е ретко дозволен за посети и тоа од само еден час. Има интересна историја и мистериозна сегашност и правев планови како да стигнам до него бидејќи за време на неколку мои кратки екскурзиии во Валона бродовите немаа дозвола за посета на островот, а до 2015 година бил строго забранет за пристап. И бев, со моето семејство, со еден од туристичките бродови кои добија дозвола за таа сезона, ниту на памет не ми паѓаше дека ќе пишувам книга. Идејата за книгата се роди после неколку месеци. А „највиновен“ за ова дело е татко ми Стевче, и затоа токму нему му ја посветив оваа книга. Тој ме научи да сакам патувања, но и свесно да истражувам за местата на кои одам. Да ги доживувам во целина и во делови, и со око и со мисли и во сегашнот и минато. Тоа е богатство. Мајка ми Наташа беше наставничка по македонски јазик, дама, домаќинка и пример на читател со книга в рака. На секое патување ја гледав како чита и ми беше интересно. Колку би се радувала и колку би ми била поддршка…но за жал ќе си ја паметам најдобрата мајка. И за цела среќа ги имам мама Виолета, сопругот Војкан и мојот Бојан, без нивната поддршка не се бидува упорен.
- Дали има старосна граница и целна група на која ѝ е посветен романот?
Јас најпрвин си го пишував за себе си, имам 47 години, би рекла, со дух на триесеттина. Не би можела да одредам прецизна старосна граница. Тоа го сфатив откако го завршив романот. Знаев дека пишувам за возрасни читатели, за сите над 18 и понатаму без граница, но потоа сфатив нешто друго и сега охрабрена од првите позитивни критики, искрено го препорачувам дури и за помлади (мислам на деца од 15 до 18) бидејќи животните поуки кои се скриени сосема ненаметливо, се од актуелна природа, важни за младината која живее за предизвици, социјални медиуми и безрезервно се дружи со непознати за време на одморите.
- Која е разликата во предизвикот да се пишува за деца и за возрасни, сега го имате тоа искуство?
Огромна! Кога го пишував романов бев целосно слободна од „обврската“ да го врзувам со поучување и воспитување, внимавање и изрази… Си се изразував како што си сакав, со оригинални мисли додека си ја доживував авантурата во главата.
Тогаш сфатив колкава е одговорноста кога пишувам за деца. Тоа е сосема поинакво пишивање. Како учителка и мајка знам колку треба да се внимава со пораките кои им ги пренесуваме на децата, но знам и дека самите дечиња извлекуваат свои пораки од она што ќе си го сфатат во „нивните“ или „моите“ меѓуредови на делата за деца. Свесна за тоа, со детските дела многу внимавав, некогаш и ми беше жал за нешто неискажано или изменето во формата, но многу си ги сакам. Имам една своја анегдота со која опишувам на што сѐ мислам додека пишувам за деца „Ако напишам дека дувнало ветре, кесичката од смоки летнала и како шарено летало се извишила во височините… потоа треба да мислам каде да ја најдам кесичката и да ја фрлам во корпа за отпадоци…, односно ликот да го направи тоа“- ме разбирате на што мислам.
Значи, ова дело беше мое ослободување, а можам јас и повеќе да се ослободам, така си мислам.
- Промоцијата на „Остров на тишината“ за битолската читателска публика е закажана за?
27.06.2023 во вторник, во Books House. Тоа ми е посебно место, не знам друго слично место, толку е посебно. Јулијана Делев си ја сака работата, уникатна е, па така сфативме дека и ние две сме супер спој за прва промоција. Инаку книгата е достапна по сите градови. Во моментов Антолог патува со „Зборче“ по сите градови, гостуваат нашите најпознати писататели, со нив е Ивана,домаќинката на Зборче која мора да ја запознаете за убав и весел ден и за супер совети за убави книги, и мојот „Остров на тишината“ патува со нив.
Весела Богдановиќ е автор на книгите за деца:
Збирката детски бајки „Магични стапчиња и шарени лижавчиња“ од Просветно Дело.
Интерактивната бајка „Тајната на Сината Самовила“ од Просветно Дело
„Книга на тајните“ – креативен прирачник за социјален и емоционален развој од Просветно Дело
„Чудо од визбата“ – бајковит прирачник за креативно размислување, претприемништво и медиумска култура во издание на ГАУС институт за иновации.
„Авантурите на госпоѓицата жолтоперковска“- детски роман во издание на ГАУС институт за иновации.