zoran naslovna 1

По повод одбележување на 80 години од Холокаустот, во некогашно еврејско верско училиште Талмуд Тора во Старата битолска чаршија, се промовираше книгата ТРАГИ ОД ЕВРЕЈСКОТО НАСЛЕДСТВО ВО БИТОЛА од Зоран Ѓорѓиев.

Промотори на книгата беа проф.др. Александар Стерјовски и раководителот на Државен Архив одделение Битола Гоце Стојановски, а специјален гостин ладино пејачката од САД, Сара Ароесте.

kniga evrei 5
kniga evrei 2
kniga

Во книгата се раскажува за домот на Франко, Асeo, Медонса, Нахмијас, Ароести, Шами – Калдерон, Батино, Колономос, Де Мајо, Албала, Јаков Ароести, битолскиот Евреин кој се сеќаваше на сите кои ги нема, Синагогата ,,Арагон”, Талмуд Тора, најстарото еврејско училиште, четирите еврејски пергаменти од XIII – XV век се најстарите еврејски документи во битолскиот Архив…

За идејата, мотивите, процесот, поразговаравме со овој 45-годишен битолчанец кој заинтригиран од еврејското наследство на Битола, кој покрај оваа, подготвува уште неколку книги…

kniga evrei 3

„Секој човек во својот живот треба да посади дрво, да има дете и да напише книга“. Со оваа мисла од Ернест Хемингвеј започнува патешествието низ книгата „Траги од еврејското наследство во Битола“. Но, оваа книга е и дрво и дете, книга која го враќа читателот во една Битола која повеќе не постои. Битола во која еврејската заедница имаше голем удел во општественото живеење и развој на градот. Првото прашање е – како се роди идејата за оваа книга?

Зоран: Идејата за оваа книга се роди сама по себе. Собирајќи ги една по една приказните за големите битолски еврејски фамилии одлучив по повод 80 годишнината од траорниот датум 11.03.1943 г. да оставам една трага и од мене за нивниот живот тука и белегот кој го оставија за нашиот град. Битола или некогашен нивни Монастир благодарение на нив го достигна големиот подем кој со векови беше на ниво со Солун и другите поголеми градови на Балканот. Нивните куќи и великолепни градби дури и после 100 години ѝ ја даваат таа староградска и препознатлива убавина на Битола, започнувајќи од Широк Сокак, центарот на градот, па низ улиците „Свети Кирил и Методиј“, „Виенска“, „Рузвелтова“, „Солунска“, „Булевар 1-ви Мај“, уличките позади уредот, „Дебарска“, „Димитар Влахов“, „Гостиварска“, „Св. Наум“, „Херцеговина“, на ул.„Далматинска“ во старата битолска чаршија, „Скопска“, „Јосиф Јосифовски“ итн.

kniga evrei 6

Раскажи ни малку за процесот на пишување…колку време ја пишуваше книгата и од каде сé ги црпеше информациите?

Зоран: Поголемиот дел од книгата веќе го имав објавено како текстови еден по еден и тоа траеше некаде околу пет години. Како што наближуваше 80-годишнината толку сé повеќе во мене се појавуваше предизвикот сите текстови и раскази да ги соберам на едно место бидејќи последната на битолскиот историчар Ѓорги Цолев Џоџа беше пред 30 години во 1993 година. Самиот датум 11-ти ми ги донесе единаесетте раскази за еврејски фамилии, тројката ми ги донесе трите субјекти кои првично се најзначајни за еврејското наследство во Битола и тоа најубавата синагога Арагон, верското училиште Талмуд Тора и пергаментите на старохебрејско писмо од 13-15 век кои се наоѓаат во државниот Архив одделение Битола. Така дојдов до целата содржина која моментално ја поседува оваа книга.

Колку лесно или тешко можат да се најдат информации за еврејското наследство во Битола и воопшто за животот на битолските Евреи?

Зоран: Првичните информации за еврејските фамилии кои се дел од еврејското наследство во Битола во голем дел се наоѓаат во битолскиот Архив на кој им сум најблагодарен за нивната достапност и отвореност на чело со раководителот Гоце Стојановски. Самата институција како да ме поттурнуваше за сето ова да го направам, збогатувајќи ја мојата книга со нивните колекции од текстовите и фотографиите кои се грижливо собирани од нивните некогашни вработени Јаков Ароести и браќата Константинови. Дополнувајќи со некоја фотографија од Манаки, воведот на секоја од моите приказни веќе ми беше подготвен текстот кој е облагороден и пишувањето во книгите на Ѓорги Димовски, Александар Стерјовски, Жамила Колономос, Жени Лебл, Шломо Албохер, Марк Кохен и многу други. Тука истотака е вметнато и стручното објаснување и опис за секоја градба поединечно благодарение на дипломираниот инженер-архитект Зоран Алтипармаков од НУ Завод и Музеј Битола. Продолжував со раскажувањата и сеќавањата за овие знаменити фамилии пренесени од постарите битолчани и хроничари на град Битола како проф. др. Александар Стерјовски, Петар Ставрев, Владимир Хаџи Јовановски Беби, Мима Герас Дочовска. Потоа доаѓаше мојот истражувачки и најмакотрпен дел кој со задоволство го работев и тоа пронаоѓањето на можеби останатите членови од овие големи фамилии. Започнувајќи од Скопје до Белград, па Њујорк и Њу Џерси, се до Чиле, Аргентина и секако во многу делови од светата земја Израел. Тие веднаш ја препознаа мојата идеја и без размислување ми ги дополнаа моите приказни со нивните раскажувања, фотографии за судбините на нивните фамилии од кои дел завршија во злогласниот логор Треблинка, а некои се спасија претходно со заминување од Битола на други места и во Албанија.

334517105 1639844753153643 3180549874224010117 n
kniga evrei

Кои моменти се сместени во книгата?

Зоран: Во книгата се сместени домот и раскажувањата за еврејските фамилиите Франко, Асeo, Медонса, Нахмијас, Ароести, Шами – Калдерон, Батино, Колономос, Де Мајо, Албала и Јаков Ароести, битолскиот Евреин кој се сеќаваше на сите кои ги нема бидејќи беше еден од преживеаните во Холокаустот и вработен во државен архив. Следува опис и локацијата за синагогата ,,Арагон”, па истотака и за најстарото еврејско училиште Талмуд Тора и четирите еврејски пергаменти од XIII – XV век се најстарите еврејски документи во битолскиот Архив. На крајот е и рецензијата за делото од битолскиот историчар и хроничар проф.др. Александар Стерјовски.

332192147 3339878632919963 6753455128639737805 n

Како се одлучи кои приказни ќе ги раскажеш?

Зоран: Самите објекти кои ја украсуваат Битола ја донесоа одлуката кои приказни да ги раскажам. Почетокот сакав да биде од нив бидејки многу за нас тие преставуваат голема мистерија. Едноставно нивната големина и убавина ме освоија и не ме остават да бидам рамнодушен. Заради нив одлучив да им дадам почесно место во моите истражувања сé со цел и јас како битолчанец да оставам една трага која ќе биде значајна за нашиот град. Како да Ви опишам, едноставно сум заљубен сум во старите градби кои им ја даваат душата на овој град и сакам сé уште да си ги негувам и оплеменувам. Овие градби беа тотално непознати за сите нас и најискрено ги сакам тие предизвици заедно со тие луѓе кои придонесуваат за овој град, а некои од нив не го штедат дури и нивното срце .

Зошто промоцијата во објектот на Талмуд Тора, најстарото еврејско училиште во Битола?

Зоран: За промоцијата во најстарото еврејско училиште се одлучив бидејќи моментално само на ова место може да ја претставам и добијам автентичноста на мојата книга. Тука во внатрешноста се наоѓа и единственото свето место каде учениците ги изведувале нивните верски и свети активности. Тука се наоѓа единствената синагога (еврејска црква) преостаната како последна од деветте кои беа во Битола, со светата арка (дрвена полица на која се чуваа најсветите Талмуд книги од јудаизмот).

Да се вратиме малку наназад. Кога првпат се судри со информациите за Евреите, еврејската заедница, наследството кое тие го оставиле?

Зоран: Првпат со информациите за еврејската заедница се судрив можеби пред десетина години. За мене ова беше скроз непозната тема и освен Холокаустот и датумот на чествување во Битола друго ништо не познавав. Интервјуто на моето другарче Благојче Андонов од Битола Стари Фотографии кое го имаше направено со познатата ладино пејачка Сара Ароесте, која има битолско потекло, ме заинтригира еден пасус каде таа посака да го почуствува мирисот на јаболкниците во дворот на некоја непозната за неа жолта куќа на главната улица во Монастир која била наследство и дел од нејзината фамилија. Таа куќа јас веднаш ја препознав и така ја контактирав. Објектот веднаш беше препознаен од нејзината тетка која сега има 105 години и е родена во таа куќа. Така започна и нашето големо познанство кое е негувано сé повеќе и повеќе од година во година. Таа дури на градот му подари и нејзино музичко ЦД со наслов „Монастир“ во кое има познати битолски и македонски хитови во симбиоза со ладино музика.

Што беше пресудно подлабоко да навлезеш во овој историски сегмент на Битола?

Зоран: Пресудно за мене за да навлезам во овој историски сегмент на Битола беше поддршката која ја добивам од сите и насекаде. Почнувајќи од моите другари, пријатели и битолчани се до потомците на некогашните битолчани т.н. Монастирлис кои се насекаде низ цел свет. Едноставно ме разгалуваат со нивните раскази, фотографии и идеи, ми даваат поттик заеднички да оставиме еден голем белег за овај град кој заслужува да го има.

Како Евреите ја доживуваат Битола?

Зоран: Евреите кои се со битолско потекло Битола ја доживуваат како нивни втор дом. Многу од нив и ден денес ги посетуваат куќите каде некогаш живееја нивните фамилии. За нив „Монастир“ преставува еден нов почеток и спас од шпанската инквизиција каде тие најдоја прибежиште, продолжија со живот, оформувајќи големи фамилии кои се распространети насекаде низ светот. За жал повеќето од нив ги потсетува и на дел од нивните роднини и фамилии кои животот го завршија во логорите на смртта. Сепак тие уживаат во нивната прошетка низ Битола заедно со нејзината околина како и Баба планина со Пелистер и Пелистерките очи, бидејќи се уште не им се избледени приказните кои им се оставени во нивното наследство.

Минатата година запиша и магистерски студии на студиската програма Холокауст, при Универзитетот во Хаифа, Израел. Како се одлучи на ваков начин да ја продлабочиш поврзаноста со еврејскиот народ?

Зоран: Магистерските студии на студиската програма Холокауст при универзитетот во Хаифа, Израел се една благодарност од израелскиот народ кон мене за тоа што го правам. Со помош на еврејската заедница Монастирлис кои се со потекло од Битола, раководена од Рашел Шели Леви Драмер и тогашниот амбасадор Дан Оријан, а по предлог на Мима Герас Дочовска добив високи препораки и покана да бидам дел од оваа високо образовна институција без кои не може ниту да се замисли самото аплицирање . Добив стипендија и ми се подмирени сите трошоци околу овие студии кои и не се баш мали. Според моите контакти со вработените и администрацијата на овој универзитет јас сум единствениот битолчанец кој некогаш бил запишан на овие студии и студирал во Хаифа.

331084534 527527959510182 6440407995906241639 n

Раскажи ни малку за искуството коe го стекна таму…

Зоран: Искрено искуството кое го стекнав таму ми го промени животот. Добив нови пријателства од насекаде низ светот, Јужна Америка, Австралија, САД, Колумбија, Германија, Русија, Холандија, Кина и др. Благодарение на потомците на некогашната битолска заедница јас ја запознав секоја педа од нивната Света земја, ги посетив најсветите места каде Исус ги направил неговите чуда, како и најубавите и најмодерни градови. Буквално секој слободен ден кога не посетував настава тие доаѓаа по мене и заминувавме некаде на прошетка низ Хаифа, Ерусалим, Тел Авив, Модин, Ако, Назарет, Цесареја, Херцилија, Рош Ханикра, Кфар Саба. За мене како љубител на модерното и новото градот Хаифа ми остави голем впечаток, со многуте топли и сончеви денови, големата и пространа 17 км песочна плажа и море во кое последно се капев на осми декември.

И за крај, што е она што Зоран го планира во иднина, покрај пишување книги на оваа тема?

Зоран: Оваа книга е Б5 формат на 200 страници. Моментално во подготовка ми е нова книга која ќе биде продолжение и проширување на оваа со над 600 страни поврзани истотака со еврејското наследство во Битола која ќе добие и англиска, а можеби и хебрејска верзија со најава за промоции низ Израел и во САД. Се надевам и во Јужна Америка бидејќи имаме голема заедница со потекло од Битола и таму. Моментално ги завршувам моите истражувања за уште две нови битолски фамилии кои имаат спасено Евреи за време на Холокаустот и сакам да им го дадам почесното место како нови „Праведници”, каде веќе ги имаме Алтипармакови и Силјановски. Имам уште две книги од кои едната „Мојата Битола” е проза и поезија и веќе 90% е готова и во потрага сум за издавач со промоција на Денот на младоста. Другата ќе биде подарок од мене за Битола и битолчани насловена како „Широк сокак, улицата на мојот живот” која се надевам дека ќе биде готова на есен. Исто така во план ми се да ги дозавршам едногодишните магистерски студии, да исполнам и помогнам да се оствари еден аманет на позната битолска фамилија и можам да се „пензионирам” оставајќи нешто зад себе, нешто кое треба да го направи секој битолчанец на било каков начин со љубов кон неговиот град. Да направи добро, да посади дрво, да има дете кое ќе биде уште едно мало битолчанче или пак да напише книга. И сето тоа да доаѓа од средината во неговите гради бидејки човекот добро гледа само со неговото срце, додека најбитното е невидливо за око.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…