Позната по својот течен говор и исклучителна дикција, Соња Лозановска ја паметиме како презентер и водител во ТВ Тера Битола. Но, покрај љубовта кон пишуваниот збор и новинарството, Соња е препознатлива и по својот раскошен глас со кој ги пее македонските изворни песни. Животните околности во 2005 година го одредија нејзиниот животен пат кој продолжи од Битола во Торонто, Канада. Соња и таму продолжи со новинарството, но и со музиката. Заедно со својот сопруг се дел од многубројни манифестации за Македонците во Канада. Таа е и уредник на најстарото гласило за Македонците во Канада, „Македонија“. Ова лето Соња со своето семејство се вратија во родната Битола и беа дел од повеќе настани низ државата. Исто така снимија и два видео спота за двете нови песни, „Мојот живот“ и „Боже правда нема“. Ја искористивме приликата да поразговараме со Соња за посетата на Битола, животот во Канада, носталгијата за родниот крај…
Читај бе: Соња, да започнеме со она што сега е најактуелно. Твоето враќање во родниот град го искористи за да снимиш две песни и видео записи за нив. Кажи нешто подетално, за кои песни се работи и каде беа снимени?
Соња: Пред се поздрав до читателите на Читај бе, задоволство е да се биде во Битола, помеѓу своите, да се сретнат драгите лица, да се дише потпелистерскиот воздух, да се пие првото кафе на Широк Сокак. Нема поубаво чувство од тоа, само разделените од Битола, тоа најдобро го знаат. Како што спомнавте Соња Лозановска и Оливер Петковски, односно, Соња и Оливер Бенд од Торонто, Канада во изминатиот период ги подготвуваа двете нови песни „Боже правда нема“ и „Мојот живот“ кои веќе се наоѓаат како комплетни приказни на YouTube каналот.
Читај бе: Кој е автор на овие две песни? Која беше инспирацијата за нив и пораката која се испраќа?
Соња: Автори на музиката и аранжманот на двете песни се Дејан Момироски од XL студио и Борче Нечовски, а видео продукцијата е на : Art Video Production. „Боже правда нема“ е песна наменета пред се за Македонците од Егејскиот дел на Македонија, и ритмички и тематски и судбински ја опишува нивната мака. Во видеото со оригинална кореографија се претставува ФА ,„Гоце Делчев“ од Битола под кореографство на Бранко Жежовски. Видео спотот е сниман на повеќе локации низ Пелагонија, како и во манастирот Св. Петка во убавото битолско село Цапари. Втората песна „Мојот живот“ е автобиографска, роднокрајно носталгична песна чиј видео запис е реализиран на највпечатливите локации во Битола: Широк Сокак, Саат Кулата, Офицерскиот Дом… Благодарност до КУД Илинден од Битола за прекрасната староградска носија, како и на управата и вработените во Офицерскиот Дом во Битола. И во оваа песна битолчанецот Благојче Трајковски исполнува кларинет; маестро Дарко Илиевски хармоника, и виртуоџот Џелјо Дестановски зурла.
Читај бе: Вашиот престој го искористивте за гостувања на неколку манифестации низ државата. Како е да се настапува во родната земја со оглед на тоа дека живеете од другата страна на океанот?
Соња: Настапите во родната земја се секогаш највозбудливи, така беше и оваа година на 51-та иселеничка средба во битолското село Трново, традиционално организирана од здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, а по повод Илинден, каде што ја исполнивме новата песна „Боже правда нема“ и истата наиде на извонреден прием кај присутните.
Читај бе: Соња, веќе 18 години живееш во Канада. Претходно, беше препознатлива како водител на Актуел на ТВ Тера. Може ли да ни кажеш што работиш таму, за твојата работа, која е поврзана со новинарството…
Соња: По заминувањето од ТВ Тера, 9 години бев водител на македонската ТВ програма „Час на македонски корени“ која се емитува на мултиетничкиот канал ОМНИ 1. Од 2013 работам како уредник на месечниот весник „Македонија“, најстарото гласило на Македонците во Канада кое го прикажува животот и активностите на македонските заедници со цел за сплотување, информирање и зачувување на македонскиот јазик, култура и традиции.
Читај бе: Но, исто така и музиката е дел од твојот живот, така беше тука, но така е и во Канада. Кажи ни нешто за твоите настапи таму? Каде се настапуваш и што е она што нашите, Макеонците во Канада сакаат да слушаат?
Соња: За Канада заминавме како музичари на прославата на 35-годишниот јубилеј на радио програмата „Гласот на Македонија“ и оттогаш постојано сме помеѓу нашите луѓе на најразлични прослави од приватен карактер или организирани банкети и прослави по повод верски и други празници. Македонците таму се многу поносталгични, нивната разделба од родниот крај, придонела чувството на припадност и љубов кон родниот крај да биде особено изразено. Патриотизмот е нагласен и кога станува збор и за радост и тага, такви се и песните, пораките, стиховите.
Читај бе: Може ли да ни откриеш нешто за начинот на живот во Канада? Се дружите ли Македонците често?
Соња: Постојано сме помеѓу Македонците, животот во Канада иако различен од овдешниот по многу нешта, припадноста кон родот е нешто кое не прави стеќни и блиску. Во Канада живеат многу Македонци, та невозможно е да немаш пријатели, кои таму ја заменуваат и улогата на роднини.
Читај бе: Ја користите ли секоја можност заедно со сопругот и ќерката да се вратите во Битола? Колку ви недостига Битола и дали се навикнавте на животот во Канада?
Соња: Во Битола доаѓавме неколку пати по заминувањето и тамошните обврски со начинот и природата на нашата работа не дозволуваат да бидеме често во родниот крај. Но, сите подеднакво ја сакаме Македонија, Битола е нашиот дом и среќа. Ни’ недостига многу, но ние низ песни, преку сите активности се трудиме да го надоместиме и продолжиме она што го нема, а го заслужуваме и ние и татковината.
Читај бе: Што е она што најмногу ви недостига во Битола?
Соња: Најмногу ми недостига начинот на живот, концертите, случувањата, блискоста на институциите кои во Битола се на дофат, додека во Торонто е потребен и ден да се проследи само една активност. Недостигаат македонските уметници, да се биде блиску со своите за важни моменти. Ми недостига Битола од времето кога си заминав…
Читај бе: Дали ќерката ќе продолжи по вашите музички стапки? Сигурни сме дека го има музичкиот ген од своите родители…или пак ќе се определи за нешто сосема друго?
Соња: Нашата Александра има 16 години, игра македонски фолклор, свири пијано за своја душа, а дали амбициите се доволни ќе покаже времето. Ја сака Македонија, и многу сум среќна што доаѓајќи во Македонија има можност да научи многу и за нашите преокупации во минатото и за сегашните активности.
Читај бе: Што е она што го подготвувате за во иднина, планирате ли уште нови песни и гостувања во блиска иднина?
Соња: И во иднина би сакале да продолжиме со музички настапи, и да им дадеме време на новите песни да допрат до публиката. Читателите на Читај бе ќе бидат информирани за сите наши следни активности. Благодарам. Срдечни поздрави и многу успех во вашата работа.