Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно, задоволство е човек да ја слуша кога како бисер ги реди зборовите, битолски, архаични, за кои секој битолчанец треба да се запраша зошто не ги знае…Таа знае како дишел градот низ вековите, се инспирира од минатото и тоа толку вешто го пренесува што оној кој ја слуша не може а да не се соживее…

Силвана Петрова-Насух, автор, водител на безброј манифестации, наратор во голем број документарни филмови, битолчанка која го сака градот и тоа го покажува и докажува на секој можен начин.

Нејзината најголема болка е, како што вели во интервјуто, фактот што Битола незаслужено го изгуби својот сјај и својот статус во регионов.

298669 221631077903456 855182474 n

Од центар на една моќна Румелија, од магаза на сите можни влијанија од истокот и западот, од град во кој импортот на стоки од цел свет беше секојдневие, од народ на кој често му се поклонуваа различни екселенции и проминиенции денес станавме касаба која едвам наликува на себе“, вели Силвана.

Читај бе: Силвана, ти си дел од повеќето манифестации кои ја слават традицијата и историјата на Битола. Кога прв пат застана на сцената и што значи тоа за тебе?

Силвана: Моите почетоци на сцената се врзани за моите школски денови кога од рана школска возраст беше забележан мојот талент за рецитирање и со текот на годините беше поттикнуван и надоградуван. Тоа продолжи со членување во Поетскиот театар за време на средношколските денови и некако замре за време на моето студирање, кое беше надвор од Македонија. Кога се вратив од студии, продолжив со она што најдобро го знаев…рецитирањето. Концерти, фестивали, манифестации, различни сцени, различни сценарија, сум работела со многу тимови и секогаш сум се трудела да го извлечам најдоброто  од себе. И да…сепак најмногу се наоѓам себе си во манифестации кои ја слават историјата на мојата Битола. Кога го пишувам конфересието за таквите манифестации духовно се чувствувам како дома, сé е мое, сé ми е познато и мило и затоа таквите манифестации ги сакам најмногу. Таму сум најповеќе своја, се дарувам најмногу, најмногу се препознавам и најмногу ме препознаваат. Кога со своите стихови ја рашетувам публиката низ Јени маале, Широк сокак, Тумбе кафе, Пекмез  чаршија, низ сокаци и чикмаци, кога заедно поминуваме низ познати локации кои веќе ги нема  во нивните очи ја гледам нивната носталгија, ја чувствувам нивната воздишка како се опива од слаткиот шербет на носталгијата….

299879092 10221259328220705 8240807029663354969 n

Читај бе: Кога те слуша човек, не може, а да не се соживее со начинот на кој го пренесуваш она што го читаш. Кажи ни, кога се појави љубовта кон рецитирањео и пишаниот збор?

Силвана: За да се соживеете со раскажувачот кој стои пред вас, треба приказната прво да помине низ неговата душа, да се натопи со неговите емоции, да биде обликувана од неговите чувства, и кога таквата приказна ќе потече од него таа е интересна за доживување, таа е блиска до вас и можете да се соживеете со неа. Кога ја рецитирав песната „Егејска балада” од Славко Јаневски публиката плачеше со мене, затоа што јас прво ја исплакав судбината на таа мајка која ги губи двата сина во војна, и не ми е тешко таа емоција  да ја пренесам на сцена затоа што е вистинска, силна, блиска, ќе протече солза на сцена, солза искрена болна….Но јас сум таа која ја доближала таа приказна до вас, и ако заплачете во публика значи сме ја допреле таа болка и сме го разбрале авторот што сака да ни раскаже. Рецитирам уште од основно образование и затоа голема заслуга има мојата учителка Вида Василева, вистински педагог кој знаеше во секој од нас да го препознае она најдоброто и да не поттикне да се развиваме. Читањето на книги ми ја всади љубовта кон пишаниот збор, а сепак на крајот изградив сопствен стил на пишување кој е уникатен за жена, и доста препознатлив за мене.

11

Читај бе: Она што е специфично за тебе е користењето на битолските стари изрази, а во сегашно време, поголем е делот на оние кои го знаат нивното значење…те прашуваат ли често за ова?

Силвана: Кога пишувам песни  или сценарија за концерти и кога имам слобода или се тематски врзани за овој град тогаш се трудам да ја доловам автентиката со употреба на зборови кои се користеле  во минатото на овие подрачја затоа што тие се зачинот кој на сета приказна и дава посебен шмек. Тоа се зборови со кои сум растела, кои ги употребувам секојдневно, кои ги пренесувам на помладите генерации, тоа се зборови кои најдобро и најмолизвучно ја раскажуваат градската приказна за Битола. И навистина каков сте битолчанец ако не станете саба-саба и си го земете чибукот и чакмакот, па со газета во раце не седнете на кафе на сокакот широк, да се скрши по некој лаф муабет со еснафот за да тргне денот и да се стори чешит. И така таму додека се надмудрувате со акалот и ксметот домашните ќе ви сторат абер дека сталот ве чека по адет битолски: ракија бардаклија со зелка туршија, па после јанија  или турли тава, за крај шекер паре или алва талија….. Се случува понекогаш на крај на некој концерт да ме прашаат за толкување за некое зборче, а во една прилика ми препорачаа на влез пред почетокот на концертот да поделам по некој речник со староградски изрази…..ќе размислам и за таа опција, белки многумина ќе научат по некој збор…градски.

290769 185058861560678 1858006 o

Читај бе: Од кога започна твојот интерес за историјата на Битола, обичаите, луѓето…

Силвана: Тој интерес е присутен одсекогаш од кога знам за себе. Растена сум во староградско јенимаалско семејство, во кое се паметело одавнина  и се раскажувало за случки кои им се случувале на генерации пред мене, се одржувале традициите, адетите, визитите,  се пееле песни и се учеле ората од најрана возраст. Таа љубов продолжи и доби нови перспективи кога почнав да работам како преведувач од англиски јазик во Завод и Музеј Битола, кога се среќавав со текстови за Битола кои за мене откриваа една нова димензија за градот. Пишувањето на сценариото за документарниот филм  “Војникот Рајан од Битола”  од мене бараше многу истражување за тоа што се случувало за време на Втората Светска Војна во Битола, како се живеело, кои се фронтови беснееле на ова подрачје. Интересно ми било кои се влијанија се преливале низ улиците на Битола и што тие донеле со себе, што промениле низ градот.посебен интерес кај мене будат адетите битолски кои се практицираат во различни пригоди.

282317665 5283675628359056 1941298322780614376 n

Читај бе: Освен рецитирањето, своите емоции ги пренесуваш и на хартија. Твојата книга поезија „Полноќна прошетка“ ја отсликува твојата љубов кон Битола. Подготвуваш ли нешто ново, некое твое авторско дело во иднина?

Силвана: „Полноќна прошетка“ беше мојата  прва одушка  на љубов кон Битола пренесена на хартија. Книга во која нема ништо друго освен љубов кон Битола. Насловната песна ја напишав за време на моите студии кога Битола најмногу недостигаше и болеше. А другите песни се нижеа полесно…сами од себе. Одбирав тема која ми се чинеше дека е битолска, а такви инспирации низ Битола имате на секој чекор и пишував, а зборовите излегуваа сами, јас само едноставно  ја отворав душата, а прстите се сторија гудало и потече таа милозвучна прошетка за која верувам дека сеуште  ја паметат  оние кои беа на промоција на книгата затоа што се потрудив да биде надополнета со градски амбиент и прекрасните чупи на КУД Илинден – Битола. За да биде симата на книгата уште поинтересна книгата нема тврд повез туку нејзините страници се штампани врз слики и разгледници  од стара Битола, па некако го надополнуваат задоволството додека ја читате. Се надевам дека и моето идно дело ќе ја задржи оваа карактеристика…ќе видиме наскоро.

281675950 5283673871692565 577111835452366728 n

Читај бе: Го има ли Битола истиот тој сјај од порано? Колку битолчани ги почитуваат традициите од дедо и прадедо? Или пак модерното време ги потисна и ги турна во заборав…

Силвана: Ако ме прашате за мојата најголема болка, ќе ви кажам дека тоа е фактот што Битола незаслужено го изгуби својот сјај и својот статус во регионов. Од центар на една моќна Румелија, од магаза на сите можни влијанија од истокот и западот, од град во кој импортот на стоки од цел свет беше секојдневие, од народ на кој често му се поклонуваа  различни екселенции и проминиенции денес станавме касаба која едвам наликува на себе. И не го прифаќам објаснувањето дека тоа е последица на економската криза, попрво би рекла дека тоа се миграциите кои со себе во градов ги истоварија своите фрустрации и уште полошо, ги наметнаа како облик на новото нормално.  Традициите се губат, адетите се забораваат, намузот се топи и ни се лизга низ раце, полека но сигурно се трансформираме до непрепознатливост. Не ги турна новото време традициите во заборав, ги турнаа оние кои не ги знаеја, не ги разбираа затоа што не беа родени и растени со нив.

224426974 10159481548785929 7318828532945683809 n

Читај бе: Колку според тебе битолчани го знаат минатото на својот град и го почитуваат?

Силвана: Малку. Тоа го има во приказните ако имате кој да ви ги раскаже. Во образованието се многу малку застапени, медиумски уште помалку, ќе блесне по некоја кратка репортажа на телевизија  со исто врметраење како за некоја маргинална локација во Македонија и толку. …. Новите генерации полека го губат интересот за тоа, веројатно затоа што стимулацијата е мала или скоро никаква, а понекогаш задоцнета. Оние кои по нешто и знаат се уморни да пишуваат и раскажуваат. Треба под итно да најдеме начин тоа да го промениме. Имаме потенцијал, но тој треба да се анимира, интензивно да се форсира низ многу облици. Кога ќе ја научат историјата на својот град идните генерации ќе го сакаат, ќе го почитуваат ќе се соживеат со него.

50474494 2941792735846129 6490100977629134848 n

Читај бе: Колку е битно да ја спомнуваме постојано историјата на овој град страдалник, градот кој некогаш бил пред своето време?

Силвана: Најбитно. Тоа е исто како да погледнувате надолу кон вашиот корен, кон вашето тло и знаете каде стоите, кои сте и како понатаму. Овој град добива малку од она што го заслужува. Маргиналци го ранат со трошки, а тој гладува по себе. Овој град има томови неиспишана историја, милиони нераскажани стории за безимени херои кои не заслужуваат да бидат заборавени. Градските приказни на Битола се раскажуваат низ различни медиуми, некогаш тоа се ората и песните, чалгијата  и модата ала франга и ала турка, некогаш тоа се патеписите на Евлија Челебија и романите на Костов, војникот Рајан од Битола гласно  ја раскажуваше приказната  за Битола во Нормандија пред илјадници ветерани, Стерјовски и Такец сé уште имаат недоиспишани стории… и сето тоа е  малку. Од Велушка тумба, преку Хераклеја до Историскиот архив во Битола, има историја за која е малку еден човечки век да се исчита. Таква е нашата Битола

282239486 5283674465025839 1681780917285465728 n

Читај бе: Каде во сето ова се вклопува твојата професија, работиш во дијагностичка биохемиска лабораторија? Се наоѓа ли некоја инспирација во разните судбини на луѓето?

Силвана: Мојата професија е мојата втора љубов на која секогаш  и пристапувам со огромен ентузијазам и желба да се помогне. Успевам да ја одделам од другите активности  и денот на работа да биде посветен професионално  и  целосно  на она што од мене го бара мојата професија. Имам одговорна професија, која во секојдневните активности  а и со последнава пандемија бараше огромен ангажман. Луѓето во мојата професија,  доаѓаат и си одат со своите судбини, често се нивните приказни се инспиративни, маката голема, не дека нема по некоја насмевка и добра вест. Сепак моја најголема инспирација  останува и натаму да биде Битола и нејзината историја и  традиција.

Реализиран проект на КИЦ: изложба на македонски и канадски графички уметници во Битола и Торонто
Културно информативниот центар од Битола оваа година реализира капитален проект од графичката …
Излезе од печат 13. број на Списанието „Современи дијалози“
Излезе од печат Списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и …
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…