Благородна и хумана работа. Вака наједноставно може да се опише работата на еден личен асистент на лица со попреченост. Асистентите за едно со своите корисници го одат патот на искушенијата од секојдневниот живот, има даваат поддршка, мотивација да направат нешто што никогаш досега не го направиле.
Токму Марија М. Спиркоска од Битола инспирирана од својот сопруг кој долги години го работи ова, започна да биде дел од животот на лицата со попречености и како нивни личен асистент да им помага за нивните основни потреби. Но, оваа работа не е само сувопарно помагање. Како што вели Марија, она што го работи како бумеранг се враќа со радост на душата кога ќе ја види исполнетоста во очите на лицата кои имаат потреба од овие асистенти.
Овие лица немаат „посебни потреби“. Тие имаат исти потреби, само им е потребна помош при реализирање на истите, дополнува таа.
Токму ова беше причината да поразговараме со Марија и да ни открие нешто повеќе како е да се биде личен асистент на лица со попречености.
Читај бе: Марија, Вие сте личен асистент на лица со попреченост. Кажете ни, како се решивте да ја работите оваа благодарна и хумана работа?
Марија: Во моето семејство овој тип на работа има повеќедецениска традиција од една страна, а благодарение на коронавирусот пак од друга страна, фирмата во која работев мораше да престане со работа. Двете наведени причини ме поттикнаа да се вклучам во обуките за лични асистенти, а со тоа да се стекнам со сертификат за личен асистент на лица со попреченост. На тој начин почнав да ја работам оваа благородна и хумана работа, која како бумеранг ти враќа со радост на душата секогаш кога ќе видиш исполнетост во очите на лицата кои имаат потреба од тебе.
Читај бе: Што е потребно за да се биде личен асистент на лице со попреченост? Кои се Вашите обврски? За што им помагате?
Марија: За да се биде личен асистент на лице со попреченост, како прво и основно потребно е да ја сакаш таа работа, да ги разбираш како функционираат и да бидеш покрај нив во реализирањето на нивните потреби, да бидеш трпелив и позитивен, а како второ потребно е да поседуваш сертификат за завршена обука за личен асистент на лица со попреченост.
Обврските на личниот асистент воглавно се однесуваат на помош при задоволување на основните потреби на лицата со попреченост. Многу луѓе мислат дека лицата со попреченост имаат „посебни потреби“, но нивните потреби се истите потреби кои ги има секој човек, само нив им е потребна помош во реализирањето на истите. Како на пример, секаков вид на помош во домот, помош во реализирање на набавки, придружба за прошетки, до институции, здравствени установи, клтурно-уметнички настани и сл. Секако, пожелно е да делуваме и мотивационо, да ги поттикнеме да се впуштат во некоја активност во која не би се осмелиле самите.
Читај бе: Колку им значи на овие лица помошта која ја добиваат?
Марија: Помошта која лицата со попреченост ја добиваат од личниот асистент е непроценлива. Со нашата помош тие чувствуваат голема сигурност дека нивните потреби ќе бидат задоволени и важно е да се нагласи дека нивните потреби се вистински без претерување во тоа.
Читај бе: Но, не сте само Вие, туку и Вашиот сопруг исто така е личен асистент за лицата со попреченост…како се усогласувате со обврските?
Марија: Мојот сопруг ја работи оваа работа официјално на овој начин од 2018 година, а приватно од 1994 година. Како што кажав и погоре, тој беше и мојата инспирација за и јас да се вклучам во оваа благородна и хумана работа. Мојот сопруг во себе има некој посебен пристап кој го стекнал во повеќе годишното работење, која на лицата со попреченост им дава невидена сигурност во секоја смисла на зборот. Тој и мене ми ја дава најголемата поддршка, како искусен во својата работа ме подучува како треба да постапувам и ми помага кога и да ми треба некаква помош. Обврските ни се различни и во различен период од денот, но доколку се јави потреба, знаеме да си помогнеме.
Читај бе: Како семејство давате една силна порака дека секој од нас може да придонесе за подобро функционирање на лицата со попречености. Колку мислите дека со она што го правите ќе ја подигнете свеста кај другите?
Марија: Како поединци и како семејство се трудиме да дадеме сопствен пример како да обезбедиме се она што го бараат нашите корисници, но организациски и системски поставеноста на личната асистенција е на слаби основи. Многу институции не ни знаат дека постоиме, а и реално нашата работа е невидлива. Тоа создава еден вид револт кај нас асистентите и кај корисниците кои на некој начин чувствуваат несигурност во поглед на добивањето на овој тип на помош од страна на државата. Имено, многу од нас токму поради овие причини се впуштаат во барање на работа која нуди сигурност. Бидејќи работиме на база на годишни договори на дело, наместо тоа да биде регулирано како редовен работен однос и ова да прерасне во сервис кој би му бил достапен на сите корисници во поголем дел од денот, како и за викенди и празници.
Читај бе: Сте биле ли сведок на некои непријатни ситуации кои се секојдневие за лицата со попречености? Како реагирате во такви моменти?
Марија: Во моето досегашно работно искуство од неполна година, не сум се сретнала со некои особени непријатности, но доколку би се сретнала, сигурно би реагирала прибрано, смирено и секако со позитивен став, како и мојот корисник би останал смирен и сигурен дека се ќе си дојде на свое место.
Читај бе: Но, веруваме дека сигурно имало и ситуации кои инспирирале многумина…како реагираат блиските на она што го правите?
Марија: Имаме потполна поддршка од нашите блиски и од блиските на корисниците, но најважно е тоа што корисниците чувствуваат големо задоволство и сатисфакција.
Читај бе: Кој се може да биде личен асистент на лица со попреченост? Што треба да се направи?
Марија: Личен асистент на лица со попреченост може да биде секое полнолетно лице кое има желба за овај тип на работа, со барем завршено средно образование, а мора да поседува и сертификат за завршена обука, која е во организација на Црвен Крст Македонија.
Читај бе: И на крај, доколку може да испратите една порака до битолчани?
Марија: Бидете покоректни во однос на лицата со попреченост. Почнувајќи од односот на улица, јавните установи, културните настани и вклучувањето во оштествено политичкиот живот. Ова е од причина што не е доволна само инфраструктура за овие лица и помошта која ние асистентите им ја пружаме, треба сите да бидеме свесни дека овие лица се дел од нашиот град и дека секој од нас е потенцијално лице со попреченост.